за

Електрично Mini пишува автомобилска историја во Македонија (2. дел)

Во првиот дел од пионерската тура со Mini Cooper SE уште го откривавме единственото чувство при возењето со електричен погон на подолга релација. Овојпат возиме подинамично, како што повеќе му доликува на Mini, но и со голема доверба во електричниот погон.

Mini Cooper SE тест

Електричното Mini во пионерското тест-возење во Аутомедиа ни ги открива вистинските причини за глобалниот подем на новиот погон. Возењето на струја не зависи од постоењето широка мрежа од полначи или од масивни даночни повластици, туку зависи најмногу од фасцинацијата во самото возење. Кој ќе го проба електричниот погон, ќе го обожува. Во Mini Cooper SE сепак работи електричен погон на BMW. Овој електричен автомобил ја имаше честа првпат да се појави во средини и да гази по патишта по кои ниту еден електричен автомобил не возел претходно во Македонија. Остануваат уште многу патишта и многу ситуации, електричниот погон дефинитивно е реалност, тука и сега. Продолжуваме со вториот дел од возењето.

Во првиот дел од оваа мисија, што електричното Mini ја направи да биде пионерска, возевме со добра доза на резервираност. Тоа е несвојствено возење за британскава мини-марка со макси-традиција. Првото одредиште го избравме да биде Козјак, односно прочуениот видиковец од висорамнината Рудина над езерото, токму поради историската врска на Mini со вакви сурови и тешко совладливи средини. Mini Cooper S пред близу шест децении триумфираше во иста таква средина, на релито Монте Карло. Тоа беше доволно за победата на Mini во време на црно-белата ТВ да стане светска вест. Но, се покажа дека тоа било само почеток. Генијалната конструкција на Сер Алек Исигонис уште две години победуваше на Кол де Турини. Ете го сега Mini на Козјак, во сосем различно, но пак слично издание како пра-моделот. Овој Mini Cooper SE повторно е прв – тој е прв електричен автомобил што возел по овие предели.

Резевираното возење сепак заврши брзо. Стотина километри, до Козјак и назад во Скопје. Тоа е сосем доволна километража да се добие ориентација за досегот на електричниот Mini Cooper и воопшто за електричните автомобили. Да се стекне првична доверба во погонот на батерија, исто така. Кој очекува дека преостанатиот досег ќе се прикажува на тенкиот дисплеј зад воланот со бројки големи колку на семафор на стадион, место тоа ќе го најде податокот напишан со сосем нормални бројки.

Возењето електричен автомобил сепак не се сведува на постојано зјапање во досегот и на оптоварување со тој податок. Брзо паѓаат предрасудите за погонот на батерија. Првото големо предубедување е дека полнењето на батеријата трае долго, предолго. Енергијата потрошена за стоте километри од турата до Козјак, на полначот во Парк се наполни за час и половина. Тоа, на полнач на ЕВН, со моќност не од 300, 350 или барем 50 киловати, туку сосем реални 11 киловати. Еден час трае обична неделна набавка од супермаркет. И многу други активности траат само еден час. Но, во тие случаи еден час е малку, а кога треба да се наполни батеријата е многу.

Досегот на Mini од реални 200 километри е мал, а досегот со дизел за 500 денари не е?

Втората голема предрасуда е дека двесте или 300 километри досег се малку. Но, колку навистина е малку? Многумина возачи со години практикуваат во резервоарот да полнат гориво за 500 денари. Тоа се десетина литри дизел, кои со внимателно возење ќе достасаат за најмногу 150 километри. Тоа е гориво за пет денови возење, до работа и назад, плус уште по десетина километри во градското секојдневие. Mini Cooper SE минува најмалку педесет километри повеќе со едно полнење на батерија, и тоа е малку?

Затоа, пак, електричниот погон има една предност што надоместува сé. Цената за километар пат. Дури, користењето на полначите за струја на ЕВН е бесплатно. Во случај да се користи обичен приклучок за струја, значи посебниот кабел за тој случај буквално да се приклучи на обичен „штекер“, полнењето би чинело 90 денари по ноќна и 180 денари по дневна тарифа. Тоа ќе биде трошокот за возење на вкупна релација долга околу 200 километри. За споредбата да биде попрегледна: Сто километри пат при користење домашен „штекер“, со Mini ќе чинат грубо пресметано 50 денари, додека за штедлив дизел со реални шест литри потрошувачка, за истата километража ќе треба да се платат 300 денари. Шесткратна разлика. Не земајќи ја предвид нултата штетна емисија на електричниот погон или нечујното возење, што исто така претставува придобивка за животната средина.

