за ,

Дали автомобилите во Македонија навистина се поскапи од соседството?

Многу претпоставки, убедувања, верувања, а вистината само една. Но, исто така важи дека е многу полесно да се прифатат уверувањата, отколку да се разоткрие вистината.

Mitsubishi Space Star тест

Тоа се клучните барања при купувањето, автомобилот треба да биде издржлив и треба да биде со достапна цена. Тие не се секогаш поврзани едно со друго. Додека за издржливоста може само да се претпоставува, во поглед на цената сé е јасно. Но, дали навистина е така? Разговаравме со менаџерите на водечките автомобилски компании на оваа чувствителна тема. Излегоа, всушност, многу теми.

Автомобилската сцена во глобални рамки ги доживува најголемите и најсуштински промени во историјата, од воведувањето на подвижната лента во производството пред повеќе од сто години, наваму. Сензорски системи самостојно ги водат автомобилите, сопираат и забрзуваат, а софтверот им се обновува буквално преку воздух, без потреба да се посетува сервисна работилница. Се воведуваат и нови начини на користење автомобил, од Car & Ride Sharing, до месечна претплата за автомобил. Претстои и масовно распространување на роботските возила, кои ќе доставуваат пратки самостојно – предностите се докажаа точно во ова време на корона. Големите автомобилски концерни, од производители на автомобили се развиваат во понудувачи на услуги на мобилност. Сето тоа, секако, поттикнато е од електричниот погон, кој напредува подобро и од најоптимистичките предвидувања.

Тоа е реалноста во автомобилскиот свет денес и утре. Оваа слика веќе се реализира во бројни држави. Уште е поголем бројот на држави што ја прифаќаат новата реалност и се приспособуваат, воведуваат нови стратегии, работат за овојпат да не го пропуштат возот. Каде е Македонија во оваа слика? Кај нас уште никој нема сфатено дека доаѓа „возот“.

Македонија има најстар возен парк во Европа, а веројатно и подалеку, има и најзагаден воздух во сите градови без исклучок, и уште никој не се сеќава да ги откаже институциите, плановите и луѓето што самозадоволно го попречуваат остварувањето на уставно загарантираното право за чист воздух со својот дилетантизам. Имаме и масивен увоз на користени автомобили од луксузни сегменти, што предизвика во моментов на пазарот да не постои нормален користен автомобил стар меѓу 5 и 7 години, што ќе се погоди како возило за среќно младо семејство, место автомобили од типот „знаеш ли ти дека колава на ново чинела 80.000 евра“.

Во целиот изминат период од десет години, на македонскиот автомобилски пазар не му беше даден ниту најмал поттик да продолжи со развојот како пред 2010 година

Во таква средина, не толку далеку од девијантна, нашата сцена живее со следното уверување: Автомобилите во Македонија се поскапи отколку во некои земји во поширокото соседство. Тоа е како еден вид фуснота од типот копирај и пушти, што неретко се појавува во коментарите по друштвените мрежи, а според реакциите на истите, претпоставката наидува на поддршка од дел од јавноста.

Во услови кога почнавме да заостануваме далеку зад автомобилскиот свет, овие подривања на сцената нé уназадуваат уште повеќе и најмалку се потребни сега. Не смее да се превиди, дека автомобилизмот, од сите негови аспекти, претставува строго експертска сфера, тоа сигурно не е тема којашто спаѓа во општа култура. Затоа, место да претпоставуваме, ги прашавме нашите експерти: Дали автомобилите во Македонија навистина се поскапи отколку во соседството?

Разговаравме со топ-менаџерите на водечките компании-увозници на автомобили во Македонија. Секако дека одредувањето на цените не е новина во работењето на деловните субјекти што денес е сосем реално да ги цениме како ограноци на големите автомобилски концерни. „Во нашиот бизнис, споредувањето на цените е редовна работна активност. Ние ги споредуваме цените на нашите модели со конкурентските и тие споредби ги доставуваме до нашите принципали“, ја почнува темата Златко Муцунски, директор на Порше Македонија, увозник за марките од концернот Volkswagen и дел од Austrian Porsche Holding Group.

Постојат разлики во нивоата на опременост меѓу ист модел за два различни пазари, што исто така мора да се земе предвид при споредбата, како и да се земе предвид „тежината“ на ставките во коишто се разликуваат возилата

Муцунски детално ја објаснува оваа стратешка рутина: „Предуслов за постигнување квалитетна споредба на цените е споредување на споредливи категории, категории со заеднички именител, т.е. прочистување на евентуалните разлики со помош на т.н. вредности за прочистување. Вредностите за прочистување во основа се дефинирани износи на пари што се додаваат или одземаат на цената на производот од интерес и во зависност од наложената потреба.“

Секој пазар може да има и по правило многу често има разлики во понудата на истиот произведувач. Ваквите разлики, доколку не се земат предвид, можат многу лесно да ја изобличат претставата за нивото на цените на различните пазари.

