за

Кога врне на Порше Експериенс, тоа ќе биде плодоносна автомобилска година

Кога нешто е многу моќно, народски велиме дека е закон. Порше 911 е закон. Поради неа, ЕУ веќе направи отстапка од планот за 2035 година.

Возилата се Порше, но настанот со веројатно најдолга традиција во автомобилска Македонија досега до сите марки и возачки и возачи.

Наоколу е сменето сé. На покривот на Порше Македонија работат сончеви панели и создаваат струја со којашто се покрива половината од потребите на центарот. Во иднина ќе биде и повеќе. Точно пред салонот за марката Порше се поставени два турбо-полначи што заедно располагаат со моќност за полнење од 160 кВ. Вкупно има 13 полначи со различна моќност.

Пред центарот сега минува булевар со по три ленти. Отспротива се работи на новиот салон на Сеат и Купра. Неодамна на тест-возење гостуваше Шкода Ениак Купе. Електрични модели уште одамна имаа премиера во Фолксваген, Ауди, во Порше. Првите сервисни мајстори веќе го стекнаа највисокиот сертификат за работа на електричните модели на марката Порше. Луѓе минуваат со Тајкани и С-Е хибриди низ нашата најубава Македонија, во Порше мораат да бидат подготвени и за нив. Според неслужбени разговори, Порше Македонија досега има испорачано повеќе од сто електрични возила.

И, Порше 911. Кога по возењето на нојн-елферот, како што Германците си ја нарекуваат деветсто-единаесетката, некој ќе ви каже отстрана дека ЕУ се умислила по 2035 година да ја прекине продажбата на нови автомобили со мотор со внатрешно согорување, човек по ова искуство во 911 не може да не се побуни, та колку и да бил поклоник на брзото преоѓање на електричен погон. Тоа, патем, неодминливо ќе се случи, во прашање се само датумот и обемот.

Сé тече и сé се менува, освен Порше 911

Токму затоа, Порше е меѓу најголемите поборници, ако не и предводник, во намерата, моторите да ни останат и по 2035, а тогаш и по 2050 година, но место фосилни горива, тие мотори ќе користат синтетско гориво. Така пак се смалува емисијата на ЦО2. И токму поради Порше, ЕУ веќе направи една отстапка од намерата, по 2035 година да се излегува од салон единствено со целосно електричен автомобил.

Тоа е моќта на нојн-елферот. Моќта не се 650-те КС на Порше 911 Турбо С и нејзините 8,9 секунди… до двесте километри на час, туку моќта што девет-единаесетката ја има како значење за автомобилизмот во целост. Според тоа, вистина е дека и натаму сé тече и сé се менува, освен Порше 911. Хераклит во 6-от век пред н.е. уште немал навестување дека Фери Порше во 1963 година ќе ја понуди првата 911-ка, а и таа наследничка на 356 од ’48-ма.

Кога светот во 2035 година несомнено ќе вози повеќе електрични автомобили, Порше 911 ќе продолжи да вози со синтетско гориво. Германците веќе произведуваат такво е-фјул во Чиле, од вода и ЦО2, со примена на енергија од ветерници. Синтетското гориво ќе биде воедно и единственото гориво што во иднина ќе се користи во „класичниот“ мотоспорт – и во Порше 911. Таа ќе вози и длабоко во ерата на електромобилноста, со бензин произведен со врвна технологија.

ТЕХНИЧКИ ПОДАТОЦИ · Порше 718 Бокстер С ПДК

  • МОТОР: Боксер, 4 цилиндри, 2497 цм3, пречник х óд 102 x 76,4 мм, моќност 350 КС при 6500 мин-1, вртежен момент 420 Нм при 2100-4500 мин-1, компресија 9,5:1, ВариоКам Плус за вшмукување и издув, сув картер, турбо со променлива геометрија, три интеркулери, двоен издув ПОГОН И ПРЕНОС: Мотор во средина, погон назад, 7-степен менувач со двојна спојка ПОДВОЗЈЕ: Електромеханичко сервоуправување со променлив преносен однос, челични пружини, мекферсон напред и назад, круг на вртење, 10,98 м СОПИРАЧКИ: 4-клипни клешти од алуминиум напред и назад, вентилирани и перфорирани дискови од сив лив, 330 х 34 мм напред, 299 х 20 мм назад ГУМИ И ТРКАЛА: 8Ј х 19 ЕТ 57 со гуми 235/40 ЗР 19 напред, 10Ј х 19 ЕТ 45 со гуми 265/40 ЗР 19 назад ДИМЕНЗИИ Д х Ш х В 4379 х 1801 х 1280 мм, м. растојание 2475 мм, ширина на трага напред 1515 мм, назад 1540 мм БАГАЖНИК И ТЕЖИНИ 275 литри (150 напред, 125 назад), тежина 1385 кг ПЕРФОРМАНСИ 285 км/ч, 0-100 км/ч за 4,4 с ПОТРОШУВАЧКА просек 8,8 л, резервоар 64 литри

Оваа заслужничка за спасот на моторите со внатрешно согорување секако дека беше дел од „патувачкиот циркус“ Порше Експериенс годинава. Циркус само условно, затоа што како и секој германски производ, и ова возење е осмислено до најситната поединост, па и до редоследот по којшто возилата се редат пред салонот на Порше пред поаѓањето на Експериенс.

