за ,

Топ 10 Најголеми заблуди околу аерозагаденоста во Македонија

аерозагаденоста скопје македонија

Како што граѓаните и институциите стануваат свесни за сериозноста на проблемот со аерозагаденоста, така се чини дека подеднакво се загадуваме и со сите теории околу потеклото на проблемот. Основните заблуди се: Ќумбињата се главните виновници и нашите автомобили се понови отколку пред десет години.

Мерните станици за аерозагаденоста почнаа да пријавуваат алармантни состојби уште пред ќумбињата да проработат, а теоријата околу потеклото на штетните материи од греењето на домаќинството упорно продолжува да опстојува. Во меѓувреме, како теории на заговор се споменуваат и палења на тајни депонии околу Скопје, без да се образложи како тоа успеало да се рефлектира врз квалитетот на воздухот во градови оддалечени над сто километри. Дали некој профитира од еко-катастрофата и дали навистина се издржани теориите околу целата проблематика, прочитајте во следните десет точки.

1.

Главниот причинител на аерозагаденоста е греењето на домовите

Неиздржана е теоријата дека енормната аерозагаденост во македонските градови е последица од користењето на огрев што е недозволив од аспект на животната средина. Без изнесување обемни статистики и стручни анализи, доволно е да се размислува според логиката. Колкава е количината на пластика, старо моторно масло, и секако, огревно дрво, што треба да согори за греење на домовите, за количината на испуштени штетни материи да го достигне или надмине нивото на емисијата од 411.369.000 тони нафтени продукти што патничките возила ги согоруваат на годишно ниво во патниот сообраќај? За уште подобра илустрација, секој ден, 383.833 патнички возила во Македонија согоруваат по 1.072 тони нафтени продукти. Количината на гориво што се троши секој ден може да се замисли како коцка со страници долги по 10,6 метри. По возило, тоа се 2,8 литри гориво, дневно. Товарните возила, автобусите и кинеските скутери се само дополнителен жар во огнот.

Ќумбињата загадуваат при надворешна температура од 20 степени Целсиузови?

Проблемот со енормната аерозагаденост при студено време во Скопје и во повеќе градови е во таканаречената климатска инверзија. Наједноставно, таа настанува при слабо воздушно струење, особено во градови во котлина. Во нормални услови, температурата во атмосферата се намалува со висината. Тоа овозможува топлиот и полесен воздух над почвата да се подигне, со што се одвлекува и добар дел од штетните материи.

При климатска инверзија, топол воздушен слој се наоѓа над студениот воздух над почвата. Овој инверзивен слој го спречува подигнувањето на долниот слој воздух. Концентрацијата на штетни материи расте и достигнува нивоа што се штетни за живиот свет.

Заклучокот: Количината на штетни материи што се испушта во атмосферата е зголемена во студениот период од годината со уделот од греењето на домовите, но главнината од „отровите“ и натаму се создаваат од интензивниот сообраќај, со слаб квалитет на издувни гасови. Загадениот воздух не може да се подигне во атмосферата, народот го дише сопствениот отпад. Причината за отсуството на ветриштата, особено во Скопје, добро ни е позната на сите.

Во потрага по мистериозниот загадувач на македонскиот воздух

Вистината зошто Македонија не го спречува загадувањето од сообраќајот

2.

Возниот парк е обновен преку увозот на користени автомобили

Структурата на возниот парк буквално е уништена во последниве десетина години. Мотото што масовно се популаризираше: „Ние сме сиромашни, затоа купуваме стари мерцедеси и бемвиња.“ Тука лежи суштината на проблемот со аерозагаденоста. Дизелите произведени во годините околу преминот во новиот милениум, практично беа исфрлени од ЕУ веднаш откако еколозите укажаа на големото количество честички ПМ – што не е друго освен гареж – од моторите TDI, CDTI, TDCI и слични. Возилата пристигнаа во соседна Бугарија, луѓе таму регистрираа и фирми да купат евтин, но „отровен“ автомобил, и да го возат на странски таблички низ Македонија. Откако нивниот број нарасна на преку 50.000, следеше и целосно укинување на какви било еколошки норми кај автомобилите. Оттогаш (присилно) се вложуваат напори за надминување на веќе причинетата еко-катастрофа, но безуспешно. Штетата е направена.

Како денес ни изгледа возниот парк?

Од 383.833 патнички автомобили, преку 260.000 биле постари од 13 години според податоците за 2015 година. Три од секои четири автомобили тогаш биле постари од 13 години, односно 79,4% или 305.000 патнички возила биле постари од десет години.

На спротивниот крај: Само 6.000 патнички автомобили биле понови од две години во 2015-та, наспроти 25.000 (!) автомобили во 2008-ма (и 20 илјади во 2007-ма, 17 илјади во 2006-та). Тоа е резултатот од преоѓањето од нови Spark и Felicia на дваесетгодишни бемвиња. Обете категории возила, инаку, чинат исто. Дваесетгодишно бемве, исто така, чини колку пет години стара Corsa или Punto. Аналогијата е јасна.

