за

Citroen C3 Aircross ја има вградено авантурата: По стариот пат од Велес за Прилеп

Некои модели од булеварот со причина прикажуваат карактер на теренско возило. Citroen C3 Aircross извозе една од најпредизвикувачките теренски делници, близу 35 километри по стариот пат Велес – Прилеп.

Луѓе некогаш се впуштаат во долги подготовки за да повторат авантура за којашто читале на друштвените мрежи или слушнале од пријателите, неретко во друга држава, обично поврзано со голем трошок. А, авантурите некогаш чекаат речиси пред домашниот праг, можеби по педесетина километри пат. Автомобилот со којшто таквите авантури стануваат изводливи не мора да биде скап, опремен со посебна теренска техника или од марка што е специјализирана за авантури. Возиме оригинален автомобил од една оригинална марка. Citroen C3 Aircross по стариот пат од Велес за Прилеп.

Во Македонија постојат само неколку возни правци што се покриени со автопат. Точно 335 километри пат се означени со оној исправен зелен знак со две прави ленти и мост преку него, што укажува дека тој е најважниот пат што постои. Сите останати патишта околу се од понизок ранг. По тие автопатишта, што колку и да се малку, наши се, до одредиштето се стигнува брзо и спокојно. Единствено што недостига притоа е доживување, чувство на патување. Секојдневното возење по автопат е исто како да го чекате главниот дневник за да ги гледате веќе илјадапати изгледаните рекламни блокови.

Кога ќе здодее секојдневната рута и човек ќе посака во кусото и драгоцено слободно време да се награди со нешто посебно, тогаш е потребно и посебно возачко доживување. Многумина имаат слушнато за патот што некогаш многу порано се користел за од Велес да се дојде до Прилеп и обратно. Патот дополнително привлекува и со фактот што во некои делови уште се забележливи структурите од стариот пат од римско време. И овој пат пред многу векови бил еден од значајните краци што се спојувал со Виа Егнација, граден 44 години во вториот век по Христос. Нормално дека вашата Аутомедиа.мк ќе го испроба тој пат.

Додека нашата преубава Македонија располага со скромна мрежа од автопатишта, многу подобро стоиме со макадамски и земјени патишта, со мистериозни патишта што водат до некое одредиште и не се спојуваат понатаму. Според државната статистика, Македонија располага со патишта во вкупна должина од 14.475 километри. Од нив се асфалтирани 8.838 километри, потоа како макадамски патишта се водат 1.291 километри пат, имаме и „коцка“ во должина од 331 километри. Земјани и непробиени се 4.041 километри пат. Убавини, ваква патна мрежа не значи друго освен возачка авантура на секој чекор.

Единствен е релјефот на патот од Велес до Извор, тоа уште во почетокот му дава посебна вредност на ова патешествие

„Нашиов“ пат од велешки Извор, преку превојот Присад, што уште е познат и како Дервен, до Прилеп, спаѓа меѓу макадамските патишта. До селото Извор, што припаѓа во областа Кпепа, има 25 километри прекрасен асфалтиран пат од Велес. Прекрасен е, затоа што патот што следи потоа не е таков. По пат има и неколку екстра атракции, меѓу коишто е географскиот центар на Македонија, средишната точка на Македонија, точно центарот на нашата убава држава. Точката е означена примерно и се наоѓа на оддалеченост од околу еден километар од патот и околу двесте метри по левото крајбрежје на Бабуна, пред селото Долно Врановци. Тоа е посебна авантура, што бара и дополнително време. Нас допрва не’ чека пат.

Вредно доживување претставува уште самото возење по патот од Велес до Извор, поради пространството што владее на сите страни, со широки долини и благи ридови што често наведуваат да се запре патувањето за миг и да се ужива во глетката, во природата. Нашиот искуствен совет околу овековечувањето на тие моменти можеби веќе го знаете: При патување обидете се да сликате и снимате колку е можно помалку, трудете се да го почувствувате и доживеете местото за себе и заедно со тие што патуваат со вас. Инаку, моментот ќе испари брзо, ќе останат само сликите. Ако исликате набрзина и веднаш си заминете, исто како да не сте биле присутни во моментот кога е создадена сликата. Сеќавањата на местата остануваат многу подолго кога ќе се доживеат со телефонот в џеб. 