Десетина новинари, а на голема радост и инфлуенсерки, први го започнаа овој фин настан, што опфаќа и посебни денови за клиентите на Порше, сегашни и идни. Покрај сите штетни влијанија што нашата автомобилска сцена ги претрпе и ги трпи со довлечкувањето на евтиниот луксуз од бугарските автоплацеви, Порше Експериенс е како прочистување. Овој реален луксузен карван, директно ни ги донесува вистинските и возвишени автомобилски вредности, изворни и непореметени на патот од Швабија наваму.

ТЕХНИЧКИ ПОДАТОЦИ · Порше 911 Тарга 4 ГТС

  • МОТОР: Боксер, 6 цилиндри, 2981 цм3, пречник х óд 91 x 76,4 мм, моќност 480 КС при 6500 мин-1, вртежен момент 570 Нм при 2300-5000 мин-1, компресија 10,2:1, ВариоКам Плус за вшмукување и издув, битурбо ПОГОН И ПРЕНОС: Мотор назад, варијабилен погон на сите тркала, 8-степен менувач со двојна спојка, заден диференцијал со ел. блокада ПОДВОЗЈЕ: Електромеханичко сервоуправување со променлив преносен однос, челични пружини, мекферсон напред, 5-водилки назад, круг на вртење, 11,2 м СОПИРАЧКИ: 6-клипни клешти од алуминиум напред, 4-клипни назад, вентилирани и перфорирани композитни дискови, 408 х 36 мм напред, 380 х 30 мм назад ГУМИ И ТРКАЛА: 8,5Ј х 20 ЕТ 50 со гуми 245/35 ЗР 20 напред, 11,5Ј х 21 ЕТ 67 со гуми 305/30 ЗР 21 назад ДИМЕНЗИИ Д х Ш х В 4533 х 1852 х 1299 мм, м. растојание 2450 мм, ширина на трага напред 1595 мм, назад 1557 мм БАГАЖНИК И ТЕЖИНИ 132 литри, тежина 1685 кг ПЕРФОРМАНСИ 307 км/ч, 0-100 км/ч за 3,5 с ПОТРОШУВАЧКА просек 9,9 л, резервоар 67 литри

Турбо-нојн-елферот од 1975 година, со неговите воздушно ладени 260 КС, веројатно ќе беше управлив само за врвни возачи по силниот дожд на овогодишната рута до Пелинце, до меморијалниот центар на АСНОМ. Дождот што се најави уште неколку денови пред одржувањето на настанот (за новинарите, на останатите гости не им врнеше), воопшто не ги поколеба организаторите на настанот.

Проверувањето на е-поштата, за случај да пристигнала порака дека настанот се одложува, се покажа излишна. Порше-луѓето си ги познаваат своите автомобили. Порше 911 Турбо С, со 650 КС и погон на сите тркала, дојде на ред за возење токму на најмногу наврнатиот дел од патот, од Пелинце до клучката со патот Крива Паланка – Куманово.

Сите сензори, камери, радари, чипови во Турбо С, врз основа на измерените вредности од контактот на гумите со патот, утврдија дека врне дожд, па во инструментите се појави препорака да се префрли во програма за возење по дожд. Во такви услови човек учи да ја цени работата на овие помагачи. При посилно притискање врз гасот, на момент се почувствува како опашот сака да побегне. Контролата на стабилноста го спречи тоа, и точно, и навреме. Со машина што со сите опции вреди близу 300.000 евра, не се игра.

