за ,

Мекларен под целосна контрола на државниот фонд на Бахреин

Мекларен не успеа да ја врати својата спортска марка во зоната на добивка во периодот по пандемијата.

McLaren Senna 001 PaulRicard
Спортската марка на Мекларен Груп произведува ценети хиперавтомобили, меѓу кои и моделот именуван по легендарниот Ф1-возач Сена.

Групацијата Мекларен сега се наоѓа под целосна контрола на државниот инвестициски фонд на Бахреин, откако е извршена реорганизација во сложената сопственичка структура на британската компанија.

Долгогодишниот стратешки инвеститор Бахраин Мумталакат Холдинг Компанија не објави дека ќе направи нови инвестиции во Мекларен. Со преоѓањето под целосна сопственост сепак се отвораат патишта за нови технички партнерства, што на спортската марка Мекларен ќе ѝ овозможи да вложува во електрични автомобили.

Мекларен се соочуваше со тешки предизвици да ја врати својата спортска марка во зоната на добивка во периодот по пандемијата и во неколку пригоди мораше да ги повикува своите акционери да финансираат.

Групацијата Мекларен до завршетокот на ноември 2023 доби 450 милиони фунти (околу 523 милиони евра) од акционерите, објави компанијата.

„Зделката дополнително ќе ни овозможи да се посветиме на исполнувањето на нашиот долгорочен бизнис план, вклучувајќи вложување во нови производи и технологии, додека во исто време ќе ја продолжиме потрагата по можни технички соработки со партнери од индустријата,“ наведува Пол Волш, извршен претседател на групацијата Мекларен, во соопштението од петокот.

Мекларен е во преговори со голем број можни партнери за да добие на располагање технологија за електричен погон, кажува извор што е упатен во состојбите. Во текот на летото се очекува да биде потпишана зделка, што на компанијата со којашто се преговара ќе ѝ обезбеди пакет акции во Мекларен, кажува изворот.

Се претпоставува дека меѓу компаниите со коишто се воделе преговори се кинеските производители на автомобили, објави Блумберг во февруари.

Планот е Мекларен да се приклучи во ерата на електрификацијата со својот иден СУВ-модел. Неговата продажба би требало да отпочне во 2028 година, но услов за тоа е компанијата претходно да се врати во зоната на добивка, изјави лани извршниот директор на Мекларен Аутомотив, Мајкл Лајтерс.

Како што Лајтерс објаснува понатаму, планот на Мекларен за претстојниот период е да се зголеми прометот со спортските модели Артура и 750С, како и со специјалните модели во мала серија, на пример со едноседот со мотор В10, Солус.

Мекларен Аутомотив во кварталот што заврши на 30-ти септември, пријави 148 милиони фунти загуба, како последица од тоа што добивката се намали за 18 проценти во споредба со преклани, објави компанијата, додавајќи дека целосниот биланс за 2023 година ќе го објави во април.

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Купра стартува во САД најдоцна до 2030 година

ТЕСТ: Сангјонг/КГМ Мусо Гранд · Класика нова од салон