за

Тест · КГМ / Сангјонг Торес · Различен на подобро

Торес јасно ја покажува мисијата на корејскиот производител. Предизвикот не е да се направи истото што конкуренцијата веќе го прави, туку да се направи подобро тоа што конкуренцијата го нема.

Македонските возачки и возачи ја поседуваат таа способност, уште рано да насетат нова марка на којашто ѝ претстои голема иднина. Сангјонг денес не само што ни е далеку од нова марка, туку и својот Корандо неретко го донесува до Топ 3 на најпродавани компактни СУВ на нашиот пазар. Новиот Торес потсетува токму на 1990-те, кога Сангјонг првпат се појави пред македонските возачи-ки, со славниот Мусо.

Во меѓувреме, од Сангјонг Мотор стана КГМ. Оваа промена се погоди одлично, за кусо да се присетиме на историјата, затоа што сцената инаку ќе изумеше дека корејскиов производител постои многу подолго од првиот Мусо. Тоа е всушност најстариот производител на автомобили во Кореја, а Сангјонг дури и не е првичното име, туку се појавува дури во 1986 година, откако Донг Мотор, со корени во автомобилската бранша што досегаат до 1954 година, станува дел од семејниот конгломерат Сангјонг Група.

Потоа следи бурен период, на корејски Деју – по нашки Даеву, кинески САИЦ, индиска Махиндра, и еден преоден период под Едисон Моторс, за сега да следи веројатно конечна стабилизација под моќниот холдинг КГ (челик, хемија). Доброто е тоа што маркава сé си сработуваше одлично, така што смените на сопственоста не променија ништо во мисијата на производителот на автомобили. А, тоа е: Посветеност на солидни СУВ, со желба светот во нив да препознава премиум возила.

Значи, врската со првиот Мусо. Исто колку што тој се издвојуваше со дизајнот, патем дело на поранешен дизајнер на Астон Мартин, како и со концептот врз основа на цврст теренец и каросериска надградба на солиден комби, така и денешниот Торес се издвојува од СУВ-шемата. Денес е многу лесно да се направи СУВ: Големи тркала, шарени светла, овде и онде по некој детал од груб теренец, па ваму и таму по некој заем од спортско купе – и луѓе пак ќе го сакаат, каков и да е.

КГМ направи нешто различно. Многу различно. Кој уште не насетува лик на моќно спортско купе кога Торес се гледа од оценувачки агол? Со американски црти, масл-кар. Но, пак сé е одмерено, точно за трикот да не изгледа евтино. Најголемата стилска независност на Торес се воочува отстрана. Покривот следи посебна шема, што се состои од две линии што поаѓаат под различен агол од почетокот и од завршетокот на покривот и се спојуваат во точка некаде над задните врати.

Комфорот е главната одлика на КГМ Торес, како во возење, така и во седење

Тоа секкако дека не е случајно. Намерата на дизајнерите веројатно била да укажат на тоа колку простор нуди Торес на задната клупа. Тоа е воедно и одлучувачкиот момент што ќе ги привлече купувачите да се решат за поголемиот модел, покрај Корандо што веќе нуди доволно од сé.

Сместен меѓу компактниот Корандо и луксузниот Рекстон, новакот се поставува во понудата на КГМ како модел од средна класа. Тоа го поставува покрај РАВ4, Тигуан, Спортаж, што како погодени претставнички на својата сорта, се и главни носителки на продажбата во сегментот, и сите нудат нешто повеќе од компактен СУВ.

Просторноста назад навистина убедува и не треба да се земе метар во рака за да се потврди тоа што се чувствува во кабината. Широки врати, половина педа луфта пред колената, па дури и аголот на седење и должината на седечката површина одговараат.

Торес е именуван по прочуениот национален парк во Патагонија, Торес дел Паѝн

Торес, патем именуван по Торес дел Паѝн, светски прочуен нацинален парк во Патагонија, Чиле, мери точно 4,70 метри во должина. Тоа се 25 сантиметри повеќе од Корандо, а има екстра два сантиметри и во ширина, како и значајни девет сантиметри во висина. Меѓуоскиното растојание се разликува за само 5 милиметри, затоа што КГМ не сака да му наштети на гласот на способен теренец – при подолго меѓуоскино растојание се ризикува подот да заглави на нерамнина и авантурата да запре. Во растојанието од подлогата, Торес е 1,5 сантиметар во предност, со своите 195 милиметри.

Уште еден ресор на Торес е багажникот: 703 литри наспроти 551 литри кај Корандо (не сметајќи го просторот под подот), и максимални 1.662 наспроти 1.248 литри. Иако е подолг, Торес е неколку десетини килограми полесен, а има и зголемена носивост. Тоа се веќе големи разлики. Мал данок од продолжениот опаш е тоа што место приколка да смее да натежнува со 105 килограми врз влечната кука, како кај Корандо, новиот модел дозволува 60 килограми. Оваа вредност сепак не менува многу, затоа што и Торес смее да влече 1,5 тон.

Освен во димензиите, КГМ сака својот нов модел да го издвои од Корандо и со дополнително внимание во доработката. Така во кокпитот ќе се видат неколку површини што се обработени со поголема грижа и повеќе детали. Има и стил, а се следат и трендовите. Внатрешноста во тест-моделот беше во навидум необична зелено-кафена комбинација, но токму тоа е трендот денес, кога производителите сакаат да ни го вратат вниманието кон животната средина и боите на природата.

