Спортската марка од Цуфенхаузен ќе инвестира 1,1 милијарда евра до 2020 година во модернизација на главните производствени и истражувачки центри во Германија.
Во матичната фабрика на Porsche во Цуфенхаузен, во близина на Штутгарт, во моментов е во тек изградба на нова фабрика за мотори и каросерии, кадешто в година ќе се пресели производството на Cayman, покрај Porsche 911 и Boxster. Инвестицијата е дел од стратегијата којашто има за цел да се обезбедат работните места во Цуфенхаузен, во центарот за развој во Вајсах и во логистичкиот центар во Лудвигсбург. Станува збор за околу 13.000 работници.
За 2020 година може да се очекува седмиот модел во понудата на спортската марка. Засега уште се разговара околу конечната одлука за новиот модел. До завршетокот на годинава, Porsche за првпат ќе продаде преку 200.000 примероци од своите модели. Порастот во продажбата во најголем дел доаѓа од новиот спортски теренец Macan, кој стартуваше лани во април. Покрај Audi, Porsche е главната база на профитабилност во рамките на групацијата Volkswagen.
















