за

Škoda 180 RS и 200 RS: Рели машини од друга лига

Од овие автомобили потекнува ознаката RS што Škoda ја користи за своите спортски модели.

Пред легендарната Škoda 130 RS да почне да ги освојува тркачките патеки во тогашна Чехословачка, боите на производителот од Млада Болеслав во рели спортот ги застапуваа купеата Škoda 180 RS и 200 RS. Ознаката RS, за Rally Sport, до денес се користи за спортските варијанти.

Во почетокот на 1970-те, тимот во Млада Болеслав процени дека со моторите со зафатнина до 1.300 сантиметри кубни, како во Škoda 120 S Rallye, тешко ќе им се спротивстави на конкурентите на предизвикувачките рели трки. Така беше донесена одлука да се развие рели автомобил со поголем мотор.

Škoda 110 R Coupé со алуминиумски мотор Š 720 послужи како основа за амбициозниот проект. Конструкторите го искористија своето искуство од Škoda 120 S Rally и ја комбинираа технологијата од двата автомобили во новиот автомобил. Првите прототипи почнаа да возат во 1971 година, со техника вградена во каросерија од Š 1000 MB и Š 100 L. За тестирањето, во возилата беа вградени петстепени менувачи од тркачките автомобили Tatra 603-2.

Покривот беше спуштен за 7,5 сантиметри и беше изработен од алуминиумска ламарина со дебелина од 0,7 милиметар, исто како и хаубата. Возилото беше полесно за 85 килограми во споредба со стандардната изведба.

При развојот се покажа дека положбата на моторот пред задната оска е неповолна, откако почнаа тестирањата на Škoda 110 R на тркачката патека. Автомобилот имаше преголемо подуправување. Завршните работи врз автомобилот почнаа во октомври 1973 година. Само седум месеци подоцна, тој веќе се појави на стартната линија.

New item by Automedia MK / Google Photos

За конечната изведба на тркачкиот автомобил послужи школката на Š 110 R што беше тестирана со спуштен покрив. Безбедносен кафез ја зајакна каросеријата, а напред беше додаден спојлер. Задниот поклопец беше изработен од фиберглас, а секако дека и спојлер не недостигаше. Под проширените крила беа сместени широки рели гуми со димензија 7-8” × 13” напред и 7-10” x 13” назад, на тркала од магнезиумска легура. За сопирачките беа избрани дискови од Girling, иако во почетокот се користеа стандардните барабани од Škoda 110 назад.

Предната оска потекнуваше од Škoda 120 S, со продолжени и зајакнати водилки, заради поголемата ширина на трагата. Назад се користеа триаголни водилки, со можност за дотерување на геометријата. Амортизерите беа од посебна изработка од Koni Sport, исто така со можност за дотерување според патеката.

Моторот Š 720 дозволуваше лесно да се изведе варијанта со поголема зафатина. Помалиот мотор имаше 1.772 cm3, поголемиот мотор 1.997 cm3. Двата мотори имаа ист пречник на цилиндрите од 87 mm, разликата во зафатнината се постигнуваше со различните ексцентри на коленастото вратило, во првиот случај 74,5 и во вториот случај 84 милиметри. Моторите имаа подмачкување со сув картер.

Автомобилот со помалиот мотор, кој постигнувашпе 154 КС при 6.250 вртежи со двоен карбуратор Weber 45 DCOE 2, доби ознака 180 RS, според зафатнината на моторот. Соодветно на тоа, верзијата со дволитарец со 163 КС при 6.000 вртежи, доби ознака 200 RS. За менувач беше избран петстепена менувачка кутија од Porsche, тип 915.003.133, во комбинација со спојка Fichtel & Sachs.

Лесниот рели автомобил од 800 килограми постигнуваше брзини до 240 km/h, зависно од преносот. Škoda 200 RS дебитираше на релито ИДА во Чехословачка во 1974 година, по што следеше релито Барум со учество со два автомобили, а потоа и релито Шкода во Млада Болеслав.

Вкупно беа изработени две возила Škoda 200 RS и едно Škoda 180 RS. Автомобилите се покажаа мошне способни, но ненадејната промена во правилникот за мотоспорт означи крај на кариерата за двата рели болиди. Понатаму беа дозволени само возила базирани врз сериски автомобили.

Млада Болеслав реагираше со тоа што го разви наследикот 130 RS. Со тежина од само 720 килограми, моделот со заден погон и мотор од 1,3 литар со 140 КС, доминираше на рели и на тркачките патеки до 1983 година.

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Тест: Citroen C3 Aircross PureTech 110 Shine

Tesla Model Y е најпродаван автомобил во Норвешка