Автомобилот нé служи одлично. На кривулестиот пат што е во некој совршен такт лево десно, се чувствува благодатта на високиот вртежен момент на 1,2-литарскиот бензинец со турбонаполнење и со 110 КС, што дозволува менувачот сето време да остане во повисоките степени. Со раскошни 205 њутнметри е сеедно ако менувачот на Citroen C3 Aircross се „заборави“ во петтиот степен, трицилиндарецот напред пак ќе повлече. На тоа се надоврзува и подвозјето, што работи комфорно и тивко. Нема потреба од брзање.

До Прилеп може да се патува и преку Богомила, но тоа е посебна приказна

Од левата страна е коритото на реката Тополка, којашто извира под Солунска Глава и до вливот во Вардаш веднаш по Велес минува околу 45 километри, а на места е необично блиску и коритото на Бабуна, којашто исто така се влева во Вардар само кусо по Тополка. Планинскиот масив одлево е Клепа, по когошто е наречен и крајот. На многу места се преминува преку пруга, тоа е железничкиот правец што го спојува Велес, преку Богомила, со Прилеп. Лево патот се одвојува за Чашка, може и таа да биде интересно одредиште.

Километрите минуваат брзо, тоа му годи на овој кросовер-СУВ на Citroen, кој веќе пријавува вредноста на потрошувачката со петка пред запирката. По минувањето по стариот мост на Бабуна, кого што сигурно ќе го препознаете поради посебната градба, патот се двои на правец што води кон Богомила и на правец што води кон Извор, што е наша попатна точка. Но, претходно следи уште едно скршнување од патот. Одиме кусо до Јасеново, специјална болница за белодробни заболувања, со посебна историја и со посебен воздух, поради што се цени како воздушна бања.

Ние имавме дозвола кусо да пристапиме во кругот на болницата Јасеново, заради фотографирање. Објектот е изграден во 1948 година од германски заробеници. Болницата била наменета за лекување на борците во граѓанската војна во Грција на крајот на 1940-те години. За историјата на болницата и за нејзиното работење има прекрасна објава на порталот Опсервер.мк , како и на порталот Македонска Нација, со објава од Тодор Петров со посебна историска вредност.

Во Извор се забележува дека местото некогаш било главно одморалиште пред да се совлада искачувањето на патот за Прилеп

Пред Јасеново има едно важно место што е директно поврзано со стариот пат за Прилеп, по којшто ќе возиме. Станува збор за селото Извор. Кога ќе се запре сретсело, се забележува необично широк асфалтиран простор. Ова место мора по нешто да е значајно. Било значајно. Тука се запирало за починка пред мачното искачување и за смирување на душата по неизвесното спуштање од превојот Присад. Покрај изворот на вода што е чиста за пиење, во селото се наоѓа и малечок базен, да укаже на изобилството од вода. Извор се поврзува историски со патот за Прилеп уште од 15-от век. Постоел и конак за патниците да преноќат.

Останува да се мине уште еден пат што е асфалтиран квалитетно, пред да се вратиме во Извор и да продолжиме угоре. На двоењето што го спомнавме претходно, кај месноста позната како Стара Црква, ќе извозиме до мостот што води за Богомила, а по пат ќе минеме и покрај ресторанот и рибник Оморани. Тоа е веќе сосем друг крај, тоа е беспрекорно чистиот Азот, без индустрија и без премногу сообраќај. Овој пат минува покрај Бабуна, а како што е секогаш ред во нашата топографија, веднаш покрај патот минува и железничката пруга за Прилеп. Логично, овој пат исто така води до Прилеп и целосно е асфалтиран, меѓутоа е веројатно најдолгото кружење во Македонија по кружењето што е потребно за од Скопје да се дојде до Македонски Брод. По уште неколку километри, во коишто се покажува материјал за уште една репортажа, ред е да се вратиме на нашата рута, преку Извор, покрај Јасеново, да почнеме со Citroen C3 Aircross да се искачуваме по планините.