Староста на возниот парк можеби некако ќе се компензира со многубројните сервиси кои (божем) беа отворени заради поттикнување на вработеноста. Но, наивното менување на структурата на возниот парк доведе до проблемот со когошто се соочуваме оттогаш. Во 2011-та година, во Македонија биле регистрирани 85.248 патнички автомобили со дизел мотор, наспроти 217.016 со бензински мотор и 10.602 со погон на автогас. Во 2015-та година, бројот на дизели расте на 163.038 возила, наспроти 209.122 патнички автомобили со бензински мотор.

Заклучокот: За пет години, двојно е зголемен уделот на стари автомобил со дизел мотор, коишто не поседуваат ефикасна техника за пречистување на издувните гасови, особено за честичките гареж. Со тоа е неколкукратно зголемена и количината на штетни честички во атмосферата.

Три од четири автомобили во Македонија се постари од десет години

3.

Надминувањето на аерозагаденоста е можно само преку скапи мерки

Политичарите би сакале народот да поверува во тоа. Пред неколку денови, јавноста беше сведок на изјава на градоначалник „од една општина во Македонија“, кој најави жестока борба со енормната аерозагаденост и масовно инвестирање на парите на граѓаните – веројатно во проекти, коишто ќе не убедат дека проблемот е нерешлив, или е решлив, но само ако се посегне уште малку подлабоко во џебот на граѓаните. Уште голем број такви изјави ќе следат како што ќе напредува зимата.

Друг градоначалник пристапува искрено и коректно. Забрана за паркирање во централното градско подрачје, поевтинување на јавниот превоз – тоа можеби повторно ќе оди на товар на граѓаните, но барем ефектот е конкретен. Управите на македонските градови не треба да постапат поразлично од нивните колеги во европските градови: Ограничување на пристапот во чувствителните градски подрачја за возилата со слаб квалитет на издувни гасови, охрабрување на користењето на јавниот превоз, на велосипедите и на системите за заедничко користење возило, морална осуда за уништувачите на животната средина кои лудуваат со „тешки џипови“ по градските улици.

Најефикасната мерка: На автопатиштата што беа изградени низ Скопје во последниве години да им се одземе по една лента и целата да се пренамени за велосипеди. Брзината на автомобилите да се следи со радари и со камери, коишто ќе ги снимаат сите возила со брзина над дозволената.

Заклучок: Народот не смее на политичарите да им дозволи екологијата да ја претвораат во бизнис. Промената на свеста е бесплатна, доволни се само намера и добра волја. Плус, свест дека конечно се прави нешто добро за животната средина. Повисока загаденост од актуелнава, веројатно води кон престанок со дишење.

Париз ќе се ослободи од бензинците и дизелите до 2030 година

Амстердам им дава предимство на велосипедистите и пешаците

4.

Возилата со ниска емисија на штетни материи се скапи

Во главнината од земјите во ЕУ, влијанието на оделните модели на автомобили врз животната средина се одредува според емисијата на СО2. Тоа е само репер според когошто се одредува соодветното ниво на емисија и на останатите штетни материи, зависно од издувната норма. За возилата со емисија на СО2 под 100 g/km е поевтина регистрацијата, данокот, постојат бројни привилегии. Може да биде и правило: Колку е поевтино, толку е помалку штетно за животната средина. Mitsubishi Space Star 1.0, Toyota Yaris 1.0, Suzuki Baleno, Renault Clio, Fiesta, Polo, Fabia… Овие автомобили чинат околу 10.000 евра, функционалноста како семејно возило им е сосем пристојна, а можеби некогаш (повторно) ќе има смисла да се купуваат автомобили и на кредит или лизинг.

Колку чини лажниот луксуз по македонските улици

Најевтините (и најеколошки) модели на македонскиот пазар

5.

Новите генерации возила со дизел мотор се беспрекорно чисти

Автомобилската индустрија е во нераздвојна спрега со политиката. Таа ги држи работните места во Европа, на производителите смее да им се прогледа низ прсти. Уште е актуелна дизел-аферата, којашто на свој грб ја понесе концернот Volkswagen, иако е масовно применувана измама во целата бранша. Производителите користат поддимензионирани (поевтини) системи за пречистување на издувните материи, во комбинација со интелигентен софтвер, којшто прикажува примерно ниво на штетни честички само додека возилото е во лабораторија, односно на хомологација.

Количината на азотни оксиди е десетпати над дозволената, отстапуваат и вредностите на останатите полутанти. Покрај тоа, зголемена емисија на честички гареж се јавува и кај бензинските мотори со директно впрскување, во коишто уште не е пропишано вградување на филтри за честички гареж. Поради тоа, експерти мора да бидат ангажирани во категоризирањето на еколошките и нееколошките возила, доколку некогаш се примени таква категоризација во Македонија.

