Зошто евтините електрични автомобили од Кина се двојно поскапи во Европа

БИД Ато 3 во Кина се продава за помалку од 18.000 евра, додека за него во Германија се бараат близу 40.000 евра.

Политиката во Европа и САД вклучи аларм дека домашните авто-индустрии може да бидат уништени во бранот од евтини електрични возила од Кина. Тие возила во Европа засега сé далеку од евтини, барем со цената.

Најголемиот кинески производител на електрични возила, БИД, во моментов значително ги има накачено цените за извоз, во споредба со тоа што го наплаќа за своите возила на домашниот пазар. Според тоа, за побивање на цените на овдешните производители на автомобили воопшто не може да стане збор.

Намерата е да се постигне висока маржа, што производителите не можат да ја постигнат во Кина, затоа што таму е премногу жестока конкуренцијата со цените.

Во некои свои салони во странство, БИД наплаќа повеќе од двојно, а во некои случаи близу трипати повеќе, во споредба со цените по коишто трите најважни модели на марката се продаваат во Кина. Истражувањето го направи Ројтерс, споредувајќи ги цените на БИД на неговите пет најголеми извозни пазари.

Пример е БИД Ато 3, компактен електричен кросовер. Во Кина, модел од средината на понудата се продава за 17.950 евра. Наспроти тоа, малечкиот кросовер во Германија чини 39.830 евра. Со таа цена, БИД пак е конкурентен во споредба со останатите електричини модели на германскиот пазар.

Од БИД не одговориле на барањето за коментар. Претседателот на компанијата Ванг Чуангфу, на приватна средба во март им кажа на инвеститорите дека БИД очекува извозот да помогне за профитабилноста да се зголеми годинава. На домашниот пазар се води остра борба со цените и не може да се постигне висока маржа.

Во автомобилската бранша е вообичаено на извозните пазари да се наплаќаат незначително зголемени цени, во споредба со цените на сличните изведби на тие модели за домашниот пазар.

Незамисливо големата разлика кај цените за извозот на БИД сепак е реткост, кажува Сем Фиорани од консултантската куќа Ауто Форкаст Солушнс.

„За возилата што се продаваат глобално обично се поставува потесен ценовен опсег,“ објаснува Фиорани.

Разликата во одреден дел ја отсликува убиствената конкуренција во Кина, најголемиот автомобилски пазар во светот, каде што неколку дузини марки електрични возила водат ценовна војна. Основниот модел на БИД, електричната комбилимузина Сигал, дома се продава за околу 9.300 евра.

Високите изозни цени на БИД воедно претставуваат сведоштво за масивните повластици што кинеската индустрија за ЕВ ги ужива на домашниот пазар, наспроти странските конуренти.

Кинескиот лидер во ЕВ ги има сведено на најмала мера трошоците во секој чекор од производството, од набавката на суровини за батерии, до купувањето земјиште и плаќањето на работната сила, кажуваат експерти и покажуваат податоци за составувањето на цените на батериите со коишто располага Ројтерс.

Покрај тоа, Пекинг им исплаќаше високи субвенции и на домашните и на странските марки што произведуваат во Кина. Батериските електрични и приклучните хибридни модели лани учествуваа со повеќе од една третина во вкупната продажба на возила во земјата.

Оваа предност во цените ги вознемирува конкурентите. Некои производители од Европа и САД повикуваат да се воведат повисоки царини за кинеските ЕВ. БИД и останатите кинески производители на ЕВ веќе се шират со фабрики во Европа, но уште не продаваат во САД, затоа што таму се соочуваат со повисоки царини и поголем отпор на политиката.

Кинеското владеење со глобалната индустрија на ЕВ беше очигледно на неодамна одржаниот Салон на автомобили во Пекинг, каде што БИД прикажа два луксузни модели. Тие се дел од стратегијата за освојување на премиум пазарот.

Производителите годинава ќе лансираат 110 нови ЕВ и приклучни хибриди во Кина, од кои повеќето се од домашните марки.

Зголемените цени за извоз му даваат на БИД простор да се постигнува многу поголема заработка по возило, кажуваат експерти за Ројтерс.

Овие маржи воедно му овозможуваат огромна приспособливост на кинескиот гигант, за да ги скусува цените и да го зголемува својот пазарен удел на странските пазари.

Кинеските производители, предводени од БИД, засега се задоволни со тоа што извозните цени ги држат на високо рамниште и постигнуваат голема заработка, кажува Бен Таунзенд, шеф на Тачам Рисерч, фирма од ОК со финансиска подршка од индустријата.

Тој вели дека кинеските производители на ЕВ се мачат да постигнат позитивна нула или барем мала заработка на својот домашен пазар.

„Тие немаат намера да ги побиваат цените на европскиот пазар,“ кажува Таунзенд. „Тие сакаат да постигнат маржа“.

БИД и останатите производители на ЕВ исто така се обидуваат да се ослободат од стигмата дека кинеските производи се евтини, додека градат репутација на глобално ниво и се сосредоточуваат на тоа нивните возила да ја задржат вредноста како користени автомобили. Тое е оцена на Бо Ју, менаџер во истражувачката куќа Јато Дајнемикс, надлежен за Кина.

