за

Фиат Панда најпродаван модел во март, Порше Македонија четирипати во Топ 10

Март покажа зголемување во бројот на нови продадени патнички автомобили за 41 процент. Тоа е само продолжување на трендот, откако растот во февруари достигна дури 69 проценти.

Најпродаван модел на македонскиот пазар во март е Фиат Панда, со 7,5 проценти удел на пазарот. Шкода надоместува двојно по завршувањето на чип-кризата.

Уште еден месец со неофицијална државна статистика во продажбата на нови автомобили и уште еден месец на див пазар што не знае за граница при увозот на луксузен отпад.

Македонскиот автомобилски пазар веќе деценија и пол опстојува во вонредни услови, откако војската од 50.000 еуро-нула-возачи префрлени на бугарски таблици и бугарски пасоши, тогаш храбро се изборија за повеќе да не постои заштита на пазарот од увоз на еко-онеспособени, милион-километражни баба-ги-возела, поплавени, карамобилирани, две-во-едно швајсувани, крадени автомобили. Мартовската продажба на нови автoмобили и позитивниот тренд од почетокот на годинава, сепак укажуваат дека некогаш развиениот македонскиот автомобилски пазар почнува да се враќа во нормала.

Во Република Македонија во март биле продадени вкупно 741 лесни моторни возила. Патничките автомобили учествуваат со 627 примероци, лесните товарни возила со 114 примероци.

Во првите три месеци, продажбата достигна 1.712 патнички и доставни возила, што претставува раст од 35 проценти во споредба со истиот период лани. Македонскиот пазар сé уште заостанува зад 2019 година, последната „стара нормална“ година пред пандемијата. Само неколку пазари во светот досега успеале да ги надминат бројките од пред ковид. За споредба, во 2019 година, во првите три месеци биле продадени 1.874 патнички и доставни возила. Тоа е разлика од околу 9,5 проценти, и во тој поглед македонскиот пазар се држи многу подобро од главните пазари во Европа.

Најпродаван модел во март – според неофицијална и единствена статистика што се води воопшто за македонскиот автомобилски пазар – била Фиат Панда, со 55 возила. Големото изненадување на италијанскиот градски автомобил укажува дека во дел станува збор за флотна продажба, односно за автомобили што се испорачани за возните паркови на големи компании во земјата. Тоа не му менува многу на увозникот Аутомобиле СК, туку напротив, колку повеќе возила има од одредена марка на пазарот, толку марката е поприсутна во секојдневието. А, тоа значи, реклама.

Рено Клио е уште еден модел што наидува на голема популарност кај компаниите, покрај тоа што е традиционален избор на македонскиот пазар во класата на градски автомобили. Таквиот имиџ им донесе на Аутомотив Груп второ место во мартовскиот Топ 10, со 55 примероци од Клио. Францускиот модел се држи добро од почетокот на годината, со вкупно 75 примероци.

Шкода Октавиа е трет најпродаван модел во март

Вистинското изненадување е третото место за Шкода Октавиа, со 33 примероци во март и вкупно 74 примероци во првите три месеци. Со тоа, носителката на чешката марка е четврти најпродаван модел во Македонија до март, по Киа Спортаж (85), Дачиа Дастер (76) и Рено Клио (75).

Веќе подолго од половина година, Шкода е во постојан подем на пазарот. Реално, тоа и не е подем, туку е враќање на старите позиции. На молбата за коментар околу продажбата на Шкода, од Порше Македонија подготвено возвратија со одговор: „Шкода Ауто во 2024 година продолжува со растот во продажба и производство на нови возила. Рестрикциите и намалувањата на производството се останати во минатото и производствената динамика е стабилна со планиран и предвиден раст.“

Тоа е официјална потврда дека долгите рокови на чекање, од времето кога целата автомобилска бранша се соочуваше со кусок од микрочипови, веќе е надмината и сега купувачите можат да очекуваат нормални рокови на испорака. Концернот од Волфсбург, како втор најголем производител на автомобили во светот, со близу 9 милиони возила, секако дека се соочуваше со други размери на чип-кризата, во споредба со помалите производители.

