за

ТЕСТ: Сангјонг/КГМ Мусо Гранд · Класика нова од салон

Една категорија возила минува поштедена од сите трендови за електрификација, дигитализација и автоматизација, и попривлечна е од кога било досега. Тест на СангЈонг/КГМ Мусо Гранд, пикап со класични вредости.

Во последниве години, пикапите, или можеби е поверно да се каже камионетите, добија сосем друга димензија. Тоа не важи за нивните физички големини, затоа што тие и натаму се меѓу најдолгите, највисоки, најшироки и најстрашни возила за Б-категорија по патиштата, туку важи за временската димензија. Некогаш под марката СангЈонг, денес под КГМ, Мусо е пикап каков што треба да биде. Тој вози во друга временска димензија.

Кој ќе се обиде да ги издвои моделите што денес ги овозможуваат класичните вредности на возачкото уживање, нема потреба да гугла. Први што се издвојуваат, секако се Морган и Лада Нива, тука некаде се Тојота Ландкрузер Ј70, Г-Класа и Сузуки Џимни, секако не се за изоставување Донкерворт и Катерам. Сите тие се автомобили за уживање. Во повеќето случаи, тоа се скапи автомобили со ограничена применливост во секојдневието. Една категорија возила допрво се приклучува на ова фино друштво. Пикапи, точно како СангЈонг Мусо, односно по ново КГМ Мусо.

Во САД, во Југоисточна Азија, со Индонезија, Филипини, Малезија, Тајланд, во Јужна Америка, со Бразил, Аргентина и Колумбија, како најголеми пазари за пикапи, секако и Австралија, на оваа категорија возила се гледа поинаку. Тоа е практично основниот вид на превоз во тие региони од глобални размери. Пикапот е нивниот „голф“.

Во Европа е сосем различна улогата на пикапите. Ако се изземе делот од продажбата што отпаѓа на државни фирми, градежници, земјоделци и занаетчии, останува еден мал дел каде што пикапот е луксуз на изборот. Во категоријата на цени од околу 35.000 евра, човек има широк избор. Лимузини од средна класа, семејни СУВ, можеби по некој спортски кросовер.

Токму отсуството на таа „навика“ на Европа да купува пикап, ја воздигнува оваа категорија на возила во луксуз. Сé e „филм“. Не им е тешко на пикапиве да убедат човек. Рачките на вратите не се впуштени за да не ѝ пречат на аеродинамичноста, туку се рачки во полн форма, до седиштето се доаѓа по скала, во предните столбови е стандардната дршка. Кога човек конечно ќе се најде зад воланот, чувстото е како да треба да се појде на мисија – авантуристичка, истражувачка, уживателска.

Мотото во добар пикап е: Колку може поедноставно, толку подобро

Дека е на вистинското место, човек сфаќа најдоцна кога ќе го заврти клучот. Секако дека во повисоките нивоа се вградува и копче за старт, меѓутоа клучот е пофината варијанта. Таа традиционална вибрација што се чувствува низ возилото ќе израдува многумина. Моторот е вграден надолжно, менувачот е практично под нозе и преку карданско вратило ги пренесува њутнметрите до задната оска, клиповите имаат долг óд, речиси 10 сантиметри. Тоа е најкласичната од сите класични погонски конфигурации.

Долу е силна рамка, со профили дебели колку железнички шини. Мусо, односно Мусо Гранд, како што се означува изведбата со продолжен товарен простор, ја дели основата со престижниот СУВ-модел Рекстон. Постојат и други разлики меѓу Мусо и Мусо Гранд, освен тоа што вториов има меѓупоскино растојание зголемено за 11 сантиметри и товарен простор подолг за 30 сантиметри. Додека Мусо има задна оска со повеќе водилки – мултилинк, заедно со навојни пружини, кај Мусо Гранд во корист на зголемената носивост се користи задна оска со листести пружини.

 

View this post on Instagram

 

A post shared by Automedia.mk (@automedia.mk)

Тоа додава дополнителна класика во возачкото искуство. Добрата страна е тоа што за разлика од други пикапи, опашот при патна брзина не неагира нервозно на нерамнини, кога нема товар и нема патници назад, туку пак задржува одредена софистираност. Околу возните својства секако не смее да се очекуваат чуда, затоа што назад работи листеста пружина, но може да се биде спокоен, затоа што будна контрола на стабилност е стандард исто како кај семејна лимузина.

Посебно радува прецизноста и општо софистицираноста во управувањето. Тоа внесува благородност и задоволство во возачкото секојневие, и се чувствува и во град, и по брз кривулест пат. Возните својства се одликуваат со балансираност и предвидливост, нема проблеми околу стабилноста.

