Возењето за многумина претставува уживање. Посебно е доживувањето кога и сообраќајот е потсмирен, и човек е среќен со чувството, дека улиците во градот во моментот му припаѓаат само нему. Разликата меѓу возењето во недела наутро и во следниот работен ден, ја прикажуваме со овие снимки што ги направивме низ улиците на Скопје.
Речиси е невозможно да се поверува дека тоа е истиот град и тоа се истите улици. Човек да посака да стане уште порано в недела, само за улиците низ Скопје да ги извози како некој вид на возачки спа-третман. Со лактот на прозорец и исклучена клима, со поаѓање на семафор три секунди по вклучување на зеленото светло, затоа што нема возило назад, со менувачот во највисок степен и релаксирано до следниот семафор. Сосем е сеедно дали ќе се фати зелениот бран или ќе се пушти автомобилот да се движи по инерција, кога веќе семафорот префлил на црвено.
Тоа не е филмско сценарио, туку е чиста реалност што може да се доживее по улиците на Скопје и секој друг град, во недела рано наутро. Прашањето на коешто овојпат појдовме да најдеме одговор беше: Колкава е разликата во времетраењето на возењето, од паркингот на хотелот Белви во Илинден, до паркингот пред езерото Треска во Сарај, доколку еднаш се вози во недела наутро, а еднаш во понеделник наутро? Со одговорот на тоа прашање, пристигнаа уште голем број други одговори.
Вистинското утринско возење во неделата го имавме патувајќи до Белви. За возење на рутата долга близу 24 километри до Сарај, веќе стана недела претпладне. На човек му се прави денот кога ќе има таков релаксирачки почеток, па уште и во совршени летни услови, така што пиењето кафе се оддолжи до 10.30 часот.
И дизајнот на овој автомобил орасположува. Citroen C3 е дизајнерско мајсторство. Но, и оние многу поважни својства што се чувствуваат во возењето, прават човек да гледа со симпатии кон „тројката“ на Citroen. На тест-возењето што претходеше, C3 се докажа со навистина комфорно подвозје, во смисла на мека и тивка амортизација, општо со тивка звучна кулиса во кабината, со мотор чијашто трицилиндарска конструкција во основата има цел да постигне посилно повлекување на моторот токму во градски услови.
По десетина минути од поаѓањето, патот веќе нé донесе до Сајмиште. Сообраќајот веќе не беше толку смирен, но и не менува многу ако има два или три автомобили напред, затоа што нема создавање долги колони и чекање да се мине во неколку обиди. И однесувањето на возачките и возачите е различно, сите се свесни за привилегијата којашто ја уживаат во моментот и се вози релаксирано, но пак со осет за останатите учесници во сообраќајот.
Во 15 минути до единаесет часот, Citroen C3 веќе чекаше да мине семафор кај Соборниот Храм. Зелениот бран некако е чудно изместен во тие претпладневни часови, но ништо не може да го расипе уживањето. Половина минута чекање на семафор и време поминато во уживање во убави сцени од градот, што во вообичаениот метеж никој не ги забележува.
По неполни половина час од поаѓањето од Белви, нашето градско патување веќе нé донесе до автопатот пред патарината и до скршувањето кон Сарај и Матка. Триесет и две минути, толку ни траеше возењето во недела претпладне, без јурење, спокојно. Уште еден податок што е мошне важен за овој несекојдневен тест, тоа е потрошувачката на гориво. Патниот компјутер на Citroen C3 ни покажа вредност од 5,8 литри. Растојанието долго 23,8 километри сме го минале со просечна брзина од 41 километри на час, а системот за автоматско гаснење на моторот бил активен една минута и 59 секунди. Доколку со ова темпо би го продолжиле возењето, би имале гориво за уште 620 километри.
Тоа е полесниот дел од овој тест, делот за уживање. Рутата ја повторуваме во понеделник наутро, во 8 часот и 8 минути. Но, тоа нема да биде идентична рута, затоа што претходно беше најавено дека ќе има блокирање на улиците поради протести. Моравме да бараме друг пат, за потоа колку е можно побрзо да се вратиме на привичната рута. Протестите го затворија сообраќајот по магистралата во Автокоманда. За рутата имавме избор да појдеме по надвозникот кај Маџари, па потоа да се враќаме назад во колона долга километри и преку улица Перо Наков да продолжиме во насока кон Аеродром.
Се решивме за втората можност, а таа беше возење по автопат кон Петровец, па скршнување во Идризово и враќање по споредниот пат, до Маџари, па соединување со колоната од спротивната насока на крстосницата на улиците Благоја Стевковски и Перо Наков. По осум минути од поаѓањето од Белви и неколкуте километри одвојување од првичната рута, со Citroen C3 веќе возевме по споредниот пат низ Идризово. Нема никакви знаци дека некаде подолу, во Маџари, има долга колона застој. По точно дваесет минути од поаѓањето, веќе станавме дел од колоната.
Како врвеше понеделничката рута, видеото покажува најдобро.
Тест · Citroen C3 · Рутината не е во речникот на овој автомобил