Три и пол километри. Можеби стотина метри повеќе, но пак не многу. Толку пат ѝ недостига на Македонија, веројатно во последниве три и повеќе децении, за човек да може од Велес, и до Велес и секаде понатаму, да избере да вози без да плаќа патарина, исто како што тоа е можно од Тетово или Куманово.
Тоа во меѓувреме го знаат и врапците. Од Скопје до Велес се вози само по автопат и никако поинаку. Во случај, не дај Боже, да се преврти цистерна на патот, да се откачи карпа или да дојде до верижен судир, и „автопатот“ да биде непрооден на неколку часови, единствен заменски пат е кон Штип, па од Кадрифаково, кон Велес и сé што е понатаму, а тоа значи практично половина Македонија.
Место половина час, ќе се вози еден час, и веројатно уште дваесетина минути. Тоа некому неважно време, многу му е важно на некој болен во возило на брза помош. Без многу мудрување, светот одамна има научено дека покрај секој автопат, со закон се обврзува да биде обезбеден и спореден пат. Од Скопје до Велес, исто и од Велес до Скопје, од Прилеп, Битола, Кавадарци, Неготино, Гевгелија, спореден пат не постои.
Патот секако дека постои, и тој со децении наназад се користел нашироко, кога во оваа земја уште се создавало. Меѓутоа, три и пол километри пат, поточно „не-пат“ оневозможуваат секаква намера за човек да скршне од автопатот и да си дојде на одредиштето по друг пат. Некому не му се брза и сака да ужива во природа, да си почине. Некој не сака да плаќа патарина, можеби и прескапа му е, па би го избрал патот по којшто нема да треба да плаќа.
Без многу мудрување, дали и зошто секогаш треба да постои спореден пат, кога се работи за релацијата Скопје-Велес, секогаш останува истото прашање. Зошто од Скопје, преку Арачиново, може дури и побрзо отколку по автопатот да се вози до Куманово, без да се плати денар патарина, и уште поважно, без човек да си го жртува животот или возилото, но до Велес тоа не успева.
Осумдесет денари по насока, вкупно 160 денари за едно патување и враќање. Кај Катланово има можност да се скршне од автопатот и да се продолжи за Скопје без патарина. Дваесет денови во месецот, секој ден по 160 денари за доаѓање на работа и враќање, тоа дава 3.200 денари. За дванаесет месеци, 38.400 денари. Денес автомобил се купува за помалку.
Можеби некој има „фатено“ голема работа во Скопје и сака да си ја донесе екипата за да гради тука. Една дузина работници, по четворица во кола, со три коли за Скопје, тоа дава трошок од 115.200 денари за година. Десет такви градежни екипи, ете го преку милион денари.
Зошто од правец на Велес мора да се плаќа тој трошок, а истиот не мораат да го плаќаат нивните колеги од Тетово или Куманово. Од сите села и населби околу исто така.
Некој земјоделец сака да си ги донесе производите во Скопје. Тој можеби договорил со некој мал ланец супермаркети и им носи од росоманските домати што траат три денови. Скапи се, но вредат. Но, колку вредат, ако остануваат да ги купат само намерниците што минуваат покрај уличниот пазар таму? Тој вредниот направил сметка дека му е прескапо да ги носи, поради патарините. Колку бензин, толку патарина.
Можеби некоја млада уметница од срцето на Македонија, ете фотографка, има желба да ги прикаже природните убавини, црквите и манастирите, дивиот живот во тие краишта, и мора често да патува за да сработи некој проект. И таа не ќе може да допатува лесно до сите свои одредишта, затоа што можеби ќе треба прво во автопатот да дојде до Скопје, па потоа удолу до кај што има пат. И нејзината работа е важна, секако, нејзиното дело ќе замолчи многумина што ѝ се имаат намерено на оваа убава земја и на нејзиноот народот.
Кое гледиште и да се земе, патот е важен. Патот е живот, а кога патот ќе се прекине… Не секогаш, оваа прекрасна земја има непријатели однадвор.
Конечно, кој чека ќе дочека репортажа, само мислам дека е некако “мекичка’ како да треба да се направи патот од сожалување, а не како обврска и како неопходен, не само за поврзување од Скопје со Велес и отука понатаму, туку и за развој на целиот тој регион (Ветерско и др). Во секој случај барем е добро нешто да почне да се зборува (и можеби и делува-каде сте градоначалници на Велес и Петровец!) за тој НАМЕРНО заборавен пат. Можеби (или сигурно) ова треба да се продолжи и заоштрува. Поздрав и не застанувајте. Овој пат можеби е најлош, (од важните) но има и други.