за

BMW продаде 100.000 електрични возила за три години

По три години од стартот на подмарката BMW i, Баварците го прославуваат стотилјадитиот автомобил со електричен погон, вклучувајќи ги и плагин хибридите. До крајот на деценијава ќе има уште пет нови модели со електрифицирана погонска спрега во понудата на групацијата BMW.

За тригодишнината од основањето на „електричната“ подмарка BMW i, групацијата веќе го има првиот голем јубилеј за одбележување. Вклучувајќи го Mini, групацијата BMW досега продаде над 100.000 возила со електричен или плагин-хибриден погон. Само компактниот BMW i3 се продаде во повеќе од 60.000 примероци од ноември 2013, а ниту спортскиот хибрид i8 не мора да се сокрива пред конкуренцијата со над 10.000 продадени примероци од средината на 2014 година. Бројката ја заокружуваат 30.000 плагин-хибриди под значката iPerformance, коишто ја делат соодветната техника со моделите од BMW i.

Четири од пет сопственици на i3 претходно не поседувале автомобил од BMW

Шефот Харалд Кригер веќе го најавува следниот технолошки чекор со iNext, со когошто германскиот производител на премиум возила ќе постави нови стандарди во автоматизираното возење. Купувачите несомнено имаат доверба во технологијата на BMW. Повеќе од 80 проценти, што значи четири од пет сопственици на BMW i3, за првпат поседуваат автомобил со сино белата марка.

BMW i3, BMW i8

Во моментов групацијата има седум модели со електричен погон, односно чисто електрични возила или плагин-хибриди. До 2021 година, BMW ќе претставува најмалку по еден модел со електричен погон годишно, со прогресивен тренд во имплементацијата на електриката во погонската спрега. Следната година почнува продажбата на плагин-хибридот Mini Cooper S E Countryman All4, во 2018 година пристига BMW i8 Roadster како отворена варијанта на спортскиот хибрид i8 и веројатно со уште неколку промени во погонот.

Во 2019 година Mini повторно ќе биде достапен во електрична верзија, во 2020 година е редот за BMW X3 со погон на струја. Почетокот на следната деценија за BMW соодветно ќе го означи нов модел од семејството „i“, спортска лимузина BMW iNext, за когошто Германците само наведуваат дека ќе ја воведе следната голема иновација во нивната понуда и ќе претставува технолошки предводник на BMW i. Изгледот и дел од технологијата со коишто ќе располага овој модел беа веќе најавени со концептот BMW Vision Next 100.

[FAG id=26139]

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Генијален уред за запирање џипови во бегство од полицијата

Во Швајцарија отворена првата пумпа за точење водород