Европската комисија издаде предупредување до три кинески производители на автомобили, дека тие не обезбедиле доволно материјали во истрагата што се води околу недозволената помош што тие ја добивале од Пекинг.
Доколку Комисијата реши дека е недоволна информацијата што ја доставиле испитуваните компании БИД, САИЦ и Џили, таа може да ги користи доказите што ќе ги најде на друго место и според нив ќе ги одреди царините за автомобилите на тие компании, односно е сосем извесно дека ќе ги зголеми царините за нив.
ЕУ честопати издава вакви предупредувања во случаите што се водат за да се заштити трговијата во Унијата. Во сите 10 последни случаи за заштита на ЕУ од субвенциите што Кина им ги дава на производителите и за коишто веќе се воведени заштитни мерки, односно казнени царини, Комисијата се повикувала на „докази што биле најдени на друго место“ за да ги пополни информациите што ѝ недостигале.
На компаниите им е дадено правото да одговорат на предупредувањето, кажуваат две лица што се упатени во случувањата.
Истрагата на ЕУ е насочена против кинеските производители на електрични автомобили, кажува здружението на авто-производители во Кина. Од САИЦ тврдат дека „целосно“ соработувале со Комисијата и ја доставиле сета потребна информација, соодветно на законите на Светската Трговска Организација и ЕУ.
„Мора да се напомене, дека информација што е комерцијално осетлива – како составот на батеријата – не треба да спаѓа во оваа категорија,“ пишуваат претставници на САИЦ во порака на ВиЧет за автомобилскиот гласник Аутомотив Њуз.
Компанијата одбила да коментира дали Брисел побарал информација околу составот на батеријата.
Одбиваат да коментираат и од Џили. БИД не одговориле на барањето за коментар.
Кинеската стопанска комора при ЕУ тврди дека обвинувањата за недоволна соработка се неосновани и дека компаниите учестувале во бројни рунди на прашалници, а дозволиле и инспекции во самите фабрики.
Комората додава дека компанијата цени оти дел од барањата на ЕУ се претерани, вклучувајќи куси временски рокови за детална документација, за барања што го надминуваат капацитетот на компаниите за да обезбедат докази, како и барања за информации од добавувачите што се осетливи од осетлива природа за бизнисот.
Комисијата што е надлежна за трговската политика на ЕУ, во октомври отпочна истрага дали за електричните возила што се произведени во Кина биле добивани посебни субвенции и се користеле бројни даночни повластици.
Комисијата може да воведе казнени царини по девет месеци од почетокот на истрагата.
















