за

Не им требаат еко-налепници: Воздухот во германските градови стана премногу чист

Неколку градови во германската покраина Баден Виртемберг планираат да ја укинат забраната за сообраќај за возила со штетен издув. Воздухот е чист.

Германија веќе со години ја држи загаденоста на воздухот под контрола со помош на еколошки-зони. Во тие зони не смеат да сообраќаат возила што имаат висока количина штетни материи. Во меѓувреме, воздухот е чист, зоните наскоро ќе се укинуваат. Нема ниту возила што загадуваат во толкава мера.

Квалитетот на воздухот во градовите во германската сојузна покраина Баден-Виртемберг, со престолнина Штутгарт, значително се подобрил во изминативе години, благодарение на воведувањето на еколошките зони. Покраинските власти размислуваат да ги укинат зоните на заштитена природна средина во градовите, откако во континуитет се бележат исклучително ниски вредности на загаденоста на воздухот.

Во 2016 година, пречекорувања на дозволените вредности за азотни оксиди (НО2) и ситна прашина (PM) биле регистрирани во 27 градови во Баден Виртемберг. Наспроти тоа, лани имало само еден случај, кога на дел од улица во Лудвигсбург, во должина од 200 метри, биле измерени вредности на загаденост со PM10-честички над дозволеното. Од 2018 година наваму, нивото на загаденост со PM10-честички се одржува во дозволените рамки на целата територија на покраината.

Министерот за сообраќај Винфрид Херман, во четвртокот соопшти: „Благодарение на контролата и донесените мерки во зелените еко-зони, воздухот се подобри во значителна мера. Во градовите, во коишто пред 2019 година, значи пред корона-пандемијата, уште имавме вредности над или малку под граничните вредности за квалитет на воздухот, како на пример во Лудвигсбург, Штутгарт и Ројтлинген, уште немаме услови да ги укинеме мерките.“

Во сојузната покраина Баден Виртемберг денес возат само чисти возила

Во градовите во коишто загаденоста е малку под лимитот, мерките ќе останат. Меѓутоа, во бројни градови и гратчиња, загаденоста со штетни материи е толку под граничните вредности, што повеќе нема потреба од еко-зони. Возниот парк е модерен и чист. Уделот на возилата што не исполнуваат услови да добијат зелена плакета (тоа е познатата налепница во боја, што се поставува на ветробранот и служи за јасно распознавање на возилата според штетноста на нивниот издув) во целата покраина изнесува само 1 до 2 проценти. Тоа значи дека од секои 100 возила, само едно или две не смеат да пристапат во еко-зоните.

мерење на загаденост воздух

Како пример служи гратчето Балинген, во коешто не е забележано зголемување на загаденоста на воздухот, по укинувањето на еко-зоната. Напротив, вредностите продолжија да се смалуваат.

Градови што успеаја да постигнат исклучително чист воздух се Хајделберг, Илсфелд, Карлсруе, Шрамберг, Швебиш Гминд, Урбах и Вендлинген. Од 2019 година наваму, просечната годишна вредност на загаденоста со NO2 во овие градови е под 35 микрограми на метар кубен. Уште во текот на годинава е можно да се укинат еко-зоните во овие градови.

Прекумерната загаденост во градовите се спречува со ограничувања на брзината на возење, со интелигентно управување со сообраќајот и со воведување зони на заштитена животна средина

Во близу 40 градови во Баден Виртемберг, постојат над 20 локални и регионални еко-зони, во коишто смеат да сообраќаат само возила со зелена плакета. Во Штутгарт уште важи забрана за возила со дизел мотор што се под нормата Euro 5. Мерките ќе останат на сила сé додека не се постигнат услови во коишто чистотата на воздухот ќе може да се одржува и без забраните.

Доколку возило што нема зелена налепница пристапи во еко-зона, тоа се води како прекршок. Возачите за тоа плаќаат казна во висина од 100 евра. Не се казнува само влегувањето со такви возила во еко-зона, туку и паркираните возила подлежат на казна.

>>> Топ 10 Најголеми заблуди околу аерозагаденоста во Македонија

Протестниот марш против аерозагаденоста имаше инстантен ефект, еколозите уште не знаат
Протестниот марш против аерозагаденоста имаше инстантен ефект, еколозите уште „не знаат

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Уште една за Peugeot 308: Награда од L’Argus за најдобар компакт

Mercedes-Benz Citan во кампер-изведба: Кога автомобилот ти е цел свет