Глетката напред по патот, веднаш по последните викендици и по некој луксузен ранч, наведува на двоумење. Дали да се продолжи по макадамот или да се откаже целото патешествие? Од мештаните добиваме информација дека патот во должина од десет километри уште е прифатлив за возење, но потоа следат уште 25 километри, во коишто треба да се вози во вонредни услови, со опасност да се продупчи гума, да се изгребе лакот од грмовите покрај патот или да се оштети некој дел од подвозјето.

Citroen C3 Aircross воопшто не е толку нежен автомобил за возење по терен, како што луѓе претпоставуваат пред да го испробаат

Го прифаќаме предизвикот да ги извозиме десетте „добри“ километри пат, па да видиме како ќе биде понатаму. Citroen C3 Aircross не негодува премногу, напротив. Строгите критериуми на краш-тестовите и барањата за врвна безбедност во секоја класа и во секој вид возило, направија каросериите на денешните автомобили да бидат исклучително цврсти и крути. Одѕвонување на каросеријата, слично на тропање во метална кофа, кај C3 Aircross нема да се слушне, тоа е сигурно. По макадамот е повеќе важна мајсторијата да се погодат и усогласат карактеристиките на пружините, амортизерите, зглобовите, лежиштата, стабилизаторите. Тоа е една од најпредизвикувачките инженерски работи во автомобилската сфера. Францускиов автомобил покажува дека некој во Кариерс су Поаси предвидел C3 Aircross да биде примерно возлив и по макадам и земјен пат.

Различно од убедувањата дека „колата ќе се искрши“ по ваков пат, за амортизерите и зглобовите во подвозјето е повеќе штетно кога се вози по автопат, отколку кога со внимателно темпо се вози по земја. Ваквите излети се штетни единствено во случај кога во подвозјето се има појавено премногу зјај и секоја нерамнина претставува удар.

Ги возиме првите десет километри внимателно со одвај дваесетина километри на час. На топографската карта се појавуваат имиња Стари Лозја, Ковачеец, Гутин, Лесковец, Кула, Радева Куќа, Кравечки Присој. Човек да си го научи јазикот од овие имиња. Збунувачки е како се дозволува оваа делница да остане во „историска“ состојба, додека отстрана се забележуваат бујна природа, сончеви долини, сосем лесно пристапен терен. И патов води право. Природа сто проценти. Идејата да се отвори прозорец не е најдобра, муви се нафрлуваат врз автомобилов. Тука некогаш се одгледувала стока, се наводнувале градини, не може да се превиди тој дух на старите векови. Разочарувачки е тоа што државата како да се откажала од овој крај, небаре тука паднала нуклеарна бомба и сé е радиоактивно. Од дневна политика и лични интереси има дојдено до тоа вакви вредни и богати пространства да останат напуштени и заборавени.

Нагорнините по патот се зачудувачки благи, но само според денешните стандарди – порано тоа биле цели „планини“ за совладување

Така е цели десет километри, должина на половина Скопје. Среќа е што полека почнува навлегувањето во шумите во овие планини со имиња Руен, Бабуна, Мукос. Следат 25-те „лоши“ километри. Почнуваат лакти, нагорнини што за денешните автомобили се умерени и одвај дека 1,2-литарецот се напрега за да искачи. Може само да се замисли колку паника се создавала на времето, кога овој пат требало да се совлада со автомобил.

Природава заслужува да се почитува максимално. Исто како што човек при спуштањето кон Козјак од скопска страна се чувствува како е обиколен со карпи од сите страни, тука владее исто чувство на „опкопеност“, но со шуми, дрва, зеленило. Од една страна густа шума, од другата страна иста таква шума. Кога ќе се запре малку по патот, се слуша „пецкање“ од високонапонските водови. Citroen вози над далекуводите, единственото човечко присуство тука сме ние, C3 Aircross и патот, далекуводите.

Тоа е авантурата. Во овие предели човек се чувствува како да е во прашума, како ова да не е во Европа. На многу места ќе посакате да запрете и да почувствувате како тука времето има друга димензија. Дрвата покрај патот ја прикриваат реалноста. Острана е стрмно, многу стрмно. Патот е изведен необјасниво вешто, имајќи предвид дека станува збор за векови. Колку и да се чини овој предел несовладлив, нема опасни места – секако доколку возачот е свесен каде се наоѓа.

