за

Русите ја произведоа 28-милионитата Lada

Додека спортската јавност е посветена на Олимпијадата во Сочи, Русите имаат уште еден настан што привлекува внимание. Во Тољати беше одбележан голем производствен рекорд.

Од фабриката на Avtovaz во Тољати во средата излезе 28-милионитиот автомобил под знакот на Lada. Јубилејниот модел е Lada Kalina од новата генерација, со каросерија во металик сино-сива боја и со полна опрема за конкурентска битка: Автоматски менувач, мултимедиски систем, активни системи за безбедност, електрика за прозорците и ретровизорите, централна брава, клима уред, дополнителна звучна изолација и уште многи други ставки што ја дотераа цената на специјалниот модел на 474.600 рубљи, односно близу 10.000 евра.

Комби изведбата на актуелната Kalina стартуваше со продажба во минатиот септември. Комбилимузината и комбито моментно имаат еднакво учество во продажбата на моделот, но тоа ќе се промени откако месецов беше претставена лимузинската изведба на Kalina. Последнава каросериска изведба беше најпродавана во преттходната генерација на рускиот модел.

При одбележувањето на производствениот рекорд шефот Бо Инге Андерсон изјави: „Продажбата на новата Lada Kalina постојано расте. Тоа не е случајност. Платформата што таа ја користи стана едно од најуспешните достигнувања на Avtovaz.“ Моделот моментно е меѓу петте најпродавани автомобили на рускиот пазар, со стартна цена од 6.800 евра. Основниот модел има една воздушна перница, сервоуправување, носачи за багаж на покривот, дневни светла и уште неколку поситни ставки. Производителот редовно ја подобрува Kalina. Во минатиот месец моделот доби подобра звучна изолација и неколку модификации во подвозјето. Во следниот период претстојат освежување на дизајнот и проширување на опремата. Моделот моментно не се нуди на македонскиот пазар.

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Cross Tourer: Citroen се сети дека го има моделот C5

Нови слики и детали од студијата Hyundai Intrado