за ,

Автомобилскиот пазар не е пластичарска улица

Кулминира дилетантизмот во регулирањето на автомобилскиот пазар во Македонија. Очигледно е дека мерките и натаму се носат со единствена цел да се задоволи сопствениот интерес за самоодржување на владејачките структури. Народот продолжува да се труе.

Автомобилскиот пазар не е пластичарска улица

Македонската политика во последниве години не престанува да изненадува. Кој се надеваше дека катаклизмичната загаденост на воздухот на територија на цела држава, а тоа значи на целата територија по која сообраќаат автомобили донесени од европските и бугарските отпади, ќе разбуди некаква форма на свест и одговорност, и овојпат се надевал погрешно.

Не е важно дали автомобилите загадуваат, сé додека буџетот се полни. Старите автомобили што моментно се возат на бугарски регистарски таблици, поради тоа што имаат висока емисија на штетни материи во издувот и нивните сопственици инаку ќе мораат да платат повисока давачка во Македонија, сега добиваат привилегии за да се регистрираат во Македонија. Буџетот е празен, мора да се полни. Загадувањето веќе е катаклизмично.

Старите автомобили со лоша издувна норма уште од фабрика, од кои Европа масовно се ослободува и практично го забранува нивното задржување во сообраќај, преку високи давачки на име заштита на животната средина, пречекани се со највисока државничка почест и добредојдени се по македонските улици, во македонските градови, меѓу македонските граѓани. Во време кога дилетантизмот во справувањето со пандемијата и дилетантизмот во справувањето со катаклизмичната загаденост на воздухот, влегуваат во разорувачка спрега, и интелектуално способните кругови алармираат дека загаденоста на воздухот уште повеќе ја зајакнува погубноста на вирусот, круговите што гравитираат како владејачки, решаваат барем малку да ја поднаполнат празната државна каса.

Со прогласот „Сите возила кои заклучно 1 октомври 2020 година влегле на територијата на Северна Македонија и се со странски регистарски таблички ќе можат во рок од една година да се регистрираат во земјата со намалени давачки за 50% од утврдената вредност на сите давачки кои се наплатуваат при увоз од страна на надлежните државни органи“, круговите што гравитираат како владејачки го прават следниот преседан во полнењето на државата со автомобилите што Европа ги шутнува поради загадувањето што го носат со себе.

Европа одамна ги испрати старите дизел мотори во прогонство, цената на тамошните автоплацеви во рок од една година им се намали неколкукратно – на радост на тукашните автоплацеви

Тоа што домашните кругови што гравитираат како владејачки уште го немаат осознаено: Спрегата што традиционално постоеше меѓу индустријата од светски ранг и политиката од светски ранг, и меѓу другото се манифестираше со прогледување низ прсти на име на штетноста на издувните гасови на дизел моторите со директно впрскување на горивото под заеднички вод со висок притисок, веќе не постои. Дизел моторите, Европа веќе одамна ги испраќа во прогонство, било преку забрана за пристапување за стари дизели во т.н. балунг-подрачја со висока густина на населеност, било преку високи давачки при регистрација, што обесхрабруваат секаква помисла за такво возило да се поседува.

Понатаму за тоа што домашните кругови што гравитираат како владејачки уште го немаат осознаено: Дизел возилата со лош квалитет на издувни гасови, вклучувајќи ја и нормата Euro V, пред да пристигнат на бугарските автоплацеви, долго време чмаеја на плацевите во Германија, затоа што никој не се интересираше да ги купува истите. Секој ден чмаење на таков автомобил, носи загуба на автоплацот. Поради тоа, автоплацевите се откажаа од секаква заработка и направија сé за таквите возила да доспеат на маргините на Унијата, т.е. во Бугарија, Романија, па и понатаму, во Молдавија итн.

Значи, да им резимираме на круговите што гравитираат како владејачки: Старите коли со дизел мотор со норма послаба од Euro VI, не поевтинеа по германските плацеви поради тоа што народот таму е премногу богат, туку поевтинеа поради тоа што загадуваат, односно се оптоваруваат со астрономски давачки кои ги обесхрабруваат купувачите (и нивните претходни сопственици) да поседуваат таков автомобил.

