Пет и пол метарскиот кросовер Ролс-Ројс Кулинан е главен двигател на растот во продажбата на британската ултралуксузна марка во САД и на останатите клучни пазари. За 2025-то моделско годиште, скапоценото парче автомобил претрпе неколку измени.
Кулинан Серија 2 има поостри линии во носот, заедно со нов изглед на светлата, осветлена маска и тркала од 23 инчи.
Во внатрешноста е главен дигиталниот интерфејс, наречен Спирит, што Британците првпат го вградија во електричното купе Спектр.
Ролс-Ројс ќе пушти во продажба и изведба што спаѓа во понудата возила Блек Беџ. Тоа е подмарка на Ролс-Ројс, што се издвојува уште повеќе со перформансите и со стилот – наменета повеќе за помладите купувачи, што сé почесто се јавуваат како клиенти.
Кулинан и натаму ќе користи 6,75 литарски твин-турбо мотор Ве-12.
Ролс-Ројс го лансираше Кулинан кон завршетокот на 2018 година и уште веднаш постигна голема побарувачка за моделот. Клиентите чекаат со месеци за нивниот автомобил да се испорача. Фабриката во Англија работи под полна пареа.

Британската ултралуксузна марка тврди и дека Кулинан е заслужен за спуштањето на просечната возраст на добро нафатираните купувачи, од кои повеќето се славни личности.
Наспроти просекот од 56 години во 2010, сега просечниот сопственик на Ролс-Ројс е на возраст од 43 години.
„Кулинан привлече сосем нов круг купувачи во Ролс-Ројс и целосно ги смени гледиштата на тоа што претставува автомобил Ролс-Ројс, и на тоа што автомобилот може да му значи на сопственикот“, порачува Крис Браунриџ, новиот извршен директор на Ролс-Ројс. „Кулинан Серија 2 е создаден за да продолжи да гради врз тој успех.“
Продажбата на Ролс-Ројс во 2023 година достигна 6.032 возила, што е рекорд за марката. Во 2018 година, производителот на скапоцени автомобили продаде 4.107 возила.
















