за

Тест: Citroen C3 Aircross PureTech 110 Shine

Откако го претстави C4 Cactus во 2014 година, работите се сменети многу во Citroen. Дури, во теренската изведба на C3 се препознава духот на славните историски модели на марката. Тест на C3 Aircross.

Реинкарнациите на големите историски модели некогаш се случуваат сосем ненајавено. Citroen C3 Aircross во основата е СУВ/кросовер со техника од шампионскиот C3, со зголемено растојание од подлогата, со висока каросерија и многу простор. Но, во овој автомобил неочекувано се откриваат неколку големи модели од историјата на марката на Андре Ситроен.

Меѓу бројните реплики што се цитираат од еден од најголемите филмови на сите времиња, „Мирисот на жената“, една е посебно поучна. Награден со Оскар за улогата на полковник Френк Слејд во овој филм, Ал Пачино во една сцена му кажува на мачорот што го држи во раце: „Запомни го ова, ако се двоумиш, тогаш е..“ Тоа се воедно и познати стихови на музичкиот бог Џон Ленон. Правилото може да важи и за Citroen. Ако се двоумиш, избери Citroen. Францускава марка безмалку гарантира дека возачкото искуство ќе биде свежо и различно. И не само за возачот.

Единствено може да биде „проблем“ тоа што возачките и возачите на Citroen обично не се двоумат околу изборот, туку точно знаат зошто избираат модел од марката. Ако е Citroen, деновиве е најголема шансата дека тоа е C3 или неговата СУВ-изведба C3 Aircross. Не се денови, туку се години. Овие два модели се издвоија најмногу, откако пред повеќе од половина деценија, раководењето со марката го презеде турбо-харизматичната Британка Линда Џејсон. Таа сега e на една позиција понапред и шефува со Peugeot, но тоа не го менува фактот дека Citroen повторно стои на цврсти темели. Тоа можеби се и истите темели што ги постави Андре Ситроен.

Citroen C3 Aircross ја гради својата препознатливост преку впечатливи стилски детали, место со неприродни прекршувања и со нападни форми; Се’ е хомогено, како топче

C3 и C3 Aircross се шампиони во продажбата. Конкретно за СУВ-моделот, тој брои повеќе од 330.000 продажби, откако беше лансиран пред крајот на 2017 година. Пред светот да го зафати кризата, C3 Aircross во јуни 2019 година имаше надминато 200.000 продажби и беше втор најпродаван модел на Citroen, трет најпродаван модел во сегментот во домашната Франција и шести најпродаван модел во сегментот во Европа.

Новиот стил на носот го воведе C3 при неговото моделско освежување, C3 Aircross само повеќе го раздвижува стилот

Со овие бројки, пазарот практично скандираше пред париската марка, барајќи C3 Aircross да го направи уште пооригинален, екстровертен и уште повеќе Citroen. Така и се случи. Во јули во салонот на Citroen во Скопје пристигна освеженото моделско годиште на СУВ-моделот, кое што на друго место и во друг салон би изгледало како замисла за вселенски брод од добро буџетиран СФ-филм од 1990-те години, меѓутоа на оваа адреса изгледа најприродно.

По три и пол години на пазарот, C3 Aircross доби комплетно нов преден дел, и реално е мала шансата да не се забележи дека тоа му се има случено на СУВ-от од „тројката“ на Citroen. Вистинска драма се случува со формите, површините и рабовите на тој простор од одвај половина метар зад регистерската таблица. Нормално, сé почнува од логото, од тие два коси забци што асоцираат на првите менувачи на Ситроен-мен. Од горниот забец излегува линија што продолжува до крајот на горните, дневни светла, додека линијата што излегува од долниот забец изгледа како да се растечува по каросеријата и досега точно до долните, главни светла. Долу следи една масивна црна целина што прилично асоцира на усна армоника. Делот меѓу двете линии е покриен со прецизно изработен панел, што е лакиран во сјајна црна боја. Долга е приказната за дизајнот. Секој со својата инспирација и фантазија.

Тоа е долго еволуирана форма на каросеријата, низ текот на годините ја гледавме како оваа форма се развива прво во C3 Picasso, а потоа и во C4 Cactus

Носот на C3 изгледа невообичаено, нереално храбро, можеби и предизајнирано, но пак никој не искажува лоши критики за изгледот. Ова е Citroen и треба да изгледа точно така. Повеќе би имало негативни критики ако Citroen изгледа обично. Aircross не е единствен што изведува вакви стилски егзибиции. Секако, пред него тоа го стори C3, при неговото моделско освежување лани. Кај СУВ-изведбата, сé е малку повеќе нагласено, вклучувајќи и нота на робусност. А, пред сите беше CXperience, концептен автомобил од 2016 година, со важните букви CX, кој точно најави како понатаму ќе изгледаат новите модели на Citroen.

