за

Фиат 500 се пензионира во време кога побарувачката му е најголема

Фиат 500 и натаму се продава шампионски, меѓутоа новите закони на ЕУ, за автомобилите да имаат заштита од сајбер-напади, му го скусија векот во фабрика.

Многумина ќе бидат изненадени од тоа што Фиат 500 по 16 години на сцената, од почетокот на јули повеќе нема да се произведува. Тоа важи само за моделот со мотор со внатрешно согорување – електричниот 500е со сосем различна платформа останува. Причина за претстојниот престанок на производството на Чинквеченто не е недостигот од побарувачка, туку новите закони на ЕУ.

На 4-ти јули 2007 година, Торино потсети зошто Италија е горда на своите автомобили. Фиат тогаш првпат го покажа пред светот новиот 500, новиот Чинквеченто. Сите беа одушевени. Оваа малечка кола со голема историја и силни заслуги му беше потребна на светот.

Секако дека успехот на Чинквеченто не остана ограничен на просторот од долината Аоста до островот Лампедуза. Продукцијата на оваа генерација на Фиат 500 надмина 3,2 милиони примероци. На светот му се допаѓаше тоа што во автомобилот на Фиат ја препознаваше новата Долче Вита.

По 16 години, во почетокот на јули престанува производството, поради тоа што новите закони на ЕУ, што стапуваат на сила на 7-ми јули, условуваат новите автомобили да располагаат со бројни системи за асистенција, па и со систем за заштита од сајбер напади. Тоа погоди голем број модели што пазарот и натаму ги сака, меѓутоа нивното приспособување за новите барања на Унијата е прескапо, и таквите автомобили со цените би биле неинтересни.

На 4-ти јули 2007 година, кога Фиат го пушти новиот 500, беа поминато точно 50 години откако првиот Фиат Нуова 500 се појави пред светот. Малечкиот автомобил со вечна слава се произведуваше од 1957 до 1977 година. Тоа што бубата беше за Германците, Чинквеченто беше за Италија – и за цел свет.

Ексклузивната серија Трибуто Трепиуно

Италијанците уште тогаш беа вешти, со добар маркетинг и со редовно освежување на моделот да ја држат сцената будна за нивниот автомобил. Тополино, глувчето, од производствените ленти се симна во 3,7 милиони примероци. Италија тогаш му се одушевуваше на уште еден светски „лик“, на Мики Маус, односно Тополино. Затоа и Торино пред извесно време потсети на оваа врска, со ексклузивна серија модели од новиот Тополино.

Побарувачката далеку ги надмина очекувањата

Фиат 500 во 2007 година наиде на моментален успех. Фабриката во Полска мораше да реагира брзо и да ја зголеми продукцијата, за да се покрие огромната побарувачка. Тоа не помогна многу, затоа што купувачите мораа да чекаат долго за нивиот чинквеченто да пристигне.

Дизајнот е многу погоден. Тркалезните светла, малите тркала и заводливите облини на автомобиот од 3,55 метри, воспоставија непосредна паралела со историскиот модел. Светот имаше нов Тополино.

Кафулето Фиат 500 на покривот на Лингото, во Торино

Верно на историскиот пример, новиот Фиат 500 во 2009 година доби изведба Ц, со електричен платнен покрив. Во внатрешноста исто така беше присутен духот на претходникот. Тркалезниот инструмент и лакираниот надолжен појас по таблата се оставштина од моделот од 1950-те.

Во осмислувањето на каросеријата, новиот модел го следеше примерот од претходникот: Две широки врати, две пристојно комотни седишта напред и две седишта назад за патници што не бараат многу простор, сé со цел да се задржи предноста од кусата каросерија.

Пресвртница околу третото поколение на Фиат 500, што требаше да вози само електрично. Можно е Торино да го понуди култниот модел и како бензинец.