Златко Муцински, генерален директор на Порше Македонија

Во нашиот случај, кога се споредуваат цените на (номинално) идентичен модел од истиот произведувач на различни пазари, директорот на Порше напоменува дека мора да се спореди и филтрира содржаната сериска и дополнителна опрема, бидејќи секој пазар може да има и по правило многу често има разлики во понудата на истиот произведувач. „Ваквите разлики, доколку не се земат предвид, можат многу лесно да ја изобличат претставата за нивото на цените на различните пазари.“

volkswagen golf 8

Тоа се правилата на пазарот што совршено го познаваат нашите топ-менаџери во браншата, со искуство подолго од две децении. Владимир Билбилов, директор на Киа Моторс Македонија и менаџер што преговара директно со европската централа на Kia Motors во Франкфурт, го потврдува принципот на споредбата: „Многу е тешко да се повлече паралела на вредност на еден модел кој би бил идентичен на различни пазари. Како се поврзуваат работите? Прво се споредува брендот, потоа моделот, па моторот, а влијание врз дефиницијата на вредност има и видот на менувачот. Тука застанува. Сé понатаму е многу релативно. Врз крајната вредност влијаат уште два мнoгу големи и важни фактори. Еден објективен фактор е висината на давачките во одредени земји. Втор фактор, во којшто сум сигурен дека 90% од луѓето не навлегуваат, тоа е анализа на опремата. Тоа е клучен фактор.“

Примитивната тактика, да се објавуваат високи цени, а во салон да се нудат големи попусти, одамна е напуштена практика во браншата

Опремата може да влијае, разликата меѓу моделите што се нудат на два различни пазари, да достигне и до 20% од вредноста на возилото. „Затоа не треба да се носат брзи заклучоци“, посочува Билбилов. Секој пазар не може да има иста цена на автомобилите, исто како што и во поглед на нивото на опременост, две исти конфигурации не постојат. Во тој контекст следи интересна паралела: „Овде не станува збор за ‘најк-патики’, за коишто постојат препорачана цена од производителот, малопродажна цена, цена со попуст, аутлет-цена итн.“

Примитивната тактика да се настапува со повисоки цени, за потоа на клиентите да им се даваат високи попусти, како трговска вештина одамна е надмината, цени Билбилов: „Што се продава на тој начин, попуст?“ Првиот човек на Киа Македонија понатаму укажува на уште еден многу чувствителен момент. „Акциските попусти исто така треба да бидат разумни. Клиент што претходно го купил моделот по одредена цена, ќе негодува ако тој модел подоцна се нуди по пониска цена. Тој клиент не се враќа.“

Kia Stonic

Во контекст на физиономијата на цените се надоврзува и директорот на Тојота Авто Центар, Благоја Димитровски: „Цените на новите автомобили имаат директно влијание од локалната регулатива. Кога се прави споредба на македонскиот пазар со други пазари, треба да се земат во предвид актуелните давачки кои се на сила во земјата со која се прави споредба. Давачките во Македонија се пресметуваат додавајќи на влезната цена: Царински давачки + Компонента оданочување според вредноста на возилото + Специфична компонента според пресметка на просечна емисија на јаглерод диоксид CO2 + Данокот на Додадена Вредност.“ Наспроти тоа, во европските земји, давачките најчесто се состојат од царина и ДДВ.

Увозниците и дилерите преку промотивни кампањи се борат да постигнат атрактивни понуди кои ќе им помогнат да ја зголемат продажбата

Директорот е ефикасен во објаснувањето на формирањето на цените, исто колку што автомобилите на Toyota се ефикасни со горивото: „Малопродажните цени се прават според препорачаната цена на возилото од производителот, кој пак според одредена методологија прави ценовно позиционирање на производот. Увозниците и дилерите преку промотивни кампањи се трудат да постигнат атрактивни понуди кои ќе им помогнат да ја зголемат продажбата.“

Во овие десет години, никој не ни овозможи да продолжиме со развој, затоа што секој бизнис бара развој. Ако не се развиваш, тогаш стагнираш. Но, кај нас нема стагнација, затоа што никој не оди нагоре. Овој проблем ни влијае на сите. Проблемот не е поединечен, туку е глобален.