Не е потребно некој да постави маса и да паплаќа сокче трипати поскапо, за некое место да биде вредно да се посети и доживее

Камените столбови што се сведоштво за староста на овој пат се присутни речиси по целата должина на патот. Понатаму се забележуваат и потпорните структури, кои е неверојатно како уште изгледаат како на „денот“ кога се направени. Рекичките на бројни места исто така создале единствени микросредини. Нема потреба некој да постави три маси, да наплаќа сокче трипати поскапо, за ова да биде вредно одредиште за посета.

Единствено човек не треба да стане нетрпелив. Кога ќе помислите дали можеби е крајот на патот, во тој момент е многу веројатно дека останува уште половина пат. Охрабрувачки е кога ќе здогледате вообичаена појава во вакви краишта. Додека ние возиме со дваесетина километри на час, Лада Нива вози како ова да ѝ е автопат, па уште влече и приколка. Уште долго време се слуша како треска приколката, додека Нива е веќе далеку напред.

Најрадосен ќе ви се види моментот кога ќе ја здогледате чешмата, горе на висина од преку 1.000 метри. Тука и патот е поширок, тука се одморало на времето. Неверојатно е колку може да се почувствува енергијата што се задржала на вакви места, од сите намерници, патници, трговци, па и арамии што ја создавале историјата на овој пат.

Откако ќе навикнете на глетката од едната страна на планината, следи комплетно различна глетка откако планината првпат ќе се погледне од другата страна

Планината е пред „освојување“ кога ќе здогледате некое крајче од планинарскиот дом Дервен, на висина од преку 1.200 метри, изграден над превојот Присад. Тоа е впечатлива градба од 1950-те години, што била опожарена во пролетта 1997 година и останат е само камен. Единствено е чувството кога ќе се уверите дека искачувањето е завршено. Тоа е чувство на исполнетост, на постигнување. Една од причините зошто луѓето се впуштаат во вакви несекојдневни тури е токму чувството кога ќе се помине највисоката точка на патот. Citroen е цел во прашина, но пак изгледа некако благодарно што него сме го избрале за овој потфат.

И глетката од Присад е единствена. Вредеше патувањево, дефинитивно. Од горе јасно се гледаат масивните ископи на мермер и неколкуте „задолжителни“ езерца во сина боја. Го гледаме и Прилепското Езеро. По патот кон градот прво нé пречекува Манастир Свети Ѓорѓија. Неколку автомобили се паркирани долу на патот, убаво е човек пак да се врати во цивилизацијата. Остануваат уште неколку километри „квалитетен“ макадам. Првото повторно „згазнување“ на асфалт се случува пред влезот на рудникот за мермер Сивец. И тоа е уште еден момент за којшто вредеше ова патување.

Одненадеж сė е мазно, се одвива со брзина што нашето време ја цени како нормална. Народ масовно се собира околу Прилепското Езеро. Тоа е чиста спротивност на сликата што ни се појави во почетокот на искачувањето. Разликата зошто е толку раздвижено и зошто има убаво изградени нови објекти покрај езерото, лежи единствено во тоа што до местото води асфалт. Сė е до балансот. Секогаш треба да се најде баланс меѓу природното и меѓу комерцијалното.

Балансот е погоден и кај C3 Aircross. Со техника од C3, но со просторна и функцонална каросерија на СУВ, се добива автомобил што со цената пак останува под компакт класата, но неговата вредност пак е над обичен компакт. Citroen C3 Aircross е вреден затоа што комотно нė донесе до тука, и комотно ќе нė врати до Скопје. По автопат.

Серијата куси фото-приказни од патешествието Велес-Прилеп ќе можете да ја погледнете на нашиот профил на инстаграм, во „highlights“. И уште бројни други фото-приказни

https://www.instagram.com/automedia.mk/

>>> Тест: Citroen C3 Aircross PureTech 110 Shine

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Еден коментар

Одговори

One Ping

  1. Pingback:

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Шпанската Cupra се става целосно под напон по 2030 година

Електрични автобуси Mercedes ги превезуваат посетителите на ИАА Минхен