за

Audi TT Roadster: Отворен за спорт

Компактното купе на Audi ќе го симне покривот пред публиката во Париз. Каросеријата во комбинација од челик и алуминиум е дополнително зајакната, најсилната верзија TTS вози со 310 КС.

Родстер изведбата од Audi TT е исто толку брза и темпераментна како купето, единствено нема покрив. Тоа е сепак голема разлика, покрај поинтензивното доживување на брзината и моќта кога покривот е собран зад седиштата. Веднаш по почетокот на продажбата на купето TT и TTS, Баварците ќе ја претстават родстер изведбата на салонот во Париз, во следниот месец. Двоседот со платнен покрив ја има истата техника како спортското купе, со таа разлика што каросеријата од челик и алуминиум, исто како и подвозјето, добија дополнителни зајакнувања заради отсуството на покривот. Заради поголем цврстина, во предните столбови од алуминиум се вметнати челични цевки.

Со затворен покрив, родстерот постигнува примерна вредност на отпор на воздух од 0,30, а поседува и посебна звучна изолација за намалување на бучноста од ветрот при возење со повисоки брзини. Платнениот покрив се собира во одвоена алуминиумска преграда и поради тоа не одзема простор од багажникот со волумен од 280 литри. Отворањето и затворањето на покривот траат 10 секунди и тоа може да се изврши при брзини до 50 km/h. Инженерите посветија особено внимание во олеснувањето на конструкцијата на покривот и користеа алуминиум и магнезиум, покрај челик.

На списокот на дополнителна опрема се наоѓа ветерна брана што се исправува со притискање на копче, како и спортски седишта со грејачи околу главата. Двата челични лака зад седиштата се стандард. Останатите детали од опремата, вклучувајќи го и виртуелниот кокпит, се идентични со TT Coupe. Место аналогни инструменти, пред возачот се покажува огромен дисплеј, на когошто може да се избере, на пример, приказ на навигациска карта по целата површина. Дополнителен дисплеј во средишната конзола не постои, сите информации сега се прикажуваат директно во видното поле пред возачот. Кај најмоќниот TTS може да се избере и приказ само на бројачот на вртежи во целата инструмент табла.

Три мотори се нудат за компактниот родстер на Audi. Сите поседуваат турбонатполнење и заедничка зафатнина од два литра. Бензинецот вози со 230 КС во стандардната изведба, дизелот со 184 КС. Најсилната верзија е TTS со 310 КС, којашто спринтува до сто за 4,9 секунди. Погонот на сите тркала е стандард во оваа верзија, а кај послабите верзии може да се добие со доплата. Преносот на сила се врши преку шестстепен мануелен менувач или менувач со двојна спојка, исто така со шест степени, којшто поседува функција на „едрење“, односно автоматско ослободување на врската меѓу менувачот и спојката при отпуштање на гасот.

Една од најинтересните опции во списокот на дополнителна опрема се амортизерите со магнетизирачки честички, преку коишто се одредува тврдоста на подвозјето, а со тоа и агилноста во возењето. Основната изведба со 210 КС на германскиот пазар чини 37.900 евра, продажбата стартува веднаш по салонот во Париз, а напролет во салоните ќе се појави и спортската верзија TTS.

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Dacia Duster и Sandero во лимитирана серија

Синот на Шумахер е светски вицешампион во картинг