Владимир Билбилов, генерален директор на Киа Моторс Македонија

Предраг Николовски, директор за маркетинг и односи со јавност во Ми-Да Гранд Моторс, увозник на Ford и Hyundai, го има точниот збор – мит, во контекст на насловот: „Да тоа е еден од повеќето митови, кои за жал сé уште постојат во јавноста. Имено, импортерите во Македонија го имаат последниот збор во цената на новите возила и тие познавајќи го пазарот би понудиле најатрактивна цена. Но, цените на возилата се одредуваат во процес кој започнува од фабриката. Посебно во последните две години сме сведоци како цените на новите возила растат, иако побарувачката во Македонија не е значително зголемена. Ова укажува на моментот дека цените на возилата не зависат од Македонскиот пазар и импортерите туку од принципалот.“

toyota yaris 2021 салон скопје

Маркетиншкиот експерт кој ја воспоставува важната спрега меѓу настапот на Ford и Hyundai на македонскиот пазар и потенцијалниот круг купувачи, ја објаснува причината за растот на цените: „Тоа е неминовниот напредок во технолошките карактеристики, кои овозможуваат безбедно, економично и еколошко возење, како стандард кај секој нов автомобил.“

Трошоците за транспорт од фабриката исто така учествуваат како важна ставка при формирањето на цените на возилата; Некои држави се поблиску до фабриките, аналогно и транспортот чини помалку

Златко Муцунски го заокружува воведот во темата: „Како и да се доживуваат, цените на нашите продукти се транспарентно комуницирани, усогласени и одобрени со и од нашите принципали.“ Директорот на Порше тука посочува на уште неколку клучни фактори што може да доведат до разлики во цените, а меѓу нив е првенствено оддалеченоста на конкретен пазар од фабриката. Тоа повлекува трошоци за транспорт, а тие пак, повлекуваат и повисока основица за даночење.

Како пример, влијанието на факторот транспорт е мошне воочливо на пазарот во САД, каде што обично се комуницира цена MSRP, односно препорачана цена од производител. Својствено за тамошниот пазар е тоа што во рекламите обично се наведува MSRP, но без DPH – дешифрирано, тоа значи дека во рекламираната цена не се вклучени транспортот и испораката, подготовката и преземањето на возилото. Конкретно, износот на DPH во САД се движи од околу 1.000 долари за лимузина, до околу 1.600 долари за голем пикап. Значи, транспортот сепак е големина што честопати се превидува кога се споредува цената на два различни пазари. На нашиот пазар, овие цени сепак се далеку пониски отколку во државата што покрива цел континент.

Ford Puma Ми-Да Гранд Моторс
Ford Puma Ми-Да Гранд Моторс

Тука дознаваме дополнително за недостатоците во регулативата. „Македонскиот пазар се вбројува меѓу пооддалечените пазари од локациите на производство на автомобили во Европа. Географски сме европски пазар, но правно и политички сме пазар вон ЕУ, со слична, но не и иста регулатива за дистрибуција на возилата како кај ЕУ-членките, што во нашиот случај подразбира обврска за увоз на автомобилите. Како пазар имаме систем за оданочување, односно финансиско оптоварување на цената на возилата при увоз. Во основа се работи за пресметување на пропишана увозна давачка и нејзино додавање на царинската вредност на возилото, па по пресметување на останатите трошоци по основ на обврските кон државата, до зголемување на цената за 18% ДДВ.“

Постоењето на повеќе категории на даночење во Македонија исто така може да предизвика, возило што за малку ги надминува границите на категоријата, да подлежи на повисок данок

Следниот фактор што може да доведе до разлика во цената со возилата на околните пазари се категориите на даночна стапка што се применуваат кај нас. „Македонскиот пазар е единствениот од околните не-ЕУ пазари што пресметува прогресивна вредносно зависна давачка при увозот на автомобили. Искомбинирана со поголемите трошоци за транспорт, оваа давачка, покрај сопствениот товар што го додава на цената, многу лесно може де предизвика дополнително поскапување, преку преминување во повисока (уште поскапа) категорија за оданочување и дополнително да ја зголеми крајната цена на возилото за, на пр. дополнителни 2%, само по основ на пробивање на категоријата за оданочување“, посочува директорот Муцунски.

Колку принципалите имаат решавачко влијание врз цените? Одговорот од Порше е кристално јасен: „Принципалите не ги одредуваат и наметнуваат цените по кои возилата се продаваат во мрежата на Порше Македонија. Тие единствено предлагаат максимални малопродажни цени, врз основа на претходно направени и доставени споредби од нашиот пазар. Крајните, т.е. трансакциони цени, по кои возилата се фактурираат на крајниот купувач, ги одредува нашиот слободен пазар, преку законите за понуда и побарувачка.“

Ние како компанија исто така работиме со користени возила, кои ги бираме селективно, притоа фокусирајќи се повеќе на возила од А, Б, Ц сегментот, избегнувајќи ги старите и луксузни возила.

Благоја Димитровски, генерален директор на Тојота Авто Центар

Во сиот овој систем од спреги и поврзаности, клучен и решавачки фактор во автомобилскиот бизнис останува клиентот. Тука го продолжуваме разговорот со Владимир Билбилов: „Кој е најсигурниот клиент? Тој што веќе го вози брендот. Ако фирмата има продадено 1.000 или 10.000 возила, тоа се сигурни клиенти кои треба да се направат лојални. Секако дека тоа е неизводливо, тоа е супертеорија.“ Затоа е важно строго да се почитува одредено ниво на цени, во форма на вешто скроена ценовна политика. Доколку некој увозник по извесен период настапи со висок попуст на одреден модел, тој ги деградира и сите претходно продадени примероци од тој модел, а со тоа ги губи и нивните сопственици како клиенти. Нема „играње“ со цените.

