за

Шефот на Мерцедес заработува повеќе од своите главни соперници

Платата на Ола Келениус за 2023 година е повисока од платата на колегите Ципсе и Блуме, во БМВ и Фолксваген.

Швеѓанецот Ола Келениус, прв човек на групацијата Мерцедес-Бенц АГ, бил најдобро платен извршен директор во германската автомобилска бранша во минатата година. Заработката на колегата Оливер Ципсе, шефот на БМВ, била значително помала. Постојат причини за тоа.

Извршниот директор на групацијата Мерцедес-Бенц, Ола Келениус, во минатата година заработил 12,7 милиони евра. Со тоа, шефот во Штутгарт се вбројува меѓу најдобро платените врвни менаџери на компании што го сочинуваат германскиот берзански индекс Дакс. Во светски рамки, постојат автомобилски шефови што заработуваат уште повеќе.

Германската економија во моментов подзабавува, меѓутоа автомобилските концерни во минатата година постигнаа пристојна заработка. Тоа се огледува и кај платите на раководителите на концерните.

Најголем скок има шефот на Мерцедес, Ола Келениус. Со 12,7 милиони евра, тој е во голема предност пред своите колеги. Во споредба со 2022 година, заработката на Келениус пораснала за 80 проценти. Тогаш шефот заработил 6,58 милиони евра.

Главната причина за астрономскиот скок на заработката на Келениус е позитивното движење на вредноста на акциите. Таа во форма на фантомски акции влијае при пресметувањето на платата. Станува збор за доделување на имагинарни хартии од вредност, со коишто се поттикнува шефовите да го развиваат бизнисот на својата компанија.

Втората причина за растот на платата на штутгартскиот авто-бос е новата метода на пресметување на платата. Бонусот сега се исплатува на годишно ниво, исто како кај останатите берзански компании од Дакс. Според тоа, Келениус искористи од исплата на двојна премија, којашто претходно се исплаќаше на секои две години.

Тој пред неколку години вети дека ќе донира сé што ке заработи над 10 милиони евра. Компанијата потврди дека шведскиот шеф ќе го исполни ветувањето, без да наведува подробности. Тоа било „приватна работа“.

На второ место е шефот на Фолксваген, Оливер Блуме, кој воедно е прв човек и на спортската марка Порше, со којашто раководеше уште пред да стане прв човек во Волфсбург. Менаџерот на свои 55 години раководи со две Дакс-компании, но му се исплаќа само половина од платата. Тој ја зголеми својата плата за близу една третина во споредба со преклани, со 9,71 милиони евра, меѓутоа пак е под прагот од десет милиони.

Блуме заработува далеку помалкку од неговиот претходник Херберт Дис, којшто со бонусите во најдобите времиња заработуваше по 12,8 милиони годишно. По Блуме, највисока заработка во концернот има шефот за персонал Гунар Килиан, кој воедно раководи и со бизнисот со камионите. Тој за 2023 година заработил 6,2 милиони евра.

Блуме повеќе не е меѓу највисоко платените шефови во Порше, само поради тоа што е ангажиран на скусено работно време. Вкупната плата со сите додатоци изнесува 3,2 милиони евра. Во управата на Порше АГ, најдобро платен менаџер е заменикот на Блуме и шеф на финансии, Луц Мешке. Заедно со пензиско осигурување и сите бонуси, тој заработил 4,0 милиони евра, што е за близу еден милион повеќе од Блуме. Дополнително на тоа доаѓаат уште 824.000 евра од неговата работа како претседател за удели во Порше СЕ.

По Блуме, следи шефот на БМВ, Оливер Ципсе, кој за 2023 година според извештајот за плати заработил нешто помалку отколку преклани. Неговата плата изнесува 8,2 милиони евра, наспроти 10,5 милиони евра во 2022 година. Основната плата изнесува 1,95 милион евра, остатокот се преесметува од варијабилни компоненти, како што е на пример постигнување одредена цел или надминување одредена вредност на акциите. Кај Ципсе е спротивен случајот од Келениус. Тој лани профитирал од долгорочна исплата на премии.

Новиот шеф на Ауди заработи 1,5 милион евра

Шефот на Ауди, Гернот Делнер, исто така заработил пристојно, иако е во служба кусо време. Како шеф на групата марки Прогресив во концернот Фолксваген, тој заработил 1,5 милион евра, иако почна на новата работа дури на 1-ви септември 2023.

На претходникот Маркус Дисман за 2023 година му беа исплатени 3,8 милиони евра. Во концернот Фолксваген, членовите на управните одбори стандардно заработуваат над четири милиони евра. Томас Шефер, како прв човек на матичната марка Фолксваген, заработил 4,3 милиони евра.

Во светски рамки, платите на германските босови излегуваат скромни. Шефот на Стелантис, концернот на Пежо и Фиат, Карлос Тавареш, во минатата година заработи 36,5 милиони евра. Тоа е за 56 проценти повеќе од преклани. Шефицата на Џенерал Моторс, Мери Бара, во 2022 година заработи 30 милиони долари. За 2023 година, уште не се објавени бројките. Првиот човек на Форд, Џим Фарли, лани заработил 20 милиони долари.

 

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Кинески Липмотор ќе произведува малечки електрични автомобили во Полска

Електричниот Ситроен со субвенциите во Австрија чини 19.500 евра