Препродавачите на користени автомобили реализираат астрономски заработки, според принципот купи евтино, продади скапо

Тоа што за Европа е загадувач, на бугарските автоплацеви одеднаш се претвора во луксузен автомобил. Лимузина што во Германија вреди 3.000 евра, Бугарите без проблем ја препродаваат понатаму за 6.000 евра, затоа што во овие средини, ниту под пактот на Париската климатска конвенција, во третата деценија од третиот милениум, уште нема изградено свест околу кобното влијание на старите автомобили врз животната средина и целиот жив свет во неа. Нема ниту ефикасен заштитен механизам што ќе спречи полнење на државата со автомобили со штетна емисија.

Паралелно се надоврзува уште еден дилетантизам. Само претпоставка е дека учеството на сообраќајот во аерозагаденоста изнесува 20 проценти. Вредностите со коишто буквално се манипулира јавноста, произлегуваат од стара и напуштена методологија. За да биде најразбирливо, постапката што сите не држи во заблуда сиве години е следната: Се земаат предвид сите загадувачи кои испуштаат штетни материи, почнувајќи од индустрија, загадување на домаќинство, сообраќај и др. За секој од тие субјекти, врз основа на доставени параметри, се претпоставува колкава количина штетни материи испушта. Тој дилетантизам, кај автомобилите, значи дека се земаат предвид каталошките вредности, во кои производителите наведуваат дека одреден автомобил има просечна потрошувачка од, на пример 3,9 литри на сто километри и испушта 124 грами СО2 на секој километар. Тоа значи и дека при грешната методологија за автомобилите е земено дека просечната старост им изнесува, на пример, 15 години, и дека во просек исполнуваат Еуро 2.

Најзагадената држава во Европа уште се потпира на студија што е изработена дилетантски, нема нови студии што реално ќе ги детектираат загадувачите, туку има само планови и студии за штетното влијание од загаденоста

Секој познавач и автомобилски експерт, вклучува аларм откако ќе дознае за оваа наивност во методологијата. Автомобилите што според фабрика трошат 3,9 литри, во реалноста трошат најмалку двапати повеќе, додека емисиите на штетни материи, особено вклучувајќи емисија на т.н. суспендирани честички, односно поразбирливо тоа се неразградливи честички што организмот понатаму не може да ги исфрли откако еднаш ќе навлезат во истиот, достигнуваат вредности што се и дваесетпати над нормите!

Најреалниот и најверодостоен критериум за тоа колку сообраќајот влијае врз загаденоста, доаѓа од податокот за потрошувачката на моторни горива на годишно ниво. На тоа сме укажувале повеќепати во содржините на Аутомедиа. Само за дизелот: Од 186.000 тони дизел во 2005 година, потрошувачката до 2018 година, кога е последниот официјален статистички податок, се искачува на 535.000 тони!

Екологистите профитираат од загадувањето, државата уште повеќе

Еколошките организации, доколку навистина беа компетентни, уште одамна ќе ги препознаеја сите овие алармантни показатели. Најнепобитниот доказ за влијанието на сообраќајот врз аерозагаденоста пристигна пред две години, кога за време на еко-протест, додека главните сообраќајници беа затворени за возила, аерозагаденоста се смали инстантно. Но, еколошките организации, кои со својата неспособност во голема мерка имаат заслуга за ширењето и опстојувањето на заблудите околу реалната природа на аерозагадувањето, немаат интерес да го решат проблемот! Како тоа? Многу едноставно, тие добиваат пари од државниот буџет, што значи пати од граѓаните, сé додека проблемот со загадувањето постои. Колку загадувањето е поголемо, толку и парите што тие ќе ги црпат од граѓаните што им веруваат, ќе растат.

Дали државата можеби е повеќе чесна во тој поглед? Од секој еден литар потрошено гориво во возилата, повеќе од половината оди на сметките на државата, конкретно околу една третина доаѓа на име акциза. Тоа не значи друго: Колку повеќе возила и колку помалку ограничувања во поглед на еколошките својства на возилата, толку повеќе пари во буџетот.

