за

Купра стартува во САД најдоцна до 2030 година

Вејн Грифитс, извршниот директор на Сеат и Купра, марки на Фолксваген, најави дека Купра ќе понуди два електрични модели во САД.

Меѓу моделите што Купра ќе ги продава на пазарот во САД е идната генерација на Форментор, СУВ со целосно електричен погон. На сликата е тековниот модел.

Купра ќе почне со продажба на пазарот во САД најдоцна во 2030 година, стартувајќи со два целосно електрични СУВ-модели. Едниот од нив е новата генерација на компактниот модел Форментор, вториот ќе биде модел од средната класа, најави извршниот директор Вејн Грифитс.

Шпанските модели ќе бидат достапни и на Источниот и на Западниот брег, најави Грифитс во четвртокот, за време на годишната конференција за медиуми во Барцелона. Шефот најави и „нов начин на дистрибуција“, не наведувајќи подробности.

Грифитс уште во септември, на салонот во Минхен, излезе пред јавноста со најава дека постои можност Купра, којашто е дел од концернот Фолксваген, да биде понудена и на пазарот во САД. Концернот таму е присутен со својата матична марка Фолксваген, исто како и со премиум и луксузните марки Ауди, Бентли, Ламборгини и Порше. Се очекува и старт на марката Скаут, што ќе нуди пикапи и СУВ-модели.

Купра првично беше нагласено спортска варијанта на моделите на Сеат, пред да се издвои како посебна марка во 2018 година, за време на тогашниот извршен директор Лука де Мео, денес шеф на Рено Групација.

Следната генерација на Форментор ќе биде претставена кон завршетокот на десетлетието и ќе биде еден од најважните модели на марката, посочи Грифитс. Таа ќе биде конструирана врз идната платформа ССП на концернот ФВ, додаде шефот.

Уште не е решено каде ќе се одвива производството, кажа Грифитс, при што посочи дека тој би сакал моделот да се произведува во фабриката на Сеат во Марторел, во близина на Барцелона.

Меѓу идните модели на Купра спаѓаат Таваскан (лево), Терамар (назад) и Равел (напред), прикажан преку концептниот модел Урбан Ребел

За неколку седмици во Мадрид треба да се случи премиерата на освеженото моделско годиште на Форментор. Тој во 2023 година учествуваше со повеќе од половина во продажбата на Купра. Лани се продадени 120.000 примероци, од вкупно 230.000 возила колку што продаде целата марка. Тоа е раст од 50 проценти во споредба со 2022 година.

Вториот модел на Купра за пазарот во САД е кросовер-СУВ што ќе биде поголем од Форментор и ќе се произведува во фабриките на концернот ФВ во Северна Америка, меѓу другото и во Мексико.

Купра до завршетокот на 2025 година ќе пушти во продажба три нови модели. Кон крајот на јуни доаѓа Таваскан, електричен СУВ од средна класа, произведуван во Кина. По него, во третиот квартал годинава ќе следи Терамар, кросовер со класичен погон, што ќе се произведува во унгарската фабрика на Ауди во Ѓер. Таму се произведува и сестринскиот модел Ауди Ку3. Кон крајот на 2025 година, Купра ќе ја претстави и Равал, малечка електрична комбилимузина, со почеток на испорака планиран за првата половина од 2026 година.

Равал ќе биде прв од четирите малечки БЕВ модели на концернот ФВ, што ќе биде конструиран врз скусена изведба од платформата МЕБ. Равал и нејзиниот сестрински модел од марката Фолксваген, ИД.2, ќе се монтираат во Марторел. Шкода Епик и уште неименуваниот СУВ на марката Фолксваген ќе се произведуваат во фабриката на концернот во Памплона, Шпанија.

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

БМВ ќе го произведува електричниот СУВ-модел од „Ное Класе“ во Унгарија

McLaren Senna 001 PaulRicard

Мекларен под целосна контрола на државниот фонд на Бахреин