Увозниците во целиот овој период од десет години продолжија да го нудат истиот квалитет на услуга и истиот обем на понуда за клиентите, без разлика што увозот на стари луксузни автомобили предизвика смалување на продажбата на нови возила од подостапните сегменти

Отсуството на постојаност во автомобилската политика и јасна стратегија на развој на возниот парк на ниво на држава е тоа што најмногу ја попречува атмосферата на работа на македонските увозници на автомобили. Индустријата на четири тркала е динамична и бара постојан развој. Тој развој мораат соодветно да го применат и да го следат увозниците. Нивниот развој, пак, се поврзува со следниот круцијален фактор: „Маржите се елемент којшто дозволува бизнисот да се развива и одржува. Ако гледаме од аспект, што се случува на пазарот во овие десет години, сите ние се бориме и работиме да го одржиме бизнисот најквалитетно и на здрави нозе. За жал, во овие десет години, никој не ни овозможи да продолжиме со развој, затоа што секој бизнис бара развој. Ако не се развиваш, тогаш стагнираш. Но, кај нас нема стагнација, затоа што никој не оди нагоре. Овој проблем ни влијае на сите. Проблемот не е поединечен, туку е глобален.“

Mercedes A-Class премиера Македонија 6

Од гледиште на ценовното позиционирање на возилата во рамките на целиот македонски пазар, директорот на Kia смета дека „клиентот не треба да биде незадоволен, дека овде се нуди нешто многу поскапо“. Одамна требаше да биде надминато и верувањето дека импортерите заработуваат многу, па треба да даваат големи попусти, како коментар што исто така се провлекува по друштвените мрежи. За коментарите од овој тип: „Тоа е само негирање на нештата, автоубедување, сериозно непознавање на состојбата на пазарот, и нормално, момент кога може нешто да се каже, со свесност дека тоа ќе го прочитаат многу луѓе“.

Ако извлечеме заклучок од сите овие оцени, коментари, напомени и забелешки од врвните менаџерски тимови во домашната автомобилска бранша, произлегува дека конкурентската трка меѓу производителите во глобални рамки, се пренесува во подеднаков обем и на македонскиот пазар. Увозниците не можат да постапуваат различно од принципот што е веќе „вграден“ во секој автомобил од новите генерации. Тој натпревар се одвива во следните рамки: „Ова е клучот. Секој сака да биде најдобар. Тоа значи, да нуди најдобра гаранција, да има најпривлечен продукт, да има најдобра опрема, да ужива најдобар имиџ, за најдобра цена. Тоа не постои. Секој што ќе исполни најмалку три од овие пет критериуми, тој треба да биде среќен што може да креира таква понуда. Актуелната состојба е многу јасна, не верувам дека некој од конкурентите прави маневри за да продава по многу повисока цена. Нема да продадат. Нема простор за големи осцилации на вредност“, резимира Билбилов на прашањето за цените на новите возила на македонскиот пазар.

Секој нормален пазар што ја поттикнува продажбата на нови автомобили, нема потреба од увоз на стари автомобили во лоша состојба, со нефункционален систем за пречистување на издувните гасови, затоа што пазарот на ново самиот ги „произведува“ користените автомобили со текот на времето

На сцената во последниве години, меѓу бројните девијации беше воспоставено и неприродно разграничување, на увозници, кои продаваат нови автомобили и се дел од мрежата на големите автомобилски концерни, и „нови“ увозници на користени автомобили, најчесто поединци или фирма од „тројца другари“. Оваа чудна категоризација, на ниво на локален феномен, во голем дел учествуваше и во создавањето на заблудата, дека увозниците на нови автомобили продаваат скапо, додека „увозниците“ на користени автомобили продаваат евтино.

Можеби ќе биде изненадување и за институциите кои во минативе години безрезервно ги подржуваа „спасителите“ што ни го донесоа отпадот од бугарските автоплацеви, меѓутоа трговијата со користени автомобили е природен и составен дел од самата продажна на нови автомобили. Како тоа? Сосем е логично за секој познавач на пазарот: Тој што купува нов автомобил во салон, има и стар автомобил за продажба!

Дали сакаш секој месец да му плаќаш на мајсторот или сакаш да плаќаш рата во банка?