Енормната загаденост на воздухот во Македонија почнува со првиот наплив на стари автомобили од бугарските плацеви во половината од првата деценија од 21-от век

Кобната аерозагаденост почна во средината на првата деценија од 21-от век. Точно така, во тие години почнуваа по нашите улици и патишта да циркулираат возила со бугарски регистерски таблици. Македонија дотогаш не дозволуваше возила со слаб квалитет на издув да сообраќаат низ неа. Во 2010 година, бројот на возила донесени од бугарските плацеви за користени возила надмина 50.000 примероци. По улиците тешко можеше да се заклучи дека човек во моментот се наоѓа во Македонија. Оттогаш се увезоа над 300.000 користени возила, најчесто со нефункционално пречистување на издувните гасови.

Дали можеше да се спречи катастрофата што ја доживеавме? Секако да, доколку нашите кругови што гравитираат како владејачки, постапуваа во интерес на граѓаните. Место увоз на стари и прастари автомобили, што нема да доживеат уште еден сопственик и завршуваат на отпад, во меѓувреме загадувајќи сé околу себе, можеше со регулативата да се ограничи увоз на понови возила, помали возила, со почиста емисија. Можеше и да се субвенционира продажбата на најдостапната категорија нови возила на нашиот пазар. Во тој случај, доколку се задржеше динамиката на продажба од 20.000 возила годишно (како во 2009 година), во моментов по нашите улици ќе имавме 100.000 возила стари до десет години, место 300.000 возила постари од дваесет години.

Кому му е потребна лимузина од пет метри, со гуми што чинат 1.000 евра и комплетна обнова на сопирачките за 2.000 евра, покрај месечен просек од одвај 500 евра?

Возилата што нашите кругови кои гравитираат како владејачки, сега ќе ги префрлат од бугарски на македонски таблици, се стари по десетина години. Тоа обично се возила од премиум сегментот, што реално имаат меѓу 250.000 и 300.000 километри. За некоја година, тие возила ќе бараат скапи поправки, односно замена на цели погонски или шасиски склопови. Бидејќи сопствениците нема да имаат интерес да вложат уште толку во своите автомобили, тие возила ќе се прикрпат, и светнати ќе бараат нов купувач, што ќе се надева на најмалку 100.000 километри без проблем. Шансите за тоа се многу слаби.

Воздухот во Македонија е премногу тенок за да дозволи следни дилетантски испади на круговите кои гравитираат како владејачки. Пазарот на автомобили конечно треба да се постави на стабилна подлога и во разумни рамки, за во следните десет или повеќе години, да се следи стратегија што ќе дозволи и обновување на возниот парк и почитување на животната средина.

Како да се реши загадувањето најбрзо? Со најмалку популарната мерка, со бонови. Колку ти е почист автомобилот и колку при детален технички преглед се потврдува дека автомобиот навистина ги исполнува нормите, толку повеќе бонови за гориво. Колку ти е автомобилиот повалкан, толку помалку бонови. Непопуларна мерка, но сосем делотворна.

Ако круговите кои гравитираат како владејачки не знаат како поинаку: Во нормалниот свет е вообичаено, за автомобилите што влегуваат со странски таблици, да се плати вињета со одреден период на важност, на пример, една седмица, еден месец, цела година. Таа вињета е поскапа за автомобили што имаат лоша издувна норма, затоа што државата сака своите граѓани да ги поштеди од возила што им наштетуваат на животната средина и на квалитетот на живот. Доколку некој се обиде да ескивира и да загадува непречено, тогаш ја плаќа вињетата десеткратно. 

>>> Дали автомобилите во Македонија навистина се поскапи од соседството?

Дарко Јаконов

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Avatar

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Škoda OCTAVIA companybest

Škoda ја освои наградата Companybest за 2020 година

Стари батерии од Tesla работат во туристички брод во Шведска

Стари батерии од Tesla работат во туристички брод во Шведска