Капетански фотелји во вториот ред во Дефендер 130, печат на занаетчиска изработка во внатрешноста, специјална боја и нов мотор Д350, тоа се насоките во коишто благородната британска куќа ги изврши промените во новото моделско годиште на својот најпродаван модел.
Куќата на брендовите, како што уште сака да се нарекува Јагуар Ланд Ровер, го унапреди својот Дефендер во новото издание во насока на луксузот. Воведена е нова специјална серија 110 Седона Едишн и воедно е извршено поразбирлив избор на пакети со дополнителна опрема, за купувачите полесно да можат да го состават својот Дефендер.
За поголема удобност за патниците е наменет Сигначјур Интериор Пак, додека за клиентите на најдолгата изведба во гамата, Дефендер 130, достапни се луксузни Капетански Фотелји. Тоа се две удобни и засебни седишта за патниците во вториот ред, со потпирачи за раце, греење, вентилација и со комфорни потпирачи за глава. До третиот ред седишта се пристапува комотно преку просторот меѓу двете предни фотелји.
Марк Камерон, директор за Дефендер, објаснува дека визијата за Дефендер е „постојано да се подобрува тоа што веќе е исклучително возило, што може да вози насекаде и да прави сé.“
Главниот нагласок се става на Седона Едишн за изведбата со средна должина, Дефендер 110. Името е според Седона, прочуен предел во Аризона, којашто послужи како инспирација. Посебна е бојата на каросеријата, по пример на тамошните карпи што содржат голема количина железо и тоа им дава посебна црвена боја.
Серијата 110 Седона Едишн, со бојата Седона Ред што првпат се користеше кај Дефендер 130, ќе се продава само една година

Дел од оваа специјална серија е Екстендед Блек Пак, со предна маска, заштитни плочи долу, натпис Дефендер и тркала од 22 инчи со сјаен финиш, во нарвик-црна боја. Со тоа следи и заштитна облога за резервното тркало во боја на каросеријата.
Кај специјалната серија може да се нарача хауба со налепници што ја отсликуваат топографијата на Седона. Уште еден додаток е страничниот куфер за сместување влажна или валкана опрема и облека.

Опременоста на Седона Едишн се темели на Дефендер Икс-Дајнемик ХСЕ. За внатрешноста првпат може да се изберат виндзор црна кожа и седишта Квадрат.
Овие седишта се дел од свежо воведениот Сигначјур Интериор Пак, што внесуваат повеќе луксуз и користат материјали што се посебно пријатни на допир. Тие се опција кај ХСЕ, а стандард кај Дефендер Икс и Ве-8.
Гамата сега се состои од нивоата С, Икс-Дајнемик СЕ, Икс-Дајнемик ХСЕ, Икс и В8, коишто се достапни за трите каросериски изведби, 90 со три врати, 110 со пет врати и 130 со продолжена каросерија.

За дополнително да се поедноставни изборот на моделот, на располагање стојат пакети на комфорна и функционална опрема.
Напредниот пакет за терен, на пример, се состои од Терен Риспонс 2 со можност за конфигурирање, електронски контролирана воздушна суспензија, избор на програми за возење, автоматско нагодување на висина на светла.

За едноставност тешко дека може да стане за збор, затоа што пак се избира меѓу пет пакети за возење и системи за безбедност, четири пакети за студена клима и за влечење приколка, четири пакети за внатрешност и два пакети за третиот ред седишта.
Освежувањето го заокружува најсилниот дизел Д350, што со 350 КС располага со плус 50 КС, како и со 70 њутнметри екстра во споредба со претходникот Д300.
