Владица Кокаловиќ, директор на маркетинг во Мак Аутостар и директор на продажба на Mitsubishi Motors

Тојота Авто Центар многу очигледно го прикажува тој сегмент од работата. Разговорите на второто прашање ги почнуваме со Благоја Димитровски: Дали со масивниот увоз му се наштети на јадрото на пазарот на користени возила, преку натрупувањето стари луксузни автомобили што се скапи за одржување и поседување, а со тоа и неинтересни за натамошна продажба, место да се увезуваат понови користени автомобили од подостапните класи возила, кои купувачите ќе ги користат без проблеми во секојдневието, во следните пет или повеќе години?

Македонскиот купувач стана повеќе свесен за ризиците и трошоците на кои треба да биде изложен, доколку се одлучи да поседува луксузно или скапо возило набавено како користено

„Луксузните автомобили како користени возила имаат пониски остаточни вредности, кои дел се должат и на скапото одржување на кои се подлежни. Возилата стануваат сложени за сервисирање и одржување и поради таа причина, како користени се нудат за пониски цени. Сметам дека во периодот од последниве 10 години во Македонија, со константен увоз на користени возила, македонскиот купувач стана повеќе свесен за ризиците и трошоците на кои треба да биде изложен, доколку се одлучи да поседува луксузно или скапо возило набавено како користено“, компетентно посочува директорот на Тојота Авто Центар, во чиешто портфолио спаѓа и луксузната марка на Toyota, Lexus.

Suzuki Jimny salon Makedonija

Големите компании разработуваат стратегија, место да делуваат спонтано, и тоа станува јасно како ден во следното: „Ние како компанија исто така работиме со користени возила, кои ги бираме селективно, притоа фокусирајќи се повеќе на возила од А, Б, Ц сегментот, избегнувајќи ги старите и луксузни возила.“ Македонија се соочува со еден од најстарите возни паркови во Европа со просечна старост од околу 18 години. „Доколку сакаме да го обновиме, а мораме бидејќи е најстар, тогаш потребно е од државата јасна политика и регулатива, која ќе овозможи замена на стариот возен парк со понов кој е поефикасен, поеколошки и побезбеден. Тука не мислам само на апликација на давачки туку и директни субвенции при набавка на нови еколошки возила и субвенции при откажување на старото возило со цел замена со ново. Пример како во Романија со РАБЛА системот“, објаснува Димитровски.

Во менаџерскиот тим на Порше Македонија исто така е совршено познато работењето со сите автомобилски класи и сегменти, имајќи предвид дека концернот го покрива целиот дијапазон, од Skoda, преку Seat, и нормално, матичниот VW, преку премиум Audi до спортски и престижен Porsche. Затоа и вешто се постапува според двете компоненти што влијаат при изборот на автомобил, а тоа се емоционалната и рационалната компонента. „И за ова прашање, конечниот одговор го има и го дава пазарот. За нашиот пазар на автомобили е карактеристично што се наоѓа во релативно рана фаза на либерализација, односно има релативно куса историја на слободен автомобилски пазар, во која би се обликувале или дообликувале однесувањето и критериумите на купувачите. И при купување, а уште повеќе при одржување на автомобилите.“

За нашиот пазар е карактеристично тоа што половните возила се оптоваруваат со помали вкупни давачки при увоз, во однос на соодветните нови возила

Тука се објаснува сета еуфорија што важеше околу увозот на луксузни стари автомобили во последниве години: „При изборот на употребуван автомобил, уделот на емоционалната компонента по правило е многу поголем од рационалната. На пазари со покуса историја, овој феномен е дотолку понагласен, и таму рационалната компонента при изборот речиси и ја нема“.

Се трудиме максимално, на секој потенцијален купец да му укажеме за придобивките од финансирањето и морам да кажам дека тоа ни оди добро, посебно кај правните лица. Во моментов имаме активна кампања за финансирање на физички лица со која што се добива можност за мал процент учество, фиксна камата и гратис каско осигурување

Предраг Николовски, директор на маркетинг во Ми-Да Гранд Моторс

За нашиот пазар е карактеристично тоа што половните возила се оптоваруваат со помали вкупни давачки при увоз, во однос на соодветните нови возила. „За анализа се интересни и примената и придржувањето во пракса до важечките регулативи во однос на дозволената емисија на издувни гасови на возилата. Минималната норма што е дозволена за увоз, Еуро 4, не предвидува можност автомобилот што ја исполнува, при возењето непрекинато да испушта било каква видлива содржина од издувниот систем. Но, ќе се согласите, ова е честа појава на нашите улици… Кога сето тоа ќе се земе предвид, во услови на статистичка просечна месечна плата под 500 евра, насоката на размислување на просечниот македонски купувач на автомобили е во најмала рака очекувана“, ценат во Порше Македонија.

Од нашата најолема автомобилска компанија понатаму посочуваат на неопходноста од воведување промени. „Нов автомобил е постојано присутен во разговорите на тема автомобили. ‘Ново си е ново, Најдобар автомобил е новиот автомобил, 15 години стариов автомобил е сочуван како нов… ‘ Наша мисија, како претставници и продавачи на брендовите од групацијата Volkswagen e да ги обезбедиме мобилноста, безбедноста и безгрижноста на нашите клиенти и нивното потполно задоволство. Тоа најдобро можеме да го направиме само со нов автомобил од нашата продажна понуда што е соодветен на индивидуалните барања“, заклучуваат од тимот на Муцунски.