Пет германски производители под сомнение за картелско здружување

6.

Електрификација на возниот парк е решение

Електричните возила што се појавуваат во насловите на „медиумите“ се однесуваат на некои други пазари, други држави и различни системи на негување на одржливоста на животната средина. Тие минале премногу скалила пред нас, да можеме да се поистоветиме со нив и да поверуваме дека еден полнач за струја во кинескиот ѕид е почеток на електромобилноста во земјава. Ни претстојат уште многу фази додека го достигнеме врвот на конвенционалниот погон и почнеме да инвестираме во електричниот погон. Не ги заборавајте политичарите кои се гладни за стотиците милиони евра за електрификација на јавниот превоз.

Со новиот полнач во Скопје, Европа има вкупно 118.316 полначи за електрични автомбоили

7.

Воведување систем пар-непар во случај на еко-аларм

Во услови на голема разновидност во возниот парк, неправедно е на сопствениците и корисниците на еколошки погодни возила да им се забранува возењето. Ограничувањето би требало да се воведе врз основа на еко-вињета. На ветробранот на возилата ќе се наоѓа еко-вињета во соодветната боја, којашто ќе овозможи надгледување и регулирање на сообраќајот според погодноста на возилото за животната средина. Возила со најслаб квалитет на издувни гасови би имале црвена вињета, оние со стандарден квалитет би носеле жолта, додека „зелените“ соодветно би добиле зелена вињета. „Црвените“ не би смееле да возат во деновите со енормно загадување, додека за „зелените“ секогаш е отворен патот.

Во Стразбур само со еко-вињета

8.

Проверка на издувните гасови при технички преглед

Контролорите во станиците за технички преглед ќе посведочат најдобро за вредностите што се отчитуваат при проверка на квалитетот на издувните гасови. Подобро би било размислувањето во правец на воведување еко-категории при регистрирање, во зависност од фабрички декларираната емисија на СО2. За возилата со повисока емисија би се плаќале и повисоки давачки при регистрација. Од наплатата на „казни“ за нечистите возила би се наградувале еко-шампионите, со поевтина или дури бесплатна годишна регистрација. Еко-вињетата би била ефикасна и во овој случај.

9.

Еуро 4 гарантира чист издув

Сите планови, ветувања, одвлекувања на вниманието од реалноста или воведувањата на построги еко-норми не донесоа решение за аерозагаденоста. Штетата е веќе направена, тристотини илјади возила (не) почитуваат рустикална еко-норма. Еуро 4 нормата, како единствен еко-критериум во моментов, апсолутно е нерелевантна и неефективна во поглед на честичките гареж. Нормата Еуро 4 дозволува 25 милиграми честички по километар. Во тој поглед, повисоката норма Еуро 5 е петпати построга, со 5 mg PM/km. Да не се залажуваме, нормата Еуро 4 сепак е на важност од 2005-та година. Заклучок: Целта не е да се овозможи влез на најголемите возила со штетна емисија, туку да им се дозволи влез единствено на поновите и поразумни возила со почиста емисија.

10.

Сите поголеми градови во Европа и светот имаат проблем со аерозагаденоста

Од кога навистина ни датира проблемот со енормната аерозагаденост? Дали Македонија отсекогаш се соочувала со отровен воздух? Македонија некогаш имаше чист воздух, многу почист од оној што моментно се диши во повеќето европски градови, додека не си го „увезовме“ проблемот. Како во меѓувреме котира нашата држава во споредба со Европа, може да се погледне во следната табела. Прашањето беше реторичко.

Просечна дневна концентрација на честички PM во градовите во Европа

Град PM10 PM2,5 Година
Мадрид 19 10 2013
Хелсинки 19 9 2014
Женева 21 15 2013
Солун 22 8 2013
Лондон 22 15 2013
Осло 22 11 2013
Амстердам 23 16 2013
Берлин 24 16 2013
Барселона 24 15 2013
Љубљана 25 20 2013
Брисел 26 18 2013
Виена 26 18 2013
Стокхолм 26 6 2013
Копенхаген 27 11 2013
Прага 27 19 2013
Братислава 27 18 2013
Париз 28 18 2014
Рим 28 17 2013
Будимпешта 29 25 2013
Букурешт 31 23 2013
Тирана 32 16 2013
Варшава 33 26 2013
Подгорица 34 22 2014
Загреб 36 22 2013
Белград 37 23 2013
Атина 40 15 2013
Софија 43 22 2013
Сараево 50 30 2010
Велес 51 30 2013
Истанбул 53 33 2012
Битола 69 40 2013
Скопје 74 45 2013
Тетово 140 81 2013

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

луис хамилтон шлем

Нападнат тимскиот автобус на Луис Хамилтон во Сао Пауло

тест на средства за чистење бандажи

Тест на средства за чистење бандажи