за

На кого тоа му свират возачите по улици?

Таа е секојдневна придружничка на и околу улицата, а тоа значи насекаде. Автомобилската сирена. Возачите им свират на другите возачи, или на некој друг?

Порано важеше, човекот и животната средина. Денес веројатно важи, човекот, животната средина – и автомобилот. Без разлика дали човек е заглавен во метеж зад волан, дали се обидува спокојно да вози велосипед или можеби да се сосредосточи на работата, автомобилската сирена е присутна насекаде и секогаш. Сирената можеби и не е секогаш наменета за останатите учесници во сообраќајот.

Објаснувањето зошто автомобилската сирена толку обемно и крвнички одекнува во нашето секојдневие, не само на улица, туку и во домовите и на работното место, многу е едноставно. Тоа што е наплатено од народот, во вид на даноци, такси, давачки, земачки, надомести, повишување на осигурување и регистрација… не е потрошено во корист на народот, туку на поединци што се на високи државнички позиции или блиску до нив. Не може да биде појасно.

Од истите давачки, што граѓаните, почнувајќи од Словенија па нагоре, ги даваат кон државата, таму се градат улици – и се проектираат писмено, што е уште поважно – потоа, сообраќајот постојано се приспособува, за секојдневието да им се подобри на граѓаните, се градат и велосипедски патеки, сé е културно и правилно означено, се вложува во градски сообраќај, и тоа во сите негови форми, а најважното, се вложува и во стручни тимови што секојдневната мобилност ја обработуваат на рамниште на наука. Од истите давачки, што граѓаните на Македонија ги даваат кон државата, не се гради и не се работи. Затоа народот свири.

Сообраќајниот метеж не се решава со тоа што од една крстосница ќе се префрли на следната

Еден пример. Осумнаесет милиони евра пари на народот му се изјаловени со градењето на новата сообраќајна клучка во Момин Поток. Трошокот веројатно ќе излезе трипати поголем, но досега одвај дека на јавноста ѝ е појаснето дека тој проект не значи друго освен сообраќајна капитулација на Скопје.

Само дел од тоа што претстои се огледува уште денес на крстосницата на 8-ми Септември со Илинденска. Сé што претходно чекаше две крстосници погоре, сега е префрлено да чека на оваа клучна сообраќајна крстосница за Скопје. Тоа е напредокот! Метежот постојано се преселува на следната крстосница, повлекувајќи го со себе сиот претходно насобран метеж, без да се реши причината за истиот. Ризик е човек со нормален разум да се дрзне да се упати од Момин Поток кон Илинденска – патем, „Илинденска!“ – надевајќи се дека барем ќе успее да скршне кај Александар Палас и да го заобиколи целиот тој хаос. Најмалку дваесет минути потрошени напразно, за да се избегне хаосот. Што е со комбињата на фирмите што доставуваат стока, храна? Метежот ја убива економијата, или овие уште не се дојдени до таа лекција? Лековите што се неизоставни денес, исто така. Најава за капитулација.

Што направија овие? Тешко е дека некој учен учествувал, а уште помалку дека го одобрил проекот. Ниту во Мала Речица, ниту во Муртино не се изучува сообраќај. А, тоа е наука, на нивно изненадување. Сообраќајниот метеж не можеш да го решиш со тоа што само ќе го префрлиш на следната крстосница. Постоеше ли можеби подобро решение?

Тоа што Скопје го нема во автобуси, велосипеди за изнајмување, во мрежа, а уште поважно во градење култура и свест за градскиот превоз – го имаат политиканти и слични здружени од интерес, во милионски хациенди, згради, хали, бизниси – ете по тоа свири народот

Секако дека постои, тоа е да се смали сообраќајниот обем. А, тоа се постигнува: Со градски превоз. Оттаму и името, градски превоз, превоз што е придобивка на градовите. Тоа им е туѓо во претходно спомнатите престолнини на Уништена Македонија, затоа што принципот на градски превоз таму не допрел како цивилизациска придобивка во третата деценија од 21-от век. Со стотици милиони евра, колку што се уништени, односно „пренасочени“ од граѓаните, на клучки и слични „изуми“ – и потрошени на кредити што истите тие граѓани ќе ги отплаќаат – досега стопати ќе се решеше проблемот на Скопје со сообраќајот. Во меѓувреме и „метанот“ умре. Не велат залудно дека сообраќајот е наука.

Со метежот поради дилетантсвото на сите рамништа, од држава, до општина, исто е како на сите градски булевари да се поставени вакви барикади

Додека на радио страниците се веселат кога е најголемот метеж во сообраќајот, што е сосем разбирливо, затоа што тогаш најмногу се слуша радио, и Скопје го спомнуваат како метропола, па човек ќе стекне лажен впечаток дека масата народ создава метропола, а не културата што ја создава таа маса народ, вклучувајќи и култура на движење, тие што уште го помнат Скопје како град, веќе ги прават начелните пресметки како да се иселат од градот.