„Кинеските производители се во фаза на градење на марка,“ кажува Ју.

Огромни разлики во цените

Ројтерс ги споредуваше цените за возилата на БИД на петте најголеми извозни пазари – Германија, Бразил, Израел, Австралија и Тајланд. На сите пет пазари се нудат трите најпродавани модели на БИД: Лимузините Долфин и Сил, и компактниот СУВ-модел Ато 3. Единствено во Израел не се продава Сил.

БИД Долфин

На тие пазари, цените на БИД Ато 3 се повисоки во опсег од 81 до 174 проценти во споредба со Кина.

Опсегот на цените на Долфин се движи од 39 до 178 проценти над кинеските цени, додека за Сил треба да се плати од 30 до 136 проценти повеќе.

Споредувањето на цените е комплицирано, поради тоа што постојат разлики во опременоста на моделите од еден до друг пазар. Во некои случаи, моделите за извозните пазари во основното ниво се опремени многу побогато отколку за домашниот пазар.

Кај некои модели сепак е мала разликата во опременоста, а цената пак се разликува драстично. Во истражувањето на Ројтерс, БИД Долфин во Германија чини околу 34.850 евра, додека споредлива изведба на тој модел, со истиот досег, во Кина се продава за околу 15.300 евра, што е повеќе од двојна разлика.

БИД Сил

Поопремената верзија на Сил во Германија чини околу 44.800 евра, за 59 проценти повеќе отколку во Кина.

За споредба, Ројтерс утврди и дека Тесла, чијшто автомобили се поскапи за производство од конкуренцијата, во Германија го продава Модел 3 од кинеско производство по цена што е за само 37 проценти повисока отколку на кинескиот пазар.

Производителите може да се соочат со големи трошоци во извозот. Но, огромната разлика во цената на БИД за извозните пазари е повеќе од доволна да се покријат тие трошоци и дополнително да се заработат илјадници долари по возило. Тоа за Ројтерс го кажуваат аналитичарите од А2МАК1, кои по налог на производителите ги расклопуваат возилата, за производителите потоа да можат да ги споредат своите модели со конкуренцијата.

Со седиште во близина на Париз, А2МЕК1 ја расклопи европската верзија на БИД Долфин, што чини околу 32.500 евра, и кинеската верзија што се продава за помалку од 14.000 евра.

Европскиот Долфин е малку подолг и има дополнителни предности, како незначително поголема батерија, покомофорна амортизација и дополнителни сензори. Но, и со тие надградби, плус давачки за транспорт и царина, А2МЕК1 цени дека БИД на европскиот модел заработува по околу 6.900 евра повеќе отколку на истиот автомобил што го продава во Кина.

„Моќ за добивање попусти за количина“

БИД прерасна во доминантен играч на кинескиот пазар на електрични возила. Компанијата сега вложува масивно за продажбата на светско ниво да се зголеми.

Во 2023, за извоз заминаа 240.000 возила, што е 8 проценти од вкупната продажба од три милиони возила. Со брзото додавање нови модели и со освојувањето нови пазари, извозот годинава треба да достигне 400.000 возила.

Истражувањето на Ројтерс утврди дека цените на кинеските автомобили се незначително под или над моделите на традиционалните европски марки. Кинезите ги полнат своите модели со ставки во опремата и со технологија, за коишто треба да се доплати екстра кај Европејците.

Врвната изведба на БИД Ато 3 во Германија чини 39.840 евра, што е малку под основниот модел на електричната Опел Мока, чијашто цена е 40.650 евра, а малку е над цената на основниот Пежо Е-2008, што таму чини 38.450 евра.

БИД Ато 3

Во некои случаи, БИД цели повисоко од конкурентите. Обновената изведба на Сил во Европа е поскапа за 10 проценти од споредлива Тесла Модел 3.

Во Кина, Сил чини 6 проценти помалку од Тесла.

БИД е во предност со тоа што сите компоненти ги произведува самостојно, место да се потпира на добавувачи.

Клучна цел беше да се намали цената на батериите, најскапата ставка кај еден ЕВ. БИД и останатите книнески производители во изминатите две десететија си обезбедуваа пристап до рудници ширум светот, за да располагаат со важни минерали за батерии, како литиум и кобалт. Тие владеат со овие суровини.

Истражувањата на Ројтерс покажуваат дека цената за производство на батериите во Кина е за 18 проценти пониска отколку цената за нивно производство во Европа.

Гиганти како БИД, што сам ги произведува батериите, може да ги спуштат трошоците уште пониско, со договарање попуст за количина.

На кинеските производители им помага и тоа што евтино го купуваат земјиштето – главно со помош на локалните власти – а користат и од евтината енергија и работна сила.

Претходна објаваКиа уште годинава ќе додаде трет електричен модел во понудата
Следна објаваЛимузината на Путин ќе се произведува во поранешната фабрика на Тојота

ОСТАВИ КОМЕНТАР

Please enter your comment!
Please enter your name here