Но, сите овие калкулации, пресметки и мудрувања стануваат неважни, откако ќе проработи моторот под хаубата на Mini. Вистина е дека кога ќе се „запали“ моторот не се случува ништо, барем додека не се притисне врз „гасот“. Бројни и долго воспоставени поими се менуваат. Палење се заменува со ставање под напон, гасот станува педала за возење, моторот е електромотор.

Моќното и брзо повлекување веднаш по скршнувањето и по поааѓњето од семафор прават возењето на електричното Mini Cooper SE да биде посебно

Се менува сé, не само поимите. Се менува уште од поаѓањето, не од првиот метар, туку од првиот сантиметар. Тоа посебно чувство доаѓа од начинот на работа на самиот електромотор. Овој во Mini ги произведува 270-те њутнметри вртежен момент уште при 100 вртежи во минута. Тоа се веројатно неколку стотинки по притискањето врз педалата за возење. Токму овој масивен вртежен момент што е имун на промени во динамиката на возењето и стои на располагање во секој момент, прави чувството при возењето на Mini Cooper SE да биде посебно.

Без какви било сомнежи во досегот што го пријавува патниот компјутер, турата со електричниот автомобил од Оксфорд ја продолжуваме исто како под каросеријата да работи обичен погон. Привилегија е да се вози електричен автомобил во Македонија. Користењето на полначите на ЕВН е бесплатно, исто како и паркирањето во Центар. Постои уште едно нешто што исто така е дел од секојдневието со електричните автомобили: Минувачите заинтересирано ја следат брзата процедура кога се прикачува или откачува кабелот за полнење. Самиот факт што резервираното слободно место пред полначот е пополнето со електричен автомобил е спектакл. Средината реагира позитивно и одобрувачки на тоа што овој автомобил се разликува од останатите. Чувството што ќе го имаат идните возачи на електричен автомобил веројатно ќе биде исто како човек на охридското пристаниште да се истопори излегувајќи од подморница.

Електричното Mini е пред сé Mini, а тоа значи дека во возењето го посредува истото го-карт чувство како неговите турбо-браќа. Фамозната возачка агилност на „мини-купер“, во 1969 година беше инспирација за незаборавни сцени во „Италијанска работа“, со ликовите на Чарли Крокер и Мистер Бриџер, по улиците на Торино. Истото подвозје работи и во John Cooper Works GP со 306 КС. Оваа техника е далеку од автомобилска конфекција. Секако дека во возилото има и многу BMW.

Cooper SE „ненамерно“ повлекува прв на поаѓање од семафор. Не може поинаку, тоа е резултат од електричниот погон и од промптното ослободување на полниот вртежен момент. Ако се случи некој со сомнежи да гледа во способноста на електричното Mini, откако ќе го види неговиот старт на дело, го менува мислењето за трајно. Со 184 КС, ова е моќно моторизирано парче и тоа се докажува при забрзување. Ако досега импресионираше моќното повлекување и брзиот старт, сега се покажува уште една посебност, што повеќе е посебност на Mini Cooper SE, отколку што е генерално на електричните автомобили. Кога ќе се притисне посилно врз педалот за возење, единствено се слуша како се засилува струењето на воздухот, убаво вкомпонирано со звуците од гумите. И тоа е сé. Радиото останува исклучено. Звуците, или поточно, отсуството на вообичаените звуци при возењето, човек ужива да (не) ги слуша во овој автомобил.

Две секунди предност на електричниот Cooper при меѓузабрзување од 80 до 120 km/h

Можно е педалот за возење воопшто да не бил притиснат до крај при нашето тест-возење. Немало потреба. Доколку педалот при поаѓање се притисне до крај, електричниот Cooper тежок нешто над 1,4 тон ќе вози со темпо сто по 7,3 секунди. Тоа е веќе во класата на спортските автомобили. Една блиц споредба меѓу електричниот Cooper SE и бензинскиот Cooper S: 184 КС наспроти 192 КС, забрзување до темпо сто за 7,3 наспроти 6,8 секунди, меѓузабрзување од темпо 80 до 120 за 4,6 наспроти 6,6 секунди (во V. степен). Единствено во крајната брзина има драстична разлика, со 150 наспроти 235 km/h. Ова ограничвуање сепак не се должи на некаква неспособност на електричниот погон да постигне повисока брзина, туку има цел да се сочува енергијата.

