Најновиот концептен автомобил на Cupra, електричниот UrbanRebel, првпат се појави во јавност во чест на отворањето на продажниот салон на марката во Минхен.
Јасна е електричната определба на шпанската марка Cupra, ќерката на Seat. Годинава ќе започне продажбата на Cupra Born, модел со чисто електричен погон, што ја користи платформата MEB, заедно со Volkswagen ID.3, ID.4 & Co. Производството веќе стартуваше во Цвикау. Во 2024 година следи СУВ-моделот на струја Cupra Tavascan.
Извршниот директор на Cupra, Вејн Грифитс, го цени концептот UrbanRebel како автомобил што е над вообичаеното и „внесува емоции во новата електрична ера, со радикално толкување на поимот за урбан електричен автомобил, што ќе се појави на пазарот во 2025 година“. Откако идниот сериски модел ќе стартува под марката Cupra, подоцна ќе следи и негова верзија под знакот на Seat.
Cupra Born
Првиот човек на Cupra го најавува идниот градски автомобил на струја како столб на Seat S.A. што е од стратешка важност. Планот е по 2025 година да се произведуваат повеќе од 500.000 електрични возила во Шпанија на годишно ниво, од повеќе марки од концернот Volkswagen.
Градскиот автомобил што ќе произлезе од UrbanRebel е од голема важност и за целата автомобилска индустрија во Шпанија, којашто е втор најголем производител на автомобили во Европа, по Германија. „Градскиот одметник“ е дел од стратешкиот план на Seat S.A. за нациоиналната индустрија, именуван „Future: Fast Forward“.
Продажбата на Cupra годинава е зголемена трикратно во споредба со лани
Откако Seat ја издвои Cupra како посебна марка пред три години, продадени се повеќе од 100.000 возила. Главен двигател на успехот е Formentor, којшто учествува со една третина во продажбата на марката во периодот од јануари до август годинава. Шпанската премиум марка со спортски нагласок планира годинава да оствари промет од една милијарда евра. Cupra се продава солидно во Германија, Шпанија, Велика Британија, Италија и Франција, но е присутна и во Мексико, Израел, Турција и други држави.
Новиот „City Garage“ на марката Cupra на Одеонсплац во Минхен
Најновиот салон на Cupra, што марката ги води како „City Garage“, отворен е во Минхен, на Одеонсплац, во историска градба што е меѓу главните обележја на овој плоштад во јадрото на баварската престолнина.
По Хамбург, Мексико Сити и сега Минхен, следните „City Garage“ се отвораат во Милано, Мадрид, Ротердам, Лисабон и Берлин. Планот за в година е отворање салон во Сиднеј. Марката ќе обучи повеќе од 1.200 „купра-мастери“ до крајот на следната година.
>>> Volkswagen ID.3 ја тестира електромобилноста во Македонија
