за

Фејслифтот на Форментор ќе ја качува продажбата на Купра

Шпанската спортска марка на концернот Фолксваген има цел да ја зголеми продажбата со новото моделско годиште на Форментор и Леон.

Новото моделско годиште на Форментор, најпродаваниот модел на Купра, има редизајнирана маска со изглед на „нос на ајкула“.

Купра ги освежи своите два најбарани модели со нова маска и со посилни погонски единици, вклучувајќи и поголема батерија за приклучните хибриди.

Купра очекува да ја зголеми за 15 проценти продажбата на своите два најбарани модели, компактниот СУВ Форментор и комбилимузината Леон, со моделското освежување во средината на нивниот производствен век.

Форментор почна да се продава во 2020 година и лани достигна 120.000 примероци на глобално рамниште. Тоа е повеќе од половината од вкупната продажба на марката од 230.000 возила. Леон се продаде во околу 55.000 примероци лани.

Со фејслифтот што вклучува поагресивна маска со изглед на „нос на ајкула“, со поголем средишен дисплеј внатре и со зафати во погонот, Купра очекува двата модели заедно да достигнат продажба од најмалку 200.000 примероци. Тоа го изјави извршиот оперативен директор Свен Шувирт при претставувањето на освежените модели во Мадрид.

Меѓу промените во внатрешноста на Форментор спаѓа и екранот на допир од 12,9 инчи

Како најнова големоволуменска марка на концернот Фолксваген, Купра постигна успех со извлекувањето дополнителна спортска нота од моделите на Сеат, како Леон, и со сопствените изведби на модели од концернот, со Форментор и со електричниот Борн, којшто во основата е Фолксваген ИД.3.

Вејн Гритифс, извршен директор на Сеат и Купра, изјави во Мадрид дека во првото тромесечје се продадени повеќе од 56.000 возила, што е рекорд за марката, којашто во 2018 година се издвои од Сеат. Тоа се за 21 проценти повеќе возила во споредба со 2023.

Во првите три месеци, Купра продаде 49.639 возила во Европа, што претставува зголемување од 26 проценти во споредба со првиот квартал лани. Сеат ја задржа истата продажба, со 69.368 возила во првото тромесечје годинава, наспроти 68.073 возила во истиот период лани.

На настанот во Мадрид беше претставена и Купра Дизајн, независно студио за дизајн што ќе соработува со „компании што се поврзуваат со филозофијата на марката и сакаат да го внесат стилот на Купра во нивните сопствени марки.“

Во комбито Купра Леон отсега работи мотор со 333 КС

Промените во техниката на Форментор и Леон се слични со промените што Фолксваген си изврши кај својот Голф. Тоа вклучува поголема батерија за изведбите со приклучен хибриден погон (19,7 кВ, место 13 кВ претходно) и досег што сега е продолжен на 100 километри. За комби изведбата на Леон и за Форментор е достапен 2,0-литарски безинец со 333 КС. Истиот мотор работи во Ауди С3 и во ФВ Голф Р.

Цените за Форментор се сменија незначително од тековната изведба, со 39.200 евра во Германија за основниот модел (претходно 38.350 евра). Леон ќе стартува од 35.000 евра.

До завршетокот на следната година, Купра ќе пушти во продажба три нови модели. Таваскан, електричен СУВ од средна класа, произведуван во Кина, почнува со продажба во јуни. Во третото тромесечје следи кросоверот со мотори со внатрешно согорување Терамар, што ќе излегува од фабриката на Ауди во Ѓер, Унгарија. Таму се произведува сестринскиот модел од концернот, Ауди Ку 3. Пред завршетокот на 2025 година, Купра ќе ја прикаже Равал, мала електрична комбилимизина, што ќе почне да се продава во првата половина од 2026 година.

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Фиат Панда најпродаван модел во март, Порше Македонија четирипати во Топ 10

Симбиоз е четвртиот компактен СУВ во понудата на Рено