Од денешен аспект, законот за увоз на користени возила негативно влијаеше врз повеќе сегменти од автомобилската индустрија; Користените возила кои беа увезени во почетокот не подлежеа на проверки, процедури или ограничувања

Поврзаноста меѓу прашањето за фамата што сосила се шири околу цените на новите автомобили на македонскиот пазар и прашањето за бесмисленоста и бескорисноста од масовното увезување стари луксузни автомобили, ја потврдува и нашиот соговорник од Ми-Да Гранд Моторс, Предраг Николовски: „Гледано од сегашниот аспект, законот за увоз на користени возила негативно влијаеше во неколку сегменти од автомобилската индустрија. Првично користените возила кои беа увезени не подлежеа на никакви проверки, процедури или ограничувања. Притоа, се увезоа различни видови на автомобили, од кои дел се во добра, но добар дел се во лоша состојба.“

Во компанијата со богата традиција на македонската сцена, вклучувајќи го и пазарот со користени возила, исто така ценат дека негативното влијание е најголемо врз јадрото на користени автомобили, што се одржувани и возени на локалниот пазар, бидејќи увезените ја спуштија цената, без да понудат сервисна историја и сл. „Многу е важно да не се заборави големиот моментот на опасност кој дојде со овие возила, имајќи го предвид нивното слабо ниво на безбедност на патниците, така и за околината. Како претставници на балканскиот бренд за користени автомобили ‘Autoto’ нашата пракса е секој користен автомобил кој го откупуваме или нудиме на продажба, да биде со позната сервисна историја и со него нудиме еден вид на гаранција за следниот сопственик“, посочува Николовски.

Владимир Билбилов нé потсетува на корените на проблемот, кои датираат од пред десет години. Во 2010 година беше донесена времена марка од 6 месеци, со цел педесетте илјади возила со бугарски регистерски таблици низ територијата на државата, да се префрлат на македонски таблици. Директорот на Kia исто се сеќава на генијалната идеја што ја дал некој студент на Машински факултет, во духот на времето „дајте идеја, осмелете се“. Колку и да изгледа тоа неверојатно, сепак е вистина.

Автомобилската бранша што нормално се развиваше до 2010 година, во изминатиов период постојано укажуваше на штетите од несоодветната автомобилска политика; Укажувањата мораше да се послушаат уште навреме

Билбилов во 2013 година, во својот тромесечен мандат како претставник од Сојузот на стопански комори, надоврзувајќи се на континуитетот од претходните постави, иницира трибина на којашто учествуваат претставници од министерствата за економија и за екологија, од Клиниката за пулмологија и од повеќе еколошки здруженија, на којашто се разгледуваат сите аспекти на автомобилската политика. „Уште тогаш увидовме, колку нив не им е јасно што ќе се предизвика со овие мерки, но затоа им е многу јасно зошто го прават тоа“, критичен е Билбилов.

Сите предупредувања, укажувања и аргументации што браншата ѝ ги сервира на „политиката“ со цел да се спречи наштетување на пазарот што само една година пред фамозната 2010 година, достигнува рекордна продажба од 18.000 возила, денес доведоа до следното: „Се одлеа многу голема количина средства. Ние на Германците им ‘купивме’ нови коли. Ние многу брзо го задвиживме тој ланец, тоа што недостасуваше, за тие сега да возат електрични и плагин хибридни автомобили. Им помогнавме многу на тамошните жители, затоа што ние сега ги возиме нивните скапани коли“ – тоа е заклучокот на Билбилов, што во вообичаени услови би довел до соодветно освестување при донесувањето на регулативите.

Во почетокот на либерализацијата на пазарот, покрај тоа што возачите добија стари автомобили спасени од претопување, се наштети и на државата. Голема количина црни пари ја смени бојата, наплатата на данокот изостана и целата постапка се легализираше со 300 денари нотарска заверка. Практично не постои сфера, надвор од сферата на личен интерес на поединци, што не профитираше од тоталното разобличување на автомобилскиот пазар и на целата сцена во минатите десет години. Најмногу изгуби државата.

Во почетокот на масовниот увоз на стари автомобили се фрлаше „анатема“ врз увозниците на нови автомобили; Денес е јасно дека профитот всушност е кај необврзаните „увозници“ на користени автомобили, кои со дрско враќање на километражата и тргување со возила без сервисна историја заработуваат масивно

Настрана фактот што одредени структури на интерес фрлија анатема врз увозниците на нови автомобили, „обвинувајќи“ ги дека заработувале многу. Затоа пак, брзата и нечесна заработка е специјалност на автоплацевите за користени возила, кои оградени во жица за кокошарник и со чуварска куќарка за надгледување на плацот, заработија милиони евра, на име купи најевтино, продади скапо – враќањето на километражата на старите автомобили не е друго, освен измама. Купувачите на автомобилите со подмладена километража, остануваат и по илјада евра покуси.