Со понудените можности може да се изведат 70 варијанти со различен изглед

Возачките и возачите ќе се радуваат на еден детал, кој однадвор се воочува како моќно испакнување долж краевите на хаубата. Тој детал е убаво видлив од возачкото седиште, со таа глетка човек се чувствува како да вози историски модел на Citroen. Поглавјето за дизајнот не завршува со двата реда светла напред, со профилираната хауба, со рамниот покрив што завршува со ефектен спојлер или со високите прозорци. Кај C3 Aircross, тоа е само основата.

Citroen вели дека од нивниот компактен СУВ може да изведат 70 варијанти со различен надворешен изглед. Од вкупно седум бои што стојат на располагање, три се нови. Портокаловата боја повеќе не се нуди, претходно беа осум. „Волтаично сината“, како кај тестираниот автомобил, нова е во понудата, на местото на претходната посветла нијанса, нови се и зеленкасто сивата и поларно белата боја.

Многу простор, многу светлина преку големите стаклени површини и прилично висока приспособливост и функционалност на каросеријата

За покривот може да се избере да биде лакиран во црна или бела боја. Тоа чини 350 евра. Следна можност за индивидуализација е избор од 3 колор пакети. Тие се водат под „natural white“, „color orange и „color bleu“, нудејќи можност куќиштата на ретровизорите и додатоците во предниот браник да бидат лакирани во бела, портокалова или сина боја, а соодветно на тоа се нуди и различна украсна графика за третите странични прозорци. Во пакетот се содржани и дополнително затемнети задни стакла и сјаен финиш за кровните шини. Оваа опција чини 235 евра.

Со ниските цени на стилските пакети, Citroen практично ги поттикнува купувачите да експериментираат со својот Aircross

Цените на овие пакети за индивидуализација се мошне прифатливи и многу е веројатно дека тие кај Citroen се добиваат по најдостапната цена на пазарот. Не е целта на производителот да профитира од тоа што ќе продава дополнителни стилски пакети, туку со достапните цени практично ги поттикнува купувачите да ги направат своите „ситроени“ да бидат различни од сите останати, да бидат забележливи, да експериментираат. Таков имиџ сакаат стратезите на марката, тие сакаат Citroen да се издвојува.

Колку што кај овој автомобил има дизајн однадвор, толку го има и внатре. Зафати што не се скапи, туку се убаво осмислени, прават C3 Aircross и внатре да се одликува со посебен печат. Нема ништо посебно во кокпитот, дури и шемата почнува да изгледа класично. Автомобилов има стил. Тоа конкретно значи дека сé што можело да се изведе во форма на овал, изведено е така. Од рачките за отворање на вратите, преку отворите за воздух, до главата на рачката на менувачот, овалот е присутен секаде. Не е посебна вештина да се открие дека пластиката е крута, меѓутоа барем не е чувствителна на гребење и има убава текстура на око.

Кога би изгледало пообично, не би било доволно Citroen

Франција е земја на модата, па е нормално да се очекува нешто во смисла на материјали, бои, комбинации, нешто што се прави во модата. Понудени се три опции: Urban Blue (опција 450 евра), Metropolitan Graphite (540 евра) и Hype Grey (1.000 евра). Тоа се три различни комбинации од материјали и бои, за надолжниот гребен на арматурната табла, за облогите на седиштата (вештачка кожа кај Hype) и за карактеристичната дебела линија во горниот дел од седиштата. Во сите три „амбиенти“ е содржан и еден од специјалитетите на Citroen, седишта Advanced Comfort, со посебно комфорно седење и со 15 милиметри екстра полнење.

Ценовната политика на Citroen е прегледна и чесна, пазарот тоа го препознава и го цени

Моделот на тест не поседува ниту еден од сите овие екстра пакети, но пак изгледа посебно. Тоа е чесен потег на Citroen и пазарот тоа го препознава и го цени. Основата на моделот е солидна, а за понатаму е многу едноставно. Кој сака повеќе стил во одреден правец или можеби сака да му внесе премиум дух на својот Aircross, има избор. И пак, оваа марка постапува фер. Сите три различни подрачја н индивидуализација се независни едно од друго. Кој сака седиштата да му бидат обложени со деним, плаќа 450 евра, не е условен за тоа да плати плус 235 евра, за ретровизорите да му бидат бели.