Карактер на крстосувач, нешто што не може да се измери, но се чувстува

Торес вози одлично и тоа е главната добра вест, најдобрата од сите добри вести околу овој автомобил. Кога ќе се постигне темпо за автопат, овој СУВ како да „лизга“ по патот. Тоа е карактер на крстосувач, одлика на некои автомобили, во коишто возачот и патниците се чувствуваат поубаво отколку во друг автомобил во којшто им е познато чувството во возење.

Секако дека тоа не може да се измери, туку може само да се искуси. Затоа служат пробните возења за клиенти, за купувачите што ќе бидат расположени и подготвени да издвојат најмалку 40.000 евра за КГМ Торес, да бидат сигурни дека вложуваат добро.

Амортизацијата по автопат работи комфорно и тивко. Кабината помага за човек да се изолира од бучавата од сообраќајот околу. Истото важи и по спореден пат, и по асфалт со послаб квалитет, а тоа во Македонија значи секој асфалт што е легнат пред повеќе од две години.

Лимузина меѓу теренците, теренец меѓу лимузините

Мала забуна при возењето предизвика тоа што на погруби попречни нерамнини, веројатно само два или три пати за време на целиот тест, се слушна кусо тропање од амортизацијата – навистина погруби нерамнини, а тоа обично значи дупка во асфалтот или неуко изведен спој. Затоа, пак, сé станува јасно кога ќе се излезе од асфалтот и ќе се појде по некој пат што никогаш не видел асфалт.

Таму КГМ Торес е како лимузина. Ова не е шминкерски СУВ, туку способен теренец, и спомнатата реакција се должи само на добриот баланс што го имаат избрано инженерите, за Торес да биде комфорен по автопат, а пак способен по беспаќе. Тоа што на друго место би се свело на минус, тука дури се покажа како плус.

Моторот е бензинец од 1,5 литар, со турбонатполење и директно впрскување на горивото. Тоа е истиот мотор како во Корандо, со 163 КС и со 20 њутнметри екстра во вртежниот момент (280 њунтметри при 1.500 вртежи). Во поглед на потрошувачката, секоја вредност под 12-13 литри е одлична вест за СУВ со оваа големина и моќност. На отворено, вредности од околу осум литри нема да бидат несодстижни, додека строго во град, може да се смета на десет литри, без да се внимава премногу на динамиката на возење.

Голем помошник е секако 6-степениот автоматски менувач од Аисин, специјалист од светски глас. Вложувањето во автоматски менувач доаѓа заедно со повисоко ниво на опрема. Тестираниот Торес е во второто ниво, Форест Едишн, каде што автоматикот е стандард. Разликата со основната изведба со мануелен менувач и ниво Кварц – што пак е над основното ниво Амбер во коешто КГМ го продава Торес на европскиот пазар – изнесува 6.000 евра.

КГМ Торес 1.5 Форест Едишн во нашиот онлајн-каталог АВТОСАЛОН.МК · Технички податоци, опременост, цени, можност за споредба на сите нови модели на автомобили што се во понуда на македонскиот пазар

SsangYong Torres 1.5 GDI FWD AT6 Forest Edition

Автоматикот менува многу, го наградува возилото, и тоа што ќе се доплати, освен во поголема комоција, а и во подолга трајност на погонот, патем, ќе се покаже како предност и во пониската потрошувачка. Со обичен менувач, во град би се потрошило повеќе гориво отколу со автоматикот во тестираниот модел.

КГМ/Сангјонг веќе одамна не изненадува со системите за асистенција, што се присутни во истиот обем и со истата функционалност како кај многу поголеми марки. Предупредување за возило во мртов агол, систем за следење лента, автоматско долго светло, сé е стандард уште во првото ниво. Во Форест Едишн, дополнително се вградуваат уште приспособлив темпомат, седишта обложени со вештачка кожа, со греење и вентилација, систем за навигација.

Кај некои автомобили е авантура самото купување, тука се вложува сигурно

Сангјонг, односно сега КГМ, уште го држи гласот од времето кога целата сцена зборуваше за тоа дека во тогашниот Мусо се вградуваат мотори од Мерцедес-Бенц. Петцилиндарски швабски дизел, покрај изгледот што Мусо го двоеше во уличната слика во 1990-те? Рецепт за успех, што трае до денес. Времињата сепак се сменети, но Торес пак е во истата улога како првиот Мусо. Овој автомобил треба да биде различен, но тоа да го постигнува во добра насока.

КГМ Торес е стилско, комфорно, теренски солидно и карактерно возило, што веројатно ќе ги убеди оние возачи што се подготвувале за лимузина од германското премиум трио, но пак сонуваат за СУВ. За тоа, сепак се потребни и неколку илјади евра екстра. Тука се поставува Торес, како ненадеен избор. И мотото на КГМ за моделов звучи слично „ненадејна авантура“. Таа авантура сепак ќе има добра завршница.

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Куќата поскапа од фирмата: Шефот на Фискер го продава луксузниот дом во Лос Анџелес

Киа распалува со продажбата на електрични автомобили во САД