за

Калифорнија против плановите на Трамп да ја извалка автоиндустријата

Новата влада на САД планира да го спушти лимитот за издувните гасови, како мерка за подршка на автоиндустријата, со цел цените на возилата да се одржуваат на ниско ниво. Традиционално еколошката и богата Калифорнија не ја интересираат овие планови на Трамп и останува верна на електричниот погон.

Калифорнија е најважниот единечен пазар во САД. Од вкупно 17,4 милиони автомобили во целата земја лани, само во Сончевата Држава биле продадени над два милиони автомобили. Калифорнија е воедно и најеколошката сојузна држава, со најголем број електрични и хибридни автомобили. Строги закони за заштита на животната средина постојат веќе со децении. Поради тоа, производителите при развојот на своите нови модели отсекогаш морале да ги земаат предвид и барањата на калифорнискиот пазар. Некои модели воопшто не се продавале во оваа држава на западниот брег, затоа што не ги исполнувале нејзините строги еколошки норми.

Петкратно зголемување на уделот на возила со електрифицирана погонска спрега до 2025 година

Калифорнија останува верна на оваа традиција и спротивно од планот на новата влада на Трамп да ги спушти ограничувањата за издувните гасови, најавува уште построги норми. До 2025 година, најмалку петнаесет проценти од сите новорегистрирани возила во Калифорнија ќе мораат да поседуваат електричен, плагин-хибриден или водороден погон. Моментно околу три проценти од продажбата отпаѓа на овие возила.

Тоа значи дека до средината на следната деценија, продажбата на автомобили со електрифицирана погонска спрега мора да се зголеми петпати, на 300.000 примероци, не сметајќи ги моделите со класичен хибриден погон коишто веќе со години уживаат голема популарност во Калифорнија.

Расте продажбата на плагин-хибриди и електромонили, опаѓа продажбата на обичните хибриди

Лани во Сончевата Држава биле продадени близу 100.000 класични хибриди, што е благо опаѓање во споредба со преклани, додека продажбата на плагин-хибриди (33.000 примероци) и електрични автомобили (40.000 примероци) е во благ пораст. Овој тренд владее веќе неколку години.

Со овие амбициозни планови, Калифорнија практично се спротивставува на плановите на новата влада на САД да ги спушти ограничувањата за издувните гасови. На барање на производителите на автомобили, лимитите веќе еднаш беа спуштени непосредно пред заминувањето на владата на Обама.

„Загадувањето на животната средина не е предизвикано само од човештвото“

Скот Пруит, новиот шеф на американската агенција за заштита на животната средина ЕПА, јасно се поставува како заштитник на индустријата и смета дека „САД како држава и ЕПА како агенција, треба да ги спојат заштитата на животната средина со интересите на стопанството“. Тоа не значи ништо друго освен дозвола автомобилите да продолжат да ја загадуваат животната средина, за индустријата да продолжи да работи ослободена од притисокот и на купувачите да им нуди евтини, но еколошки незадоволителни автомобили. Пруит меѓу другото е еден од застапниците на тезата дека загадувањето на животната средина не произлегува само од човекот.

Одделните сојузни држави во САД уште имаат право самостојно да одлучуваат околу ограничувањата на штетните емисии. Еколошкото лоби е одушевено од плановите на Калифорнија, но се јавуваат и спротивни ставови. Критиките се однесуваат главно на тоа дека голем број Американци не можат да си дозволат електричен автомобил, а се наведува и големата километража што ја минуваат повеќето американски возачи, којашто не може да се совлада со ограничениот досег на електричните автомобили.

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Seat најавува голем теренец за 2018 година

Асистентот на Opel резервира соба и наоѓа место за паркирање