А, каде е реинкарнацијата? Со освеженото моделско годиште на Citroen C3 Aircross се имавме упатено да го извозиме стариот пат од Велес за Прилеп, преку Дервен. Откако по минувањето низ Извор ќе заврши асфалтираниот пат и се продолжува земјен пат, и така 30 километри до Прилеп, се покажуваат гените на овој СУВ/кросовер. Точно е дека тој користи основа од градски автомобил, од Citroen C3, солидна основа патем, но своевремено и 2CV бил градски автомобил, а пак се пробивал секаде, независно од видот на подлогата и теренот. Андре Ситроен го конструирал „спачекот“ (тоа инаку доаѓа од пачек, словенски збор за пајче, што било прекар за славниот модел во неколку европски земји, а „с“ било додадено заради Словенија, каде што лиценцно се произведуваше моделот) со идеја автомобилот да им биде корисен и на земјоделците, за тие лесно да се пробиваат по земјените и калливи патишта.

Не може да се помеша со друг автомобил, тоа е јасно Citroen C3 Aircross

Исто и сега, овој супермодерен Citroen, што ги чита навигациските карти преку Андроид Ауто или Карплеј и добива податоци по „воздушна“ врска, се пробиваше без потешкотии по патишта што биле поплочени уште во антиката. За тоа патешествие подготвуваме специјална репортажа што ќе биде објавена наскоро. Во тие моменти, кога од висина од околу 1.100 метри на превојот Присад, ни се даде спектакуларна глетка кон манастирот Свети Ѓорѓија, кон Сивец и Прилепското Езеро, сигурно бил усреќен духот на 2CV, на Mehari, па и на DS, кој во 1960-те години масовно учествувал на рели.

Citroen официјално не ја посочува поврзаноста, меѓутоа овој модерен C3 Aircross живее со духот на славните претходници

Париз никогаш досега нема посочено директно на „идејната“ поврзаност на C3 Aircross со 2CV & Co, но тоа требаше да биде јасно уште откако само еден месец по премиерата на моделот, Citroen организираше нова постава во C_42, оригинален тематски салон на марката, што е сместен на историска локација на Шанз-Елизе. На свежо испечениот C3 Aircross, во тој уникатен салон му се придружија 2 CV Sahara (со два мотори, во 700 примероци), концептот C4 Cactus Aventure (салон Женева, 2014) и самиот концепт Aircross (најавата за C5 Aircross). Пораката уште тогаш беше испратена.

Во поглед на „статичките“ квалитети на C3 SUV, пристапот е исклучително лесен, исто и на задната клупа, а просторноста никаде не „чкрипи“. За возрасни патници, задната клупа можело да биде поставена за нијанса повисоко, но затоа е коректна висината на потпирачот за грб. За дечиња, тоа ќе биде одлично место за неосетно да мине времето до одредиштето, а за тие што се авантуристички расположени уште од мали нозе, ќе можат да уживаат во светот околу гледајќи го низ високите прозорци.

Добриот изглед не оди на сметка на практичноста; Под овој поклопец се наоѓа багажник со зафатнина од 410 литри

Комфорот е одлика на француската марка. Нерамнините и ударите од подлогата е поверојатно да се слушнат, отколку да се почувствуваат како непријатност. Во Париз го ценат Aircross од C3 како амбасадор на програмата Citroen Advanced Comfort. Тоа е уште еден термин од времето на госпоѓа Џексон, кога моделите во рамките на таа програма се развиваа за да понудат изобилство од простор, висока приспособливост и многу светлина.

Само неколку „козметички“ забелешки што се однесуваат на ракувањето со средишниот дисплеј

Седиштата се комотни, дури и без посегнување по опцијата за Advanced Confort, опременоста е коректна, повеќето функции се достапни преку големиот дисплеј од 9 инчи, кој е од понова генерација по моделското освежување и работи побрзо. Во почетокот се чини по малку мачно кога ќе се сфати дека е потребно за многу функции да се посегне по дисплејот – на пример, за прекин на дотокот на воздух. Исто е малку проблем и тоа што преку командите на воланот не може да пушти радиото да пребарува до првата следна фреквенција што е достапна, туку пак мора да се чепка по дисплејот. Можеби тоа е проблем само за старомодните, новите генерации возачи веројатно и за тоа го користат телефонот.

Ракувањето со темпоматот е со помош на омилениот изум во концернот на Peugeot, со фамозниот сателит лево зад воланот. Посебната форма на паркирната сопирачка штеди простор, но за чудо штеди и пари, затоа што таа пак е поевтина отколку копче за активирање на електромотор на задната оска. Покрај тоа, чуди што Citroen во својот појдовен Aircross нуди и проекциски дисплеј – во ценовникот тој фигурира со доплата во висина од 540 евра.