ТЕХНИЧКИ ПОДАТОЦИ · Порше 911 Турбо С

  • МОТОР: Боксер, 6 цилиндри, 3745 цм3, пречник х óд 102 x 76,4 мм, моќност 650 КС при 6750 мин-1, вртежен момент 800 Нм при 2500-4000 мин-1, компресија 8,7:1, ВариоКам Плус за вшмукување и издув, битурбо со променлива геометрија, 1,55 бар ПОГОН И ПРЕНОС: Мотор назад, варијабилен погон на сите тркала, 8-степен менувач со двојна спојка, заден диференцијал со ел. блокада ПОДВОЗЈЕ: Електромеханичко сервоуправување со променлив преносен однос, челични пружини, мекферсон напред, 5-водилки назад, активно подвозје, круг на вртење 10,9 м СОПИРАЧКИ: 10-клипни клешти од алуминиум напред, 4-клипни назад, вентилирани и перфорирани керамички дискови, 420 х 40 мм напред, 390 х 32 мм назад ГУМИ И ТРКАЛА: 9Ј х 20 ЕТ 41 со гуми 245/35 ЗР 20 напред, 11,5Ј х 21 ЕТ 67 со гуми 315/30 ЗР 21 назад ДИМЕНЗИИ Д х Ш х В 4535 х 1900 х 1303 мм, м. растојание 2450 мм, ширина на трага напред 1583 мм, назад 1600 мм БАГАЖНИК И ТЕЖИНИ 128 напред/264 литри назад со соб. клупа, тежина 1640 кг ПЕРФОРМАНСИ 330 км/ч, 0-100 км/ч за 2,6 с ПОТРОШУВАЧКА просек 11,1 л, резервоар 67 литри

Сé е Порше тука. Перформансите, возните својства, практичноста за 911 да се вози во секојдневието, завршната изработка, германскиот печат. На сето тоа доаѓа и способноста на инженерите во Цуфехаузен – тoa патем е на десетина километри од Унтертиркхајм, до Мерцедес – да постигнат чувството во возење да се разликува меѓу сите варијации на елферот, од Карера и Тарга, преку ГТС и Турбо, до ГТ3 и С/Т.

Јерг Бергмајстер, амбасадор на марката Порше, тестира 911 Турбо С на патека

Чуда се случуваат во моделското семејство на Елферот. Тоа важи и за Тарга, којашто е подвижно шоу, со цврст покрив што со сложена кинематика се собира под задното стакло и со тоа останува „кабриолет за цела година“.

Двете единаесетки годинава беа во своите најпретставителни изведби. Едната Турбо С, другата 4 ГТС. За разлика од останатите тарга-изведби – Тарга 4 (385 КС) и Тарга 4С (450 КС), 4 ГТС додава до 480 КС и спринтува до темпо сто за 3,5 секунди. Кај купето и кабриолетот ГТС има дополнителна разлика во тоа што подвозјето е преземено од Турбо и дополнително е нагодено.

Оваа пригода да се вози Порше 718 Бокстер беше веројатно и последна, затоа што како и бројни други модели, таа мораше да си замине од производство, поради новите закони на ЕУ, што бараат сите нови возила произведени по 1-ви јули, да располагаат со посебна заштита од хакерски напади. На Порше исто така не му се исплатеше да ги изврши преправките, затоа што и без тоа ближеше завршетокот на моделскиот век на 718. Низ годините, купето Кајман и родстерот Бокстер прераснаа во модели во коишто доживувањето на возење Порше е уште поинтензивно отколку во самиот Елфер.

Првпат во „забавниот парк на Порше“ се појавува новата генерација на Кајен, во неговата купе-изведба и во врвната погонска изведба од вкупно седумте степени што се достапни кај Кајен, со 739 КС – тоа е системската моќ што заедно ја постигнуваат 4,0-литаскиот Ве-8 со 599 КС и електромоторот со 130 кВ, односно 176 КС. Со батеријата од 25,9 кВч, Кајен Турбо Е-Хибрид Купе со пакет ГТ, може да извози осумдесетина километри во град, односно десетина километри помалку при возење на отворено.

ТЕХНИЧКИ ПОДАТОЦИ · Порше Макан С

  • МОТОР: Форма на латинично В, 6 цилиндри, 2894 цм3, пречник х óд 84,5 x 86,0 мм, моќност 380 КС при 5200-6700 мин-1, вртежен момент 520 Нм при 1850-5000 мин-1, компресија 10,5:1, ВариоКам Плус за вшмукување и издув, битурбо ПОГОН И ПРЕНОС: Мотор напред, варијабилен погон на сите тркала, 7-степен менувач со двојна спојка ПОДВОЗЈЕ: Електромеханичко сервоуправување, челични пружини, 5 водилки напред, оска со повеќе водилки назад, круг на вртење 11,96 м СОПИРАЧКИ: 6-клипни клешти од алуминиум напред, 1-клипни назад, вентилирани дискови, 360 х 36 мм напред, 330 х 22 мм назад ГУМИ И ТРКАЛА: 9Ј х 20 ЕТ 26 со гуми 265/45 Р 20 напред, 10Ј х 20 ЕТ 19 со гуми 295/40 Р 20 назад ДИМЕНЗИИ Д х Ш х В 4726 х 1927 х 1621 мм, м. растојание 2807 мм, ширина на трага напред 1645 мм, назад 1655 мм БАГАЖНИК И ТЕЖИНИ 458 / 1503 литри, тежина 1930 кг ПЕРФОРМАНСИ 259 км/ч, 0-100 км/ч за 4,8 с ПОТРОШУВАЧКА просек 11,7-11,1 л, резервоар 65 литри

Тоа што е поимпресивно секако е способноста 2,5-тонскиот болид да забрза до 305 километри на час, со спринт до темпо сто за 3,6 секунди. Сета оваа техника според германскиот ценовник и без опции, чини 215.600 евра – тоа е повеќе од двојно од основниот Кајен, со 353 КС.

