за

Симбиоз е четвртиот компактен СУВ во понудата на Рено

Рено сега нуди четири компактни СУВ-модели: Меган Конквест во стил на купе, Аустрал како попрестижен модел, целосно електричен Сеник и новиот Симбиоз.

Четвртиот компактен СУВ во понудата на Рено се очекува во салоните во септември. Основа е платформата ЦМФ-Б, што Рено и Нисан обично ја користат за своите градски модели. Во Симбиоз служи продолжена изведба на таа платформа.

Рено ја заокружува својата понуда од компактни СУВ со Симбиоз, како „појдовнo ниво“ на компактен СУВ, што ќе се појави во салоните во септември, со целосно хибриден погон.

Со должина од 4,41 метри, Симбиоз е само десет сантиметри покус од Аустрал, којшто е најблагородниот компактен СУВ на Рено и се нуди со хибриден погон. Новиот модел е конструиран врз продолжена изведба од платформата ЦМФ-Б на Рено и Нисан. Тоа е истата платформа што се користи и за компактниот СУВ во стил на купе Меган Конквест. Двата модели го користат и истиот хибриден погон со 1,6-литарски бензинец, за разлика од Аустрал, каде што работи хибрид со 1,2-литарски бензинец.

Симбиоз е осмислен да им се допадне на сите куpувачи во сегментот на компактни СУВ. Тоа е втор најголем сегмент во Европа. Директорите на Рено го кажаа тоа во април, на настан во Париз што ѝ претходеше на премиерата на Симбиоз во четвртокот. Моделот цели посебно на семејства и компании со големи возни паркови, упатуваат од Рено. Се очекува дека половина од продажбата ќе отпаѓа на компании.

Новакот ќе привлекува и купувачи што во минатото би се решиле за комби модел, како Рено Меган Грантур. Тој е воедно десет сантиметри подолг од Рено Каптур.

Симбиоз ќе се натпреварува против моделите со најдостапна цена во сегментот на компактни СУВ, меѓу коишто спаѓаат Сеат Атека, Шкода Карок, Дачиа Џогер, Киа Ниро, Нисан Кашкај и Тојота Ц-ХР. Дачиа в година ќе го вклучи во понуда и Бигстер.

Офанзива со компактни СУВ

Рено сега има четири компактни СУВ, коишто се мошне профитабилен сегмент: Симбиоз, Аркана, штотуку лансираниот електричен Сеник и Аустрал. Шефот на концернот, Лука де Мео, стави најголема важност на засилувањето на присуството на марката со модели во компактниот и во средниот сегмент, кога ја презеде функцијата во јули 2020 година. Аркана, Аустрал и Симбиоз се нудат во изведби со целосно хибриден погон Рено Е-Тек.

Кокпитот на Симбиоз располага со инфо-забавниот систем ОпенР Линк на Рено, што се базира врз Гугл

Симбиоз и Аркана ја користат истата механика, но се обраќаат на различен круг купувачи, кажуваат директорите. Симбиоз цели кон фамилии и возачи што бараат да добијат колку е можно повеќе простор за своите пари, додека Аркана повеќе е насочена кон дизајнот и нуди чувство на возење како во класичен компакт, но во комбинација со повисоко седење.

Компактните СУВ го сочинуваат вториот најголем сегмент во Европа, по малите СУВ. Во првото тромесечје беа продадени 511.510 возила. Најпродаван модел е Нисан Кашкај со 48.083 возила, пред Киа Спортаж со 44.881 возила, Фолксваген Тигуан со 40.294 и Хјундаи Тусон со 40.283 возила. Во истиот период, Рено продаде 18.500 примероци од Аустрал и 9.744 примероци од Меган Конквест.

Продажбата почнува со хибридните модели

Симбиоз ќе ја започне продажбата со целосно хибриден погон Е-Тек со 145 КС и два електромотори: Главен електромотор со моќност од 36 киловати и помошен електромотор од 15 киловати. Емисијата на ЦО2 изнесува 105 грами. Рено најави дека продажбата на изведбите со класичен погон ќе почне подоцна.

Во Симбиоз не се вградува најновиот погон Е-Тек што се користи во Аустрал и се заснова врз 1,2-литарец, во комбинација со поголема батерија. Со тој погон би се зголемила цената, но и тежината на автомобилот, што вака останува под 1,5 тон, кажуваат од Рено.

Хибридниот погон, во совршени услови ќе овозможи 80 проценти од вообичаената градска рута да се мине чисто на струја, тврди производителот. Досегот изнесува до 1.000 километри.

Името Симбиоз се повикува на концептното возило од 2017 година. Моделот е осмислен со повикување на бројни модели од историјата на Рено, меѓу кои „16“ од 1965 – една од првите комбилимузини на пазарот, потоа од „20“ од 1976 -поедноставена изведба на луксузниот „30“, од Сеник од 1996 и од првиот европски миниван Еспас од 1984 година.

Шарите во маската на Симбиоз ги следат аглите на новиот „ромб“ на Рено. Впечатливи се и новите дневни светла.

Сончев покрив што се затемнува автоматски

Иако Симбиоз има за цел да го пополни почетниот ценовен сегмент на компактните СУВ, тој располага со бројни функционални и комфорни ставки. Меѓу нив спаѓа и заден поклопец што се отвора со замавнување со нога под браникот и фиксен соларен покрив Соларбеј, што се затемнува автоматски. Слично како кај Тојота Ц-ХР, сончевиот покрив го зголемува просторот за глава за 30 милиметри и не је жртува топлинската и звучната изолација, кажува Рено.

Симбиоз располага со најновата генерација на корисничкиот интерфејс на Рено, што се води како ОпенР Линк и се заснова врз Гугл, вклучувајќи „природна“ работа со Гугл Мапс и гласовни контроли, како и 50-на апликации што се развиени за Рено.

Меѓу новите функционални ставки се вбројува Мај Сејфти Свич / Копче за моја безбедност, за контрола на видливите и звучните предупредувања преку едно копче, како и Сејфти Коуч / Тренер за безбедност, што ги снима брзината, положбата и патот на возилото, за потоа да даде оцени за возењето и да препорача начин за возачот да го подобри своето возење.

Со 4,41 метри, Симбиоз е 100 милиметри подолг од бараниот Каптур и воедно д 100 милиметри покус од компактниот и поблагороден СУВ Аустрал

Повеќе е од мега-Каптур

Во стилот на Симбиоз се препознава семејното сродство со Каптур, посебно во маската, во карактерната линија што се втопува во задните крила, во праговите, арките на крилата и по украсната лајсна во предните крила, што личи како отвор за воздух. Во првите вести додека новиот модел се развиваше, тој се спомнуваше како „голем Каптур“. Исто како Каптур, новиот модел ќе се произведува во Ваљадолид, Шпанија.

Разликата е во тоа што Симбиоз има многу поостри поединости, посебно кај средниот и задниот солб. Тоа најдобро се забележува во малите прозорци во задните столбови, што завршуваат остро и дополнително се нагласени со работ во каросеријата.

Меѓу останатите стилски разлики се текстурата на маската што ги следи аглите на ромбот на Рено и задните светла што личат како кристали. Задните светла и кровниот спојлер се продолжени за да ја издолжат линијата на покривот и да ја подобрат аеродинамичноста, упатуваат дизајнерите на Рено.

Видеото од тестот на целосно електричниот Рено Меган Е-Тек

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Фејслифтот на Форментор ќе ја качува продажбата на Купра

Стелантис вработува инженери во Бразил и Индија, таму работат за помалку