Разликата во тежината не е толку голема колку што се претпоставува. Електро-минито тежи 1.365 килограми без возач, додека бензинскиот модел е полесен за 170 килограми и тежи 1.195 килограми. Најголемиот дел од оваа тежина е распореден во самиот под и со тоа се грижи за спектакуларни возни својства. Со значително спуштено тежиште (околу 30 милиметри), не може, а да не се забележи, колку лесно Mini го менува правецот и колку релаксирано влетува во свијоци. Сите дисциплини на возната динамика, од максимална сила на странично забрзување, до слалом, електричниот Cooper ги совладува бравурозно.

Сето тоа е „наследство“ од Mini, од верзиите со класичен мотор: Mini единствен во сегментот располага со мултилинк задна оска! На тоа се надоврзува и мајсторски дотерано електромеханичко сервоуправување. За електро-тркачот од Оксфорд е развиена и посебна варијанта на DSC. Суштината е во тоа што зафатите за стабилизација на возилото се вршат во самиот погон. Кај класичните системи, сензорите прво мора да препознаат погонско пролизгување на одредено тркало, па потоа да го испратат сигналот до контролната единица, што на крајот наредува да се смали вртежниот момент на моторот. Тоа трае. Но, различно е кај електричното Mini. Тука нема контролна единица, самиот електромотор е „контролна единица“. Брзото и прецизно дејствување на контролата на тракција се чувствува најдобро кога на излез од свијок ќе се притисне посилно врз педалата за возење. Возењето како по шини добива нов демонстратор.

Електричното Mini е создадено за уживање во возните својства, во динамиката, во инженерингот на BMW

Тоа се детали што го разликуваат Mini Cooper SE од останатите електрични возила во неговото опкружување. Детали што имаат цел да го зголемат возачкото уживање. Идејата на проект-менаџерите очигледно не била да се направи автомобил што ќе биде наменет за бавно возење и строго за штедење. Иако, уживањето одредена делница без сообраќај да се мине со колку може помалку потрошена енергија, мами некако посебно.

Пред една година, исто ги проверувавме можностите на возењето на струја, тогаш во верзијата на Mini Countryman Cooper SE со приклучен хибриден погон и со плус ознака All4, за погон на сите тркала. Со досег од триесетина километри на струја, пред да се вклучи бензинецот, една од целите при ланското возење беше проверка дали ќе можеме да се искачиме на Рамно, на Скопска Црна Гора, само со погон на струја. Батеријата тогаш беше доволна до Бродец, преостанатите шест километри до висорамнината ги извозевме со комбинирана работа на електромоторот и моторот.

Овојпат, во Mini Cooper SE немаме бензински мотор што ќе продолжи таму каде што ќе „престане“ батеријата, но затоа имаме на располагање проверен досег од повеќе од 200 километри, место трисетина километри. По истиот пат, и со истата динамика, по педесетина километри извозени по периферијата на Скопје, повторно појдовме на Рамно. Долу на автобуската станица, компјутерот ни покажува досег од 135 километри, односно на располагање ни стојат 69% од капацитетот на батеријата. Чувството е многу различно од лани.

Се качивме на Рамно за да наполниме струја надолу

Автомобилот со погон на батерија и без звук се качува најрелаксирано, на излез од „лактите“ не мора да се чека моторот да се разбуди, затоа што електромоторот не прави разлика дали брзината е 5, десет или сто километри на час – секогаш влече исто. Во електричниов автомобил, човек некако се чувствува како дел од природата, се вози со отворени прозорци и потпрена рака. Горе пристигаме со досег пресметан на 60 километри и со 47% наполнетост на батеријата. Веќе сите знаеме дека компјутерите често знаат да претераат, па така и овој.