Моќноста во Кајен секогаш е придружена со луксузна опрема, што во овој случај значи табла обложена со алканатара, трет дисплеј пред совозачкото седиште, со можност да се гледа филм, или уште подобро, асистентот или асистентката да се собира телеметриски податоци додека се лови личен рекорд на Нирбургринг.

Макан во меѓувреме почна да вози и во целосно електрична изведба, што се базира врз новата ППЕ-платформа. Концернот чекаше на Макан Електрик, па тој беше меѓу другото и причина за Ауди да ја одложи премиерата на своите електрични модели. Затоа веднаш по Макан следеше Ку-6 е-трон, а наскоро доаѓа и електричен А6 е-трон, исто така врз ППЕ-платформа.

ТЕХНИЧКИ ПОДАТОЦИ · Порше Кајен Турбо Е-Хибрид Купе со пакет ГТ

  • МОТОР: Форма на латинично В, 8 цилиндри, 3996 цм3, пречник х óд 86,0 x 86,0 мм, моќност 599 КС при 6000 мин-1, вртежен момент 800 Нм при 2400-4500 мин-1, компресија 9,7:1, ВариоКам Плус за вшмукување и издув, битурбо · Системска моќност 739 КС, системски вртежен момент 950 Нм; електромотор 176 КС, 460 Нм, батерија 25,9 кВч ПОГОН И ПРЕНОС: Мотор напред, варијабилен погон на сите тркала, 8-степен автоматски менувач ПОДВОЗЈЕ: Електромеханичко сервоуправување Плус, пневматска амортизација, мултилинк напред и назад, круг на вртење 12,2 м СОПИРАЧКИ: 10-клипни клешти од алуминиум напред, 4-клипни назад, вентилирани и перфорирани керамички дискови, 440 х 40 мм напред, 410 х 32 мм назад ГУМИ И ТРКАЛА: 10,5Ј х 22 ЕТ 49 со гуми 285/40 ЗР 22 напред, 11,5Ј х 22 ЕТ 52 со гуми 315/35 ЗР 22 назад ДИМЕНЗИИ Д х Ш х В 4930 х 1995 х 1652 мм, м. растојание 2895 мм, ширина на трага напред 1686 мм, назад 1684 мм БАГАЖНИК И ТЕЖИНИ 434 / 1344 литри, тежина 2495 кг ПЕРФОРМАНСИ 305 км/ч, 0-100 км/ч за 3,6 с ПОТРОШУВАЧКА просек 1,9-1,8 л, досег град 79-82 км, резервоар 70 литри, сопствен почнач 11 кВ, времетраење на полнење 2 ч 39 мин

Во сегашната постава, Макан возеше во изведбата С, со 380 КС, наспроти 265 КС на основниот модел. Макан е вториот најпродаван модел на Цуфенхаузен лани, веднаш по Кајен. Тој воедно мора да ја дели истата судбина со 718 и по 1-ви јули повеќе не може да се продава во ЕУ. На пазарите надвор од Унијата, а на тие пазари досега отпаѓаа две третини од вкупната продажба на моделот, Макан и натаму ќе биде достапен.

Како „С“, моделот што ја дели основата со Ауди Ку-5, поседува два карактери – еднаш е комотен СУВ за човек спокојно да се одвезе од работа до дома, еднаш е спортска машина што во основата прави сé што може 911, единствено од малку повисоко.

Предводникот на карванот за возачко уживање? Електричен Тајкан Крос Туризмо. Тој природно вози на струја.

Не е сé во коњите

По уште едно вредно искуство со Порше, следи заклучокот дека во германската спортска и луксузна марка ниту оддалеку не е сé во коњските сили и десетинките. Денес може КС да се добијат и во гаража претворена во работилница, со чип – што ќе трае извесно време, но не долго. Кај Порше е предизвикот моќта да се култивира, таа да се води во насоката што Цуфенхаузен ќе ја замисли. Досега сите замисли успевале.

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Фиат 500 се пензионира во време кога побарувачката му е најголема

Концернот на Пежо и Фиат се поднови со кинеска марка