Во разговорот со директорот на Kia се навраќаме и на проблематиката со ридовите отпад што израснаа и пораснаа во сиве години досега. Четиристотини илјади гуми и четиристотини тони масло, стоилјади акумулатори, ремени, заптивки, сето тоа е отпад од когошто Европа се спаси, а ние си го донесовме тука.

Голем дел од старите автомобили што во почетокот „телефонски“ минуваа технички преглед, уште некако се одржуваат по македонските улици. Едно поглавје од тие времиња, коешто ни го раскажува Билбилов. Своевремено, минимална норма за увоз на стар автомобил беше Еуро 2. Но, за возилото навистина да ја исполнува таа норма, услов е системот за пречистување да биде исправен. Животниот циклус на тој систем е под реалната километража од 300 или 400 илјади километри, што логично значи дека системот е нефункционален и автомобилите се далеку од тоа да ја исполнуваат нормата. Увозниците и еколозите во тоа време бараат при техничкиот преглед реално да се мери дали возилото ја исполнува нормата. Легендарниот коментар на претставник од Ауто Милано: – „А не, ние ги сечеме катализаторите и им вариме цевка.“ – „Значи, вие ги лажете луѓето и возилата немаат катализатор“, реагираат од тогашното Здружение – „А, па не може, како тоа ние да ставаме нов акумулатор. Па, знаете ли колку кошта тоа, не може да се продаде аутото после.“ – возвраќа претставникот од Ауто Милано.

Третото прашање, за заокружување на сите аспекти околу актуелните состојби на македонската автомобилска сцена се однесува на финансирањето. Тоа е уште едно подрачје што претрпе штета од масовниот и наивен увоз на стари луксузни автомобили – штета, надоврзувајќи се на претходните излагања на нашите вредни соговорници, кои укажуваат дека бизнисот што нема услови да напредува, стагнира.

Купувачите се повеќе подготвени да купат стар автомобил од марката што ги „претставува“, отколку за истиот износ да си осигураат нов автомобил од нормалните класи, преку финансирање и месечна отплата

Прашањето: Колку денес во Македонија е застапено финансирањето на автомобили и што може да се преземе во насока на подобрување на тој важен дел од автомобилската сцена? Со плаќање на цената на користено возило, во готовина и одеднаш, јавноста ретко повлекува паралела дека со истата сума практично можат да го платат учеството за финансирање на нов автомобил од достапните класи, како и дваесетина рати на отплата на истиот?

Seat salon

Почнуваме со Порше. „Финансирањето на автомобили е исклучително важен инструмент/ олеснувач во остварувањето на нашата мисија. Правилното разбирање на неговата суштина е клучно за негово успешно пласирање.“ Од тимот на Муцунски вешто посочуваат на едно од основните правила во економијата, а тоа гласи: 1 денар потрошен денес и 1 денар потрошен утре немаат иста вредност. „Повеќе вреди денарот потрошен денес. Веднаш станува јасно дека секогаш кога е можно, за клиентот е повеќе препорачливо финансирање на купувањето автомобил, наспроти готовинското плаќање. Расчленувањето на вкупната набавна цена на автомобилот на помали делови психолошки го амортизира природниот шок и страв од ‘простувањето’ со голем износ на пари и наглото намалување на семејниот или деловниот буџет“, од Порше ја објаснуваат проблематиката.

Пазарите со подолга историја и традиција од нашиот речиси без исклучок бележат продажба на автомобили, пред сé нови, по пат на финансирање. „И нашиот пазар се обидува да фати чекор на ова поле, но има место за дополнителен сериозен развој. Неизвесноста од иднината и стабилноста на приходите што треба да ги опслужуваат месечните рати или закупнини на новиот автомобил е главната пречка за полесно донесување на одлуката новиот автомобил да се купи по пат на финансирање.“

Финансирањето напредува, но останува уште многу работа на таа тема

Порше преку својата мрежа „презема сé за понудите и пакетите за финансирање да ги направи подостапни, попривлечни и поприлагодени на нашите клиенти и што потранспарентно да им ги претстави. Вклучително и суштината на финансирањето автомобили како концепт. Резултатите на пазарот за наши услови се повеќе од добри и зборуваат за себе, но нашите стандарди се многу високи и признаваме дека имаме уште многу работа на ова поле.“

Продолжуваме во Киа. Билбилов посочува на социолошкиот аспект на оваа проблематика. Изборот, пет илјади евра да се вложат во учество на возило на ново, под полна гаранција, преку финансирање или за тој износ да се купи старо возило, честипати е предмет на дискусии во браншата. Меѓутоа, нашите возачи покажаа дека се повеќе подготвени да возат и најстар автомобил од брендот што ги ‘претставува’, место да се осигура со нов или понов автомобил. „Имаме социолошки проблем, тој беше основа да се креира овој концепт на работа, којшто е суперуспешен, затоа што има широк круг луѓе кои што го прифатија тоа“, резимира Билбилов.