Возењето надолу е тоа што нé интересира повеќе овојпат. При секое спуштање, електромоторот дејствува како генератор и произведува струја, односно ја полни батеријата. Тоа воопшто не е малку енергија. Повторно на станицата долу, компјутерот сега покажува досег за 121 километри и батерија наполнета 55 проценти. Зарем тоа не е сензација само по себе! Спуштањето од Рамно ја наполнило батеријата за 7 проценти. Тоа се дваесетина километри бесплатно возење, дадено гратис од електромоторот на Mini Cooper SE. На искачување имавме досег за 135 километри, сега имаме уште 121 километри за возење.

Имаме уште еден тест. Нé интересира како ќе реагираат рекреативците по патот од Средно Водно до Св. Пантелејмон. Внимателно возиме по патот, затоа што електричниов автомобил се слуша само до 30 километри на час, до таа брзина се произведува многу тивок вештачки звук што на пешаците и велосипедистите им укажува дека наидува автомобил. Реакциите се исти како претходно, кога Mini беше на полнач во Парк. „Еј, на струја е!“ Стотина метри подолу, други рекреативци дебатираат дали автомобилот е електричен. „Да, навистина е електричен!“ Тоа покажува колку луѓето го прифаќаат овој погон. Доколку место нас минуваше некој тежок СУВ со растропан дизел и долга историја, во ретровизорот ќе гледавме како луѓето запираат и се повлекуваат настрана од патот, за да мине смрдеата. Тука никој не му пречи никому. Електричните автомобили се меѓу нас. И нема да си заминат, тоа е сигурно, исто како што е сигурно дека по ноќта ќе раздени.

Субвенциите уште се висока политика за нашите автомобилски власти, но предностите и фасцинацијата што ги нуди електричниот погон е несомнено дека и самите без „туѓа помош“ ќе привлечат љубители и возачи на електрични автомобили

Во поглед на цените, кај нас субвенцијата се состои во тоа што за електричните автомобили не се плаќа „новиот“ данок за возила, односно акциза. Секако дека овие возила со нулта емисија на СО2 се ослободени и од еколошката компонента. Конкретно субвенција што ќе учествува во самата цена на автомобилот, кај нас не постои. Кај увозникот М Кар, електричниов пионер чини 33.900 евра, вклучувајќи навигациски систем и реално богато ниво на сериска опрема. Тоа се околу 20% повеќе во споредба со цената на бензинскиот Cooper S со дволитарец со 192 КС, но и со нијанса помалку опрема во споредба со електричниот SE.

Како за премуим марка, впрочем Mini е рамноправен во тој поглед со матичниот BMW, дури и широкоградо е тоа што Британците го вградуваат стандардно во Cooper SE: Алу-тркала од 16 инчи, избор на четири програми за возење (Green, Green Plus, Normal, Sport), диодни предни светла и магленки, приспособлива распределба на вртежен момент на предна оска, топлинска пумпа за греење на батеријата зиме, спортски седишта, спортски волан со команди за радио, дигитални инструменти, автоматски клима уред, дадио Mini Visual Boost со дисплеј од 6,5 инчи и уште бројни други стилски и функционални ставки.

Mini Cooper SE докажа дека електромобилноста е сосем реално применлива во Македонија

Околу впечатоците од електричното Mini, доживувањето е веројатно двапати поинтензивно и единствено, во споредба со моделите на марката со класичен погон, кои и самите во поглед на доживувањето претставуваат нешто посебно во на автомобилската сцена. Тоа што најубедливо го докажа овој пионерски автомобил со електричен погон по македонските патишта е реалноста. Секако дека недостигаат уште „милион“ полначи за струја во мрежата, исто како и сериозни субвенции и план за нивно задржување во период од повеќе години, но факт е дека електробилноста уште сега функционира беспрекорно во секојдневието. Mini Cooper SE вози исто како автомобилите на кои сме навикнале одамна, во поглед на динамиката и општо од секој аспект на индивидуалната мобилност. Нови полначи ќе се поставуваат, некогаш во видно време државата ќе созрее и за ваков вид субвенции, електромобилноста нема да замине, таа останува. Mini Cooper SE и сите идни електрични автомобили, добредојдовте во Македонија!

>>> Електрично Mini пишува автомобилска историја во Македонија (1. дел)

Дарко Јаконов

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Avatar

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Со автомобил на кино поканува А1 за роденденот

Со автомобил на кино, поканува А1 за роденденот

great wall haval h6 3rd gen

Great Wall домаќински на салонот Ауто Кина 2020