Во погонот, италијанската марка сепак се реши да не го следи историскиот модел, со мотор назад и погон назад. Фиат 500 е „класичар“ во тој поглед. Низ годините, под хаубата работеше супер-техно двоцилиндарец – без брегасти вратила! – работеа и трицилиндарци, и четирицилиндарци. Повеќе години наназад, погонот во 500 е благ хибрид, со стартер-генератор, што помага многу при градско возење.

Моќноста се движеше од 69 до 105 КС. Итало-мобилот го одживеа и времето на дизелот, па 500 возеше и со 1,3-литарски дизели, со 75 или 95 КС. Торино поради овој модел и ја врати во живот марката Абарт. Во „навиените“ изведби работеа мотори со моќност меѓу 135 и 190 КС. Освен моторот, моделите со шкорпионот добиваа зафати и во подвозјето, во сопирачките, во издувот, секако во каросеријата, и уште повеќе во внатрешноста. Специјалните серии на Абарт неретко и по трипати ја надминуваа вредноста на основниот модел.

Fiat 500 Dolcevita
Фиат 500 Долче Вита

Својствено за модел што сцената го обожува, Фиат 500 беше крунисуван во повеќе од 25 специјални серии. Повеќето од нив се нудеа ограничено време или во ограничен број примероци. Најретка е изведбата Трибуто Трепиуно, што Фиат ја пушти во март годинава.

Преку специјалните серии беа воведувани новини што дури отпосле стануваа достапни кај стандардните модели. Таков пример е Култ од 2014 година, којашто прва доби голем средишен дисплеј за ракување. Со Стар и Рокстар, во 2019 година, 500 доби можност за поврзување со паметен телефон.

Fiat 500 Collezione dva milioni
Двомилионитото возило беше произведено во 2018 година

Најзапаметените, а неретко и најскапи изведби, се Фиат 500 бај Дизел (2008), Фиат 500 бај Гучи (2011), Фиат 500 Џи Кју (2013), Фиат 500 Рива (2016), Фиат 500 Аниверсарио (2017), и секако, Фиат 500 Долче Вита (2019). Аутомобиле СК не пропушташе да ги донесе специјалните серии пред македонските возачки и возачи, во одреден период Долче Вита беше редовна постава во салонот.

Освен убави бои и детали, специјалците доаѓаа и со многу отмени ставки. Тоа посебно важи за Рива, со топка на менувачот изработена од едно парче махагон или Долче Вита, со кожени седишта во боја на слонова коска и бело-син платнен покрив во кабриолет-изведбата.

fiat 500

Промените во техниката што ги бара ЕУ од сите нови модели, Италијанците ќе ги извршат кај Панда, што останува уште долги години во понудата. Со неа, Фиат го покрива ценовниот сегмент од којшто повеќето производители веќе одамна си заминаа.

За поздравување со продолжението на поглавјето што почна во 1957 година, Фиат ја пушти серијата Колеционе 1957. Исто како на денот на премиерата на 500 пред 57 години, така и оваа серија ќе биде ограничена на 1.957 специјални примероци – само во изведба со платнен покрив.

Посебност на Колеционе е двобојната каросерија, во бело и зелено, заедно со покрив во беж боја. На плочка во кабината е серискиот број. На задните стакла се наоѓаат силуеите на Нуова Чинквеченто од 1957 година и на актуелниот модел. Така се затвори кругот на двете историски важни автомобили.

Fiat 500 1.0 70 КС Euro 6D

Аутомобиле СК отиде чекор понапред во своето онлајн-присуство и на Карстор може во секое време да се погледне залихата од возила што се достапни.

Во моментов Карстор прикажува 15 примероци од Фиат 500 достапни за испорака веднаш, и задолжително, Фиат 500 Кабриолет, којшто е воедно и најпрестижниот модел во понуда – ако се изземе ексклузивниот примерок од Абарт 695 со 180 КС и цена од 37.200 евра. Стандардните модели почнуваат од 16.190 евра.

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Турција во напредни преговори за фабрика на кинески БИД и Чери

Кога врне на Порше Експериенс, тоа ќе биде плодоносна автомобилска година