Уште една разлика, меѓу „Словенија и нагоре“ и оваа земја што од патриотизам почнавме да ја нарекуваме „оваа земја“. Додека во Словенија и нагоре, од тие стотина милиони евра, до цент сé ќе биде навистина вложено во изградбата, тука половината, а тоа е во најдобар случај, ќе се искористи за Тито и Партија, и за нивните современици. Значи, пак народот останува кусо. И ќе свириме, нормално.

Колони возила чекаат да дојдат до божем чистиот воздух во Парк и на Водно. И пак цел град ечи од сирени. А, што е со издувните материи од тие возила? Со ПМ, на пример. Со азотните оксиди, исто така. Или народот не диши додека чека дваесетина минути да допре до Паркот. А, како порано народот умееше да си дојде во Сарај, Матка, убиеното езеро Треска, изградено со пари на скопјани?

Друг пример, од сосем различна природа. Скопјани порано знаеја за викенд да заминат од градот на излет, без страв оти некој ќе дојде да им го украде местото во градот им во меѓувреме, во Сарај, Матка, на езеро Треска, Катланово, Скопска Црна Гора, па и Рашче, денес остануваат единствено Водно и Градски Парк. Маса народ, десетици илјади луѓе желни за сонце, чист воздух, спокој и разонода, чека во колони, за воопшто да се приближи, со отворени прозорци – затоа што народот е појден на чист воздух, нели.

Заштитнициве на животната средина еднаш да се побунеа и да се јавеа дека таа маса возила создава несомнено канцерогена концентрација на штетни ПМ(атер) честички – што народот појден да здравее, ја диши. Ако не преку прозорец, тогаш преку вентилацијата. Директно од „ауспухот“ на возилото напред, и на сите возила напред. Се трујат себе, и сите патници во возилото. А, „одиме на чист воздух“.

„Главата“ на метежот од Момин Поток е преселена кај „Воена“. Не се решава метежот со тоа што ќе се пушти тој да допре уште подалеку во градот, и да направи уште поголем хаос од тој што веќе владее. Вложување во градски превоз, од трамвај – на струја, патем, до кар-шеринг, тоа е единствениот излез од метежот. И велосипеди, па и на сметка на просторот за автомобили

Место славни ликови од скопското градоначалствување и слични на нив да градеа хациенди, згради, бизниси – со парите од народот – и плус да си обезбедуваа по едно поколение за секоја година на власт, Скопје требаше да добие вложувања во излетнички места – нови, и тоа е толку нормално, надвор од градот. Место сообраќајот да се пренасочува од градот, овие сé собираат внатре. „Наука“.

Бесмислени молови и скапо наплатени монструозни градби – на места што се скапи затоа што со градењето таму им се одзема квалитетот на живеење на граѓаните

Третиот пример: Моловите, по наше градски трговски центри, и дискотеките по паркови. Што друго може да биде повеќе очигледно за непочитувањето на Скопје, а тоа значи и погазување на секакво човечко достоинство во живеењето во „овој град“, од Ист Гејт Мол – на којшто луѓе, што од шега, што од нешега, му го одземаат т-то. Колкава маса возила се движи кон и од тој проект којшто стручни лица го препознаваат како „монструозен“. Патем, некој ќе поверува дека затворањето на мостот немаше поврзаност со „молот“?

Место да се градат надвор од градот, овие чирови и „модерни“ чуми на Скопје, се најдоа во самото јадро. Но, „продавачот“ во тој случај не ќе наплатеше толку. Тоа што продавачот го наплатил, е на штета на правото на живеење во градот. Некој зел пари од тоа што ни го продал правото на живот во овој град. Поради тоа што на некој му било дозволено да гради каде што не е место за тоа, и да им плати за тоа на продавачиве на Македонија, на нас граѓаните ни го одзедоа квалитетот на живот. Обични граѓани, научиле да кажуваат по телевизиве со турски серии. Е, тие „обични“ граѓани сега и по вас свират.

Овие уште со години имаат намера да ги шират улиците и кратат парковите, да нé одвратат од секаква намера за пеш или со велосипед да се движиме низ градот, и секако, половина од парите пак да си ги пренасочуваат во сопствен интерес. Затоа што народот само свири.

Обожувањето автомобили, секако да, но не до рамниште на нивна банализација и човечка девастација. Метежот и бунилото во Скопје дојдоа до рамниште за градот да заличи како село што доживеало ненадеен расцвет, оти нагло пораснала цената на доматите, па селаните со евтиниот, а големичок крш набавен од бугарските отпади, се наоѓаат заглавени во селото што нема капацитет да го издржи тој „напредок“

Постојат уште милиони примери. Колку автошколи со латинични натписи гледаме секој ден по улиците? Некогаш забораваме дека треба да свириме. Градоначалници, политичари, премиери, пратеници, претседатели? Чувај Боже.

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Смарт број 5 е најголемиот автомобил во историјата на мини-марката

Киа в година воведува пикап во понуда