за

Турција во напредни преговори за фабрика на кинески БИД и Чери

Турција посебно води преговори со САИЦ, матичниот концерн на МГ, како и со Грејт Вол.

Турција е во напреднати преговори со кинеските производители БИД и Чери, за вложување во фабрика за електрични автомобили во земјата. Тој чекор би им овозможил на кинеските компании да ја зајакнат продажбата во Европа.

„Ние би сакале преговорите да ги завршиме колку може поскоро. Поминавме долг пат со двата производители,“ изјави министерот за индустрија и технологија Фатих Качир, во интервјуто за Блумберг.

Тој додаде и дека се водат посебни разговори со САИЦ, концернот што ја поседува марката МГ, како и со Грејт Вол.

Од БИД, Чери, САИЦ и Грејт Вол засега немаат излезено со соопштение.

Со овој потег, кинеските производители на автомобили би добиле полесен пристап до Европската Унија, со којашто Турција има потпишано спогодба за заеднички царини.

Турција и самата е доволно голем пазар, со удел на батериските електрични автомобили од 7,5 проценти во вкупната продажба на автомобили во земјата во 2023 година.

Националниот регулатор на пазарот на енергетика очекува дека бројот на ЕВ во земјата ќе се зголеми за околу 180.000 возила до 2025 година. Истражувачката куќа БМИ предвидува дека уделот на ЕВ во продажбата на патнички автомобили во Турција ќе достигне 30,4 проценти во 2032 година.

Директорот на БИД за Европа, Мајкл Шу, во минатата седмица кажа дека увидел простор за втора фабрика во Европа во 2025 година, покрај фабриката што веќе се гради во Унгарија.

Вложувањата во Европа ќе му помогнат на БИД да ги избегне новите увозни царини, што ќе следат по завршувањето на истрагата на ЕУ за субвенциите што производителите ги добивале од Пекинг. Турција исто така има дополнителни царини за ЕВ што се произведени надвор од земјата.

Анкара прави обиди да го заштити Тог, првиот домашен производител на ЕВ, од конкуренција, додека новата марка се пробие на домашниот пазар. Турција беше четвртиот најголем пазар на возила во Европа во последното тромесечје од минатата година.

Конечната одлука за вложување од која било од двете кинески компании би претставувало голема победа за турската влада, којашто со години вложува напори да ја искористи локацијата на земјата, како врска меѓу Азија и Европа, за да привлече странски вложувања во производството. Досега немаше поголеми успеси во таа насока.

Голема загуба беше решението на концернот Фолксваген да го откаже планираното вложување во фабрика во земјата, што проследи откако Турција изврши воен напад во северна Сирија во 2019 година.

Министерот кажа дека Турција е совршена база за извоз во ЕУ, поради системот за заеднички царини со Унијата и поради софистицираната автомобилска индустрија.

Автомобилите лани беа меѓу најголемите извозни подрачја. Турција извезе возила и резервни делови во вредност од 35,7 милијарди долари. Една деценија порано, овој извоз достигаше 21,6 милијарди долари.

Одлуката за отворање фабрика за автомобили во Турција, на кинеските компании ќе им овозможи „привилегирани можности за вложување во батерии, исто така“, кажа Качир, додавајќи дека уште постои неизвесност околу исходот од преговорите.

Тог и кинеската Фарасис Енерџи исто така градат заеднчка фабрика за батерии во севрозападниот град Бурса.

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Рено со новиот Рафал го враќа приклучниот хибрид во понудата

Фиат 500 се пензионира во време кога побарувачката му е најголема