Луѓето му веруваат на Mercedes-Benz кога се работи за комотни и солидни лимузини. За теренци, исто така. Камиони, автобуси, па дури и доставни возила, сите тие видови возила добиваат дополнителна тежина кога напред стои сребрената ѕвезда. Луѓето ги сакаат и камп-возилата на оваа марка. Посебно се интересни микро-камперите, што за неколку минути се претвораат од работно или семејно возило, во возило за уживање во слободното време.
Mercedes е „мерцедес“ и кога станува збор за возила за кампување. Бројни производители на овие возила користат Mercedes-Benz Sprinter или Vito, како основа за своите преработки. На камперите обично не им треба многу за да уживаат во својата мисија низ светот. Постојат и т.н. микро-кампери, кога со релативно мали, но генијално практични решенија, возилата за секој ден се претвораат во возило за кампување.
На салонот за опрема и возила за кампување во Берн, Швајцарија, се појави и специјалистот за преработки Sortimo. Швајцарската компанија го спреми новиот Mercedes-Benz Citan со шатор и со голема кутија за повеќе намени, вклучувајќи кујна и лежај. Возилото беше изложено на штандот на Mercedes на салонот.
Растечката популарност на микро-камперите произлегува од достапната цена, компактните димензии и можноста возилото да се управува со возачка дозвола од Б-категорија. Овој вид возила за кампување е посебно популарeн меѓу помладите фанови.
Mercedes-Benz Citan во еден потег од работно или семејно возило во кампер за уживање
Sortimo нуди „мултифункциска кутија“ што практично се вовлекува во багажникот. Кујнскиот дел од оваа кутија се базира на систем на фиоки и располага со можност за миење садови, две отстранливи решоа на гас и голем број фиоки. По избор, се додава и ладилник. Над кујнската единица се поставени лежаите. Со неколку потези се добива лежај со големина 2.020 х 1.510 милиметри.
Решение за дополнителен простор за спиење е шатор, генијален „кровен“ шатор. Тој се поставува на кровните шини на Citan, за што се потребни само неколку минути. Тука се добива екстра простор за спиење со големина 2.400 х 1.400 милиметри. Два прозорци со мрежа за комарци обезбедуваат проток на воздух. До шаторот водат алуминиумски скали. За заокружување на пакетот, Швајцарците нудат и преносен соларен панел, заедно со батерија.
Специјалистите веќе реагираат на новиот Mercedes-Benz Citan, опрема за кампување нуди и германската марка VanEssa mobilcamping
Сличен систем со кујнски модул нуди и германската марка VanEssa. Тежината на модулот изнесува 60 килограми, што значи дека две лица можат без проблем да го постават и отстранат системот за само неколку минути. Лежајот посебно се прицврстува на држачите во Citan и нуди простор за одмор со големина 1.890 х 1.150 милиметри.
Новата генерација на Mercedes-Benz Citan веќе десетина денови е во продажба во Македонија, во Мак Аутостар. Доставната изведба на втората генерација на моделот на Mercedes-Benz Vans стартува од 17.942 евра со ДДВ, со 1,5-литарски дизел со 75 КС. Патничката изведба со истиот мотор чини 23.554 евра.