за

Toyota GR Yaris со концентрат од коњски сили

Yaris е најталентираната Toyota во моментов. Хибридот од една страна не троши ниту три литри, рели-болидот од друга страна реди рекорди. Некаде меѓу нив е GR Yaris.

Toyota GR Yaris

Toyota повторно се издвојува. Додека останатите производители ја скусуваат понудата од модели и се откажуваат од сé што не се продава во најмалку стотина илјади примероци, во гамата на Yaris се појавува екстремна изведба, што е далеку над границите на класата. Сепак мора нешто да се работи. Штедливата и чиста техника, Toyota ја има веќе традиционално.

Тоа што сега го прават Јапонците со Yaris, поточно со GR Yaris, потсеќа на времето на Renault 5 Turbo во раните 1980-ти години. Екстремната изведба на Yaris има само малку заеднички црти со стандардниот модел и повеќе е тркачка машина, што е донесена во согласност со законите за возилото да може да се регистрира за сообраќај.

Наспроти бројните самоизвикани спортски изведби, тука нема празни ветувања. За што навистина станува збор, станува јасно кога ќе се има предвид дека при развојот на GR Yaris беа консултирани експертите од Tommi Mäkinen Racing. Тоа е името на тимот што е одговорен за болидот во светското првенство во рели, кој е изработен врз основа на претходниот Yaris, како и за целото учество во шампионатот. За однесувањето на болидот, својот „збор“ го кажаа и професионалните релисти Крис Меке и Јари Мати Латвала, кои учествуваа во тест-возењата. Шефовите на проектот имаа убава идеја, Toyota GR Yaris мораше да се направи способен да