„Слично како и на останатите пазари во Европа, најпосакувани и најпродавани модели на Шкода Ауто во Македонија сe Октавиа, а следат Скала и Камик“, додаваат од Порше Македонија. За претстојниот период, конкретно „во текот на летото е планирана промоција и почеток на продажба на целосно новите модели Кодиак и Суперб, кои што ќе го издигнат задоволството и удобноста на клиентите на Шкода на уште повисоко ниво.“

Во компанијата ја почитуваат и својата одамна и масивно отпочната мисија кон електромобилноста, па не се одминува и електричниот Ениак, којшто „со својата рафинираност, технологија и моќ продолжува да ги импресионира сите заинтересирани клиенти“.

Шкода воедно е најпродавана марка во март, со 75 возила, пред Рено со 72 и Тојота со 62 возила. Водечката петорка ја заокружуваат новакот во ова друштво, Хјундаи со 54 возила и Киа со 51 возило.

Наглиот скок на Хјундаи Тусон и неговото високо пласирање на 4-то место, со 30 примероци, недвојбено укажува на тендер, затоа што втората марка на концернот на Киа и Хјундаи, во февруари не беше ниту во Топ 10.

Многу пореална е продажбата на Киа Спортаж, со 26 примероци во март, и вкупно 85 возила во првите три месеци од 2024 година, со што СУВ-моделот и годинава си обезбедува предност. Титулата: Спортаж е најпродаваниот модел во Македонија во 2023 година.

Вториот најпродаван модел од февруари, Сеат Ибица, еден месец подоцна се пласираше на 6-то место, со 24 примероци, односно со вкупно 59 возила до март. Третиот модел на Порше Македонија во Топ 10 следи веднаш по шпанскиот автомобил, тоа е Шкода Скала, на 7-то место со 22 примероци, односно 41 примероци до март.

Најпродавани марки патнички автомобили во март 2024

Шкода: 75 возила
Рено: 72 возила
Тојота: 62 возила
Хјундаи: 54 возила
Киа: 51 возила

Освежувањето очигледно му годеше на бестселерот на Еуроимпекс годинава, на Пежо 2008, што во првите три месеци достигна 41 примероци, вклучувајќи ги 18-те возила од март.

Ситроен Ц3, Тојота Корола, Тојота Јарис Крос и Фолкваген Поло (4-от Порше-модел) го делат 9-то место со 17 продадени возила во март. Во оваа четворка, во првиот квартал најмногу продажби има Ситроен Ц3 (45), пред Корола (38, втор најпродаван модел во 2023).

Најпродавани модели на патнички автомобили на македонскиот пазар во март 2024

(неофицијални и необврзувачки податоци, што не се потврдени од увозниците)

Модел

Март ’24

2024

1 Фиат Панда 55 57
2 Рено Клио 42 75
3 Шкода Октавиа 33 74
4 Хјундаи Тусон 30 50
5 Киа Спортаж 26 85
6 Сеат Ибица 24 59
7 Шкода Скала 22 41
8 Пежо 2008 18 41
9 Тојота Јарис 17 n/a
9 Фолксваген Поло 17 n/a
9 Ситроен Ц3 17 45
9 Тојота Корола 17 38
10 Дачиа Дастер 2 76

Топ 10 го заокружува модел на којшто и првото место не му било туѓо, Дациа Дастер, со 2 мартовски продажби, но затоа и 76 продажби во првите три месеци.

Одлична динамика има и меѓу доставните возила, со мошне бурна конкурентска битка на марките. Фиат е прв и во оваа конкуренција. Мерцедес исто така се држи одлично, од месец во месец.

Најпродавани марки лесни товарни возила во март 2024

Фиат: 43 возила
Фолксваген: 18 возила
Форд: 12 возила
Мерцедес: 12 возила
Ситроен: 11 возила

Во меѓувреме и Царината престана да објавува статистика за бројот на увезени нови и стари возила, што само додава дополнителна доза збунетост околу македонскиот автомобилски пазар.

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Акио побара автомобил што е како патика, Лексус одговори со Ел Бе Икс

Фејслифтот на Форментор ќе ја качува продажбата на Купра