BMW serija 4 salon M Kar

Од Тојота ни пристига конкретен податок: „Според анализите со коишто располагаме, во Македонија 30% отпаѓаат на финансирање при набавка на ново возило. Истото од година во година зема сé поголем удел, но е далеку од очекуваниот процент. Одредени клиенти се одлучуваат и за потрошувачки ненаменски кредит по атрактивни услови, кој го користат за набавка на ново возило. Таа група на клиенти ја немаме во нашата анализа. Соработка со банките кои нудат автомобилско финансирање е од исклучителна важност, со цел добивање атрактивни понуди кои купувачот ќе ги препознае.“

Директорот Благоја Димитровски цели на клиентите да им се понуди комплетна услуга: „Во нашата компанија, продажниот советник има важна улога, при презентирање на возилото да понуди и финансиски пакет како и опција Старо за Ново. Кога на клиентот ќе му бидат презентирани сите опции и понуди, полесно е да се реши за набавка на нов автомобил.“

Финансиските куќи треба да ги мотивираат и едуцираат купувачите за придобивките од финансирањето на нов автомобил

„Полека, но сигурно, свесноста за финансирање на автомобили во Македонија се зголемува“, продолжува Предраг Николовски од Ми-Да. „Но, сепак мораме да бидеме свесни дека пазарот и куповната моќ на населението сé уште не нудат идеални услови, за процентот на надворешно финансирани автомобили да биде на нивото како во развиените земји. Тука улога имаат и финансиските куќи кои треба да ги мотивираат и едуцираат купувачите за придобивките од овој модел.“

Mercedes E-Class спортски и наелектризиран во Мак Аутостар

Увозникот на Ford и Hyundai има соработка со сите финансиски институции во државата при што се нудат различни пакети на финансирање при набавка, како и одржување на автомобилите од своите два бренда. „Се трудиме максимално, на секој потенцијален купец да му укажеме за придобивките од финансирањето и морам да кажам дека тоа ни оди добро, посебно кај правните лица. Во моментов имаме активна кампања за финансирање на физички лица со која што се добива можност за мал процент учество, фиксна камата и гратис каско осигурување“, објаснува Николовски.

Почесниот завршен збор му припаѓа на Владица Кокаловиќ, директор на продажба на Mitsubishi Motors во Македонија и директор на маркетинг на Mercedes-Benz во Мак Аутостар. Медиумската работа му е одлично позната на Кокаловиќ од раните денови во неговата кариера, па оттаму и вештината да поентира на нашето завршно прашање: „Дали сакаш секој месец да му плаќаш на мајсторот или сакаш да плаќаш рата во банка?“ Тоа точно ја сублимира целата ситуација што се создаде на македонската автомобилска сцена со ударничкото довлекување стари автомобили што никој друг не ги сакаше.

Фабриката очекува резултати од увозникот, доколку не се реализираат плановите, тогаш се бара нов партнер; Тоа го мотивира увозникот да настапува со висока конкурентност

Кокаловиќ поентира воопштено за целата сцена и на прашањето околу цените. „Фабриката очекува резултати. Доколку во одредена временска рамка, на пример, три месеци, увозникот продаде нула место планираните 30 возила, тогаш добива жолт картон. Понатаму се следи како ќе се одвива продажбата во следните три месеци. Доколку увозникот и тогаш не постигне продажба, тој добива црвен картон. Тогаш се случуваат промени и се бара нов дилер.“ Тука паѓаат во вода сите претпоставки и егзибиционистички обиди на поединци, кои излегуваат со слоганот на заблуди околу наводно повисоките цени на новите автомобили на македонскиот пазар.

Ноторното непознавање на автомобилската бранша во функционерските кругови што ја одредуваат регулативата, веќе е на пат да ја „произведе“ следната небулоза. Од јануари, за новите автомобили ќе се пресметува еколошка компонента според емисијата по новата WLTP-норма, додека за старите автомобили и натаму ќе важи нереалната и напуштена норма NEDC. Таков е планот. Можеби овојпат властите ќе се „огрешат“ и ќе ги послушаат советите од браншата, од експертската бранша. Автомобилите, сепак не се дел од општата култура.

>>> Како Македонија од 186.000 тони дизел почна да троши 535.000 тони дизел годишно

Дарко Јаконов

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Avatar

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Toyota GR Yaris

Toyota GR Yaris со концентрат од коњски сили

Ford Ranger Chassis за сонувачи и преработувачи

Ford за сонувачи и преработувачи