за

Германците овој модел на Опел го нарекуваа „жапче“

Опел во 1924 година прв воведе производство на автомобили на подвижна лента во Германија. Првиот модел е 4/12 ПС, за Германците „лаубфрош“.

Опел пред сто години го понуди 4/12 ПС како автомобил што беше достапен за сите. Луѓето го познаваа како „жапче“, но историјата повеќе го помни поради друго.

Тој се произведуваше само во впечатлива зелена боја, поради којашто Германците го нарекоа „лаубфрош“, жаба крекалица. Постои причина зошто овој модел на Опел од 1924 година секогаш беше зелен: 4/12 ПС е првиот автомобил што Германија го има произведено на подвижна лента.

Меѓу бројните револуции на Опел, оваа е од најголемите. Опел 4/12 ПС беше малечка, зелена и достапна – и тоа е првиот автомобил што е произведен на подвижна лента во Германија. Затоа, 4/12 ПС, на германски „лаубфрош“, жаба крекалица, секогаш беше зелена. Производството на подвижна лента тогаш ограничуваше на само една боја. Револуцијата на Опел направи автомобилот да стане достапен за пошироките народни маси. На местото што пред сто години ѝ припаѓаше на крекалицата, денес е Опел Корса.

Во времето на „Лаубфрош“ Опел веќе имаше две и пол децении искуство и реноме на производител на автомобили. Марката беше позната посебно по моделот 4/8 ПС, наречен и „докторваген“, лекарско возило. Прекарот доаѓа оттаму што во тоа време лекарите одеа во домашна посета, амбулантите уште беа музика од иднината. Цената беше дополнителна причина за 4/8 ПС да биде баран меѓу лекарите.

Револуцијата се случи во 1924 година, кога Опел како прв производител на автомобили во Германија ја воведе подвижната лента. Моделот 4/12 ПС е првиот германски автомобил од тогаш револуционерниот начин на производство.

Тоа неколкукратно ги скуси трошоците за производство и автомобите станаа достапни за многу поширок круг купувачи. Од мај 1924 до јуни 1931 година беа произведени околу 120.000 примероци од Опел 4 ПС – продукција што претходно беше незамислива.

Зеленото Опелче, малечко и симпатично, беше во целосна спротивност со црните и големи автомобили што пред него царуваа со патиштата. Со цената, исто така. Но, Опел се погрижи 4/12 ПС да не биде само обичен и евтин автомобил, туку вгради и напредна техника. Тогаш моторите со посебен блок и со посебна глава беа исклучок, исто како и менувачот директно прирабен на блокот, подмачкувањето со пумпа за масло, ламелна спојка од челик, ветробран со нагодување и челични тркала.

Тркалата се иозработени од пресуван челик, исто како рамката на возилото. Врз неа е поставена каросеријата од челик и дрво. Еднолитарскиот мотор со 4 цилиндри ги забрзува 4/12 ПС до 60 километри на час. Во третиот степен може да се вози со постојана брзина од 50 км/ч.

Рачката на менувачот, за разлика од тогаш вообичаената положба надвор покрај каросеријата, поставена е во средината на возилото. Моделот со две седишта – подоцна се воведува и подолга изведба со три седишта – има должина од 3,20 метри, широк е 1,35 метар и висок 1,65 метал. Платнен преклоплив покрив служи како заштита од дожд и ветер. Уште една посебност е багажникот назад.

Риселсхајм го рекламира својот Опел како „возило за секого“, по цена од 4.500 рентни марки / 3.900 голд марки. Тоа е помалку во споредба со останатите возила, но возилото пак чини исто колку стан.

Поради подобрувањата во сериското производство на подвижна лента, цената паѓа со годините. Така Опел 4/20 ПС во 1930 година се продава за 1.990 рајсх марки. „Жапчето“ дотогаш има достигнато продукција од преку 100.000 примероци и го купуваат меѓу другото лекари, архитекти и трговски патници.

Иновативното производство на подвижна лента беше формулата за успех на Опел 4/12 ПС

Голем е успехот на првиот автомобил што во Германија е произведен на подвижна лента. Браќата Опел се решија на тој револуционерен чекор во 1923 година, во екот на инфлациската криза, токму со цел за да понудат достапен автомобил.

Одлуката падна откако Фриц фон Опел беше во посета на САД, за да ја запознае техниката на производство на подвижна лента и машините. Браќата Опел потоа вложија тогаш незамислива сума од милион голд марки, за да ја модернизираат фабриката.

Првата подвижна лента беше долга 45 метри – куса, но доволна да изврши револуција. Работниците повеќе не мораа да ги носат деловите рачно или со количка. Коленестите вратила, брегастите оски и блоковите на моторот сега доаѓаа на подвижна лента. Сé напредуваше постојано, па во 1928 година, производствената лента достигна должина од преку 2 километри.

Во пролетта 1924, фабриката изработува 25 возила дневно, за веќе кон завршетокот на годината да бидат достигнати сто возила на ден. По неколку месеци, дневната продукција достигнува 125 „жапчиња“. Тоа влијае и врз цената,а во исто време може да се покрие високата побарувачка.

Опел 4 ПС со ова важно поглавје испиша големи моменти за германската автомобилска индустрија.

Прилог на германскиот тв-канал Зат Ајнс за извесен Уве Еркхард, сопственик на три историски автомобили, кој има посветено десет години во рестарација во Лаубфрош

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Шефот на Шкода: „Автомобилите со мотори со внатрешно согорување нема едноставно да исчезнат“

ЕУ ги предупреди кинеските БИД и Џили за недоволна соработка во истрагата за државна помош