Околу потрошувачката, секоја вредност под десет литри е одлична вредност – Мусо Гранд спушта и под тоа, осумка пред запирката не е исклучок

Уште едно нешто што остава посебен впечаток е најважното кај еден автомобил – моторот. Тука работи познатиот 2,2-литарски дизел со раскошни 202 КС и 400 њутнметри, во комбинација со 6-степен мануелен менувач, односно +40 њутнметри во комбинација со јапонски автоматик од Аисин. Фината работа на дизелот е како музика за технички поткованите заљубеници. Сé тоа е резултат од висок притисок на комон-раил, инјектори со повеќе млазници и сложена стратегија на впрскување. Пријатната острина и рамномерниот звук, посебно кога ќе се притисне посилно врз гаста, го заокружуваат позитивниот впечаток.

Мусо во основата е теренски автомобил, исто колку што е и работна машина. Носечката рамка, заедно со каросеријата што во четири петини се состои од челик со висока цврстина, останува цврста и при преоѓање преку расед, кога ќе се случи едното предно тркало да е растоварено, во исто време со задно тркало од спротивната страна. Ова е цврста градба. Поради долгото меѓуоскино растојание не може да се очекува премногу, затоа што во екстремни услови, земја или карпа може да го допре подот, но ова сепак е марка што е специјализирана за СУВ, па и клиренсот на Мусо Гранд е зголемен во споредба со Мусо, па тоа надоместува за зголеменото меѓускино растојание.

Менувачот е конструиран за теренско возење. Очигледно е дека таму работат запченици со крупни забци, што можат да издржат оптоварување. Затоа и одовите на менувачот се „реласирани“, па Мусо Гранд тука потсеќа на класичните времиња. Преносниот однос во првиот степен е по малку скусен, доволно да не пречи во секојдневието, а тоа секако дека е со цел за пикапот да повлече посилно од место, ако е натоварен и се поаѓа по голема стрмнина.

Преку бирач во средишната конзола се вклучува погон на сите тркала и возење со редуциран пренос, за екстремни услови. Опција е електронска блокада на задната оска, што чини 500 евра.

Околу просторноста на кабината, Мусо Гранд во споредба со секојдневен автомобил е исто како да се споредува зафатнина на коцка со топка. Тоа што пластиката во кокпитот изгледа едноставно, ќе го цени секој што има намера да го користи пикапов за тоа за што е наменет. Кога треба да се исчистат прашината и нечистотијата од кабината, по пристојна авантура, многу е поблагодарно кога материјалите се едноставни, место разубавувани со гумирана или сјајна површинска доработка.

Во меѓувреме има неколку промени во детали во внатрешноста, по преземањето на СангЈонг од страна на КГ Мобилити, кусо КГМ, којашто пак е дел од моќната јужнокорејска КГ Група. По бројни промени во сопственоста, прво во 1986 година, кога компанијата стана дел од групацијата СангЈонг, за потоа да премине под Деју (Даеву), па кинески Саиц, па индиска Махиндра, извесно е дека КГМ ќе биде решение на подолг рок.

Во поглед на опременоста, тука повеќе важат пуристички ставови, односно колку може да биде опремено поедноставно, толку подобро. На располагање стојат четири нивоа на опременост и уште бројни ставки единечна и пакетна опрема, така што околу изборот и конфигурирањето не би требало да се наидува на пропусти.

Сите оцени и коментари околу искуството од тест-возењето може да се погледнат во деталното видео што е објавено на јутјуб и редовно го придружува секој тест во Аутомедиа.

КГМ Мусо Гранд во нашиот онлајн-каталог АВТОСАЛОН.МК · Технички податоци, опременост, цени, можност за споредба на сите нови модели на автомобили што се во понуда на македонскиот пазар

SsangYong Musso Grand CrewVan 2.2 e-XDi Entry

Лимузина меѓу пикапите, добар и за град

Колку што е несекојдневен во димензиите, толку повеќе изненадува колку КГМ Мусо Гранд се снаоѓа добро и во градското секојдневие. Секако во услови на див сообраќај, смирува скопските улици да се доживеат од позиција на „крал“ во градот. Уште подобро е тоа што го сработува амортизацијата. Тука вреди човек да паркира подалеку, на нормален паркинг, и да пооди повеќе пеш, за целото искуство од имањето пикап да биде господско.

Со тоа што денес го претставува и го прикажува одличен пикап од ковот на СангЈонг / КГМ, многу е поверојатно дека ќе ги привлече заљубениците во автомобилите општо. Човек што милува да седне и во купе и во кабриолет, и во налутено мини и во теренец, сигурно нема туку така да ја одмине идејата дел од „возачката кариера“ да ја мине со пикап. Ако на друго место се избира возило според потребите, тука потребите се доведуваат во чекор со возилото – а тоа значи: Ако човек што има спорт со габаритна опрема треба да размисли за пикап, кај Мусо е спротивно, човек прво ќе се снабди со пикап, па потоа ќе почне да спортува.

 

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

McLaren Senna 001 PaulRicard

Мекларен под целосна контрола на државниот фонд на Бахреин

Кинески Липмотор ќе произведува малечки електрични автомобили во Полска