Многу детали и многу впечатоци, човек некогаш ќе се најде загледан во некој нов детал што го гледа од дотогаш непознат агол

Практичноста исто така е омилен спорт на француската марка. По моделското освежување се појави екстра преграда во завршетокот од средишната конзола меѓу седиштата. Таа е затворена со ролетна и до неа имаат пристап и патниците назад. Корисна отворена преграда има над касетата кај совозачот, а самата касета е доволно голема да собере шише од 1,5 литар.

Квалитетот не трпи за C3 SUV да се понуди по мошне кнкурентска цена, напротив, багажникот е доказ колку внимание е посветено во изработката

Празник е кога ќе треба да се отпатува семејно и ќе се отвори багажникот. Таму стојат на располагање 410 литри, во простор со правилна форма и со голема висина, посебно кога подната плоча ќе се спушти на самиот под на багажникот. Радува тоа што просторот е изработен квалитетно, затоа што тој простор несомнено ќе биде често оптоварен, имајќи го предвид карактерот на Aircross. По едноставното соборување на клупата се добива товарен простор со зафатнина од 1.289 литри. При доплата од 440 евра, за целосно поделена задна клупа, истата може да лизга до 150 милиметри напред и на тој начин товарниот простор да се зголеми на 520 литри.

Моторот е познатиот 1.2 PureTech, со турбонатполнење, директно впрскување и моќност од 110 КС. Локалната сцена ќе ги спомнува трите цилиндри веројатно уште две децении, иако оваа генерација мотори во меѓувреме масовно има поминато и по половина милион километри. Во секој случај, моторот има еден цилиндар повеќе од 2CV, Ami 6, Ami 8, Dyane, Mehari или Visa – малку хумор.

Формата на кокпитот е едноставна, но затоа стилот буквално прелева по целата внатрешност; Главната тема е овал, таа форма се среќава насекаде, и може да биде многу забавно да се открие што се’ е во форма на овал

Моторот влече расположено и подготвено, кога ќе се притисне врз гасот и во повисок степен се чувствува висока еластичност, исто како кога се затегнува лак пред да се пушти стрела. Покрај помалку од седум литри просек на сто километри на тестот, нема потреба да се проверуваат дизелите во понудата. Менувачот исто така има лесни и прецизни одови, така што и во тој погфед на мора да се бара спас во автоматски менувач. За љубителите на тие менувачи, стартот е 20.900 евра, но тогаш се добива и мотор 1.2 PureTech во верзија со 130 КС.

Со топ ниво на опрема и со натпросечно моќен мотор за градскиот сегмент, Citroen C3 Aircross со цената пак не завлегува во повисокиот сегмент на компактите, кај C4

Моделот на тест е во нивото на опрема Shine, највисокото ниво во гамата на C3 Aircross, со редовна цена од 19.190 евра. Само две ставки од дополнителната опрема се „вградени“ во возилото: Металик лак (490 евра) и електрика на задни прозорци (145 евра), со коишто цената на возилото достигнува 19.825 евра. Вклучувајќи го промотивниот попуст од 1.000 евра во Автонова, конечната цена изнесува 18.825 евра.

Од позначајните ставки, во опремата на C3 Aircross PureTech 110 Shine спаѓаат автоматски клима уред, темпомат, систем за следење лента, предупредување при опасност од судир, паркинг сензори назад, електрично собирање на ретровизорите, кровни шини, кожа на воланот, поврзување преку Android Auto или Apple CarPlay, заштитни плочи за подвозјето, автоматски бришачи и светла, самозатемнувачки ретровизор, тркала од лесен метал од 16 инчи и средишен дисплеј од 9 инчи со навигациска поддршка. Тоа е мошне солидна понуда и претставува одлична противвредност.

Покрај веќе спомнатите можности за индивидуализација, на списокот на дополнителна опрема се нудат камера за назад (180 евра), контрола на тракција при возење по терен и помош при спуштање (360 евра), пристап и старт без клуч (360 евра), грејачи во предните седишта (340 евра). Тоа е ниво на цени со коишто C3 Aircross нема да надмине 20.000 евра и со тоа да навлезе во ценовното ниво на компакт-моделите.

