за

Кинески Липмотор ќе произведува малечки електрични автомобили во Полска

Липмотор, кинеската марка во концернот на Пежо и Фиат, има намера да произведува малечки електрични автомобили во фабриката во Полска

Моделот Т03 веќе се увезува на неколку европски пазари, меѓу другото во Франција, со цени што почнуваат од 20.000 евра.

Стелантис располага со ексклузивни права да ги произведува, извезува и продава автомобилите на Липмотор надвор од Кина. Тоа е прв таков случај со голем производител на автомобили од Западот.

Електричните возила на Липмотор ќе се произведуваат во фабриката на концернот Стелантис во Тихи, Полска. Тоа за Ројтерс го изјавија две лица што се упатени во плановите во концернот.

Првите примероци од електричното мини Т03 на Липмотор би можеле да почнат да излегуваат од фабриката веќе кон завршетокот на јуни. Оваа брза реакција може да се постигне на тој начин што во полската фабрика ќе се врши завршна монтажа на возила од полуготовите модули (СКД, семи нокд даун – систем) што ќе се испорачуваат од Кина.

Тихи ќе обезбеди ниски трошоци за производство на моделот што е конструиран со цел да биде достапен за широк круг купувачи. Изворите на информацијата не го откриваат својот идентитет, затоа што деталите уште не се објавени.

Стелантис ја избра полската фабрика за својот кинески партнер, како дел од заедничкиот проект што двете компании го потпишаа лани.

Во фабриката на југот на Полска долго време се произведуваат автомобили на Фиат. Тихи произведува повеќе модели од марките на концернот Стелантис, вклучувајќи ги Фиат 500 и Фиат 600, како и Џип Авенџер и новата Алфа Ромео Милано, што јавноста ќе ја види првпат во следниот месец.

Со досег од 280 километри, Т03 веќе се увезува на неколку пазари во Европа, меѓу другото во Франција, кадешто електричното мини почнува од 20.000 евра. Моделот ќе му помогне на Стелантис да ја збогати понудата од достапни модели со електричен погон и да се натпреварува со Дачиа Спринг и БИД Сигал, два електрични модели што се произведуваат во Кина.

Концернот на Пежо и Фиат во октомври откупи 21 проценти удел во акциите на Липмотор, во вредност од 1,5 милијарда евра. Како дел од договорот, двата производители основаа заедничка компанија, којашто на Стелантис му обезбедува ексклузивни права да ги произведува, извезува и продава моделите на Липмотор надвор од Кина. Тоа е прв случај, голем производител од Западот да добие такви права.

Кинеските власти месецов ја одобрија заедничката компанија, во којашто Стелантис располага со дел од 51 проценти.

Липмотор месецов објавија дека веќе е оформен тим од извршни менаџери. Наскоро во Германија, Франција, Италија и Шпанија ќе започне продажба на уште еден модел од кинескиот производител, на СУВ-моделот Ц10. Тоа е прв електричен модел на Липмотор што е конструиран посебно за извозните пазари.

Липмотор Ц10

Кинеските производители доаѓаат на европскиот пазар со цела низа електрични автомобили од пониските ценовни сегменти. Тоа ги предизвика традицоналните европски производители да го забрзаат развојот на подостапни модели со електричен погон.

Во трговијата меѓу Кина и Европската Унија владеат затегнати односи, откако Унијата отпочна истрага околу тоа, дали кинеските производители на автомобили добиваат помош од државата, со што се прекршуваат правилата на чесна трговија.

Кинеските производители планираат да градат фабрики за монтажа на возила во Европа. БИД веќе објавија дека ќе градат фабрика во Унгарија, додека соперникот Чери Ауто проверува можности за слична инвестиција во Италија или Шпанија.

Извршниот директор на Стелантис, Карлос Тавареш, во минатиот месец најави можност концернот да произведува електрични автомобили со техниката на Липмотор во Европа, Северна Америка или на други пазари, каде што се потребни модели со цена што ќе им конкурира на кинеските производители на електрични автомобили.

Во почетокот на годинава беше објавено во медиумите дека Стелантис има намера својот фабрички комплекс Мирафиори, во Торино, Италија, да го користи како европска база за производството на автомобилите на Липмотор, со планирана годишна продукција од 150.000 возила.

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

ТЕСТ: Сангјонг/КГМ Мусо Гранд · Класика нова од салон

Шефот на Мерцедес заработува повеќе од своите главни соперници