Ниту од Кореја, ниту Кина, туку од добрата стара Јапонија. Оттаму и натаму ни пристига најпродаваната азиска марка. Во првото полугодие од 2015, Nissan продаде близу 400.000 возила во Европа.
Според продажните резултати за првите шест месеци од годинава, Nissan е најпродавана азиска марка автомобили – а со тоа секако и јапонска – на европскиот пазар. Продадени се вкупно 384.726 возила или за 4,3 проценти повеќе од лани. Најголем пораст забележаа водечките пазари, а меѓу нив најмногу Велика Британија (+34%), Шпанија (18%) и Германија (+11%). Благодарение на одличните продажби на Nissan Qashqai, како и на електричниот автомобил Nissan Leaf, јапонската марка во моментов држи 4,2 проценти од европскиот пазар.
[quote_box_right]Годинава Nissan ќе го прославува петтиот роденден на електричниот Leaf. Со 184.000 примероци продадени во светот од двете генерации, Leaf продолжува да ја зацврстува позицијата на најпродаван електричен автомобил.[/quote_box_right]
Успехот следи по рекордната ланска година во Европа, кога Nissan забележа највисока продажба и највисок пазарен удел во историјата. Продажбата расте непрекинато веќе пет години, а изгледите се добри дека таа ќе продолжи да расте и во 2015 година. Фабриката во рускиот Санкт Петерсбург неодамна го одбележа двесеилјадитиот примерок од новиот X-Trail, со што таа е фабрика со најголем растеж во Русија. Импресивни бројки доаѓаат и од Италија, кадешто Nissan ја зголеми продажбата во првите шест месеци за 23 проценти, со вкупно 32.611 продадени возила.
Рекорди бележи и кросоверот Nissan Qashqai со 2,5 милиони продадени примероци. На „домашниот“ пазар во Велика Британија, кадешто се произведува популарниот кросовер, продажбата во првото полугодие достигна 88.000 примероци и досега највисоко пазарно учество во историјата на марката. Слично е во Франција, каде што Nissan држи 3,7 проценти од пазарот во првите шест месеци од 2015 година.