Просторност на компакт, практичност на ван, авантуристичка теренска проодност, цена на градски модел

Citroen C3 Aircross не е новодојденец во понудата на Французите, туку и тој има свој развој и историја во гамата на марката. Врската со 2CV & Mehari повеќе е идејна, во смисла на способноста на C3 SUV да вози и по најразличен терен. Тоа што автомобилов се докажува како способен борец во сегментот што моментно брои повеќе од 20 модели, се должи на фактот што на C3 Aicross му претходеше една генерација на ванот C3 Picasso. Оттаму се екстра талентите на моделот, тоа објаснува многу работи. Овој теренец од C3 во дел го носи и наследството од мошне успешниот кросовер C4 Cactus, кој исто така користеше платформа од C3. Значи, многу автомобили се соединиле во еден, и тоа прави C3 Aircross да биде еден вид „супермодел“. Така вели и пазарот.

Технички податоци · Citroen C3 Aircross PureTech 110 Shine

Мотор: 3 цилиндри
Зафатнина: 1199 cm3
Обртен момент: 205Nm/1.500 врт/мин
Моќност: 81kW (110КС) /5.500 врт/мин
Пренос : на предните тркала преку 6 степен рачен менувач
Број на седишта: 5
Димензии( L/W/H ) : 4154 / 1756 / 1637 mm
Волумен на багажен простор: 410литри
Пневматици : 205/ 60 R16
Перформанси:
Забрзување од 0-100 km/h: 10.2 s,
Максимална брзина: 183 km/h
Потрошувачка:
Град 5.9 l/100km
Отворено 4.3 l/100km
Комбинирано 4.8 l/100km
Норматив на издувни гасови: ЕУРО 6.2
Емисија на CO2 гасови: 111g/km

Сериска опременост во нивото Shine

 ESP + ASR (eлектронска програма за стабилност и анти-пролизгувачки систем),
 ABS + REF + AFU (системи за безбедно сопирање) + автоматско вклучување на предните светла при нагло сопирање,
 Помош при тргнување на нагорнина,
 Сензор за издишани пневматици,
 Воздушно перниче за возач и совозач,
 Странични воздушни перничиња за патниците во првиот ред
 Странични воздушни перничиња за патниците во вториот ред
 Темпомат со ограничувач на брзина,
 Isofix прицврстување на детско седиште,
 Капак на багажниот простор,
 Затегнувачи на сигурносните ремени на предните седишта,
 Индикатор за непоставен сигурносен ремен,
 Автоматско заклучување на вратите и багажникот при стартување на возилото и (автоматско исклучување во случај на несреќа),
 Централно заклучување со далечинско,
 Електрика на предни и задни стакла со заштита од преклештување,
 Автоматски клима уред
 Висинско прилагодување на возачко седиште,
 Висинско и длабинско подесување на воланот,
 Наслон на задна клупа делива во однос 2/3 со 1/3,
 Сет за поправка на гума
 Рачки на вратите во боја на каросерија
 Пакет Safety: (AFIL систем за предупредување за ненамерно преминување на коловозната линија, Coffee Break Alert, систем за препознавање на сообраќајни знаци за ограничување на брзина),
 Куќишта на ретровизорите во црна сјајна боја,
 Задни светла со 3D ефект
 Патен компјутер,
 Електрично Серво управувач,
 Дневни LED светла
 Ткаенина на седиштата Mica Grey
 Задни паркинг сензори
 Електрично прилагодливи и грејни надворешни ретровизори
 Надолжни кровни носачи во црна сјајна боја
 Мултифункционален волан обложен со кожа
 Mirror Screen ( Android Auto & Apple CarPlay)
 Дополнителна заштита на браникот напред и назад во сива боја Anthra
 Светла за магла напредНадолжна украсна лајсна под каросерија во црна мат боја
 Автоматски предни бришачи со сензор за дожд
 Автоматско вклучување на дневни светла
 Затемнети стакла назад и задно возачко
 Внатрешен самозатемнувачки ретровизор
 Лизгачки седишта во вториот ред деливи во размер 2/3 со 1/3 со средишен наслон за раце, отвор за скии и интегриран држач за пијалоци,
 Електрично преклопување на надворешните ретровизори,
 Дводелен багажен простор,
 Тркало од лесна легура 16” X Cross
 Active Safety Brake (предупредување за опасност од судир)
 Наслон за рака за возач
 Citroen NAV 3D на 9” екран чуствителен на допир: Навигациски систем 3D со мапа на Европа, радио AM/FM со 6 звучници, Bluetooth, USB и Mirror Screen
Дополнителна опрема вградена во возилото:
 Металик боја – Voltaic Blue
 Електрика на задни стакла

Кон страницата за моделот

https://www.citroen.com.mk/vozila/nov-c3-aircross-suv/

 

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Kia првпат ќе го нуди Sportage во посебна изведба за Европа

Škoda 180 RS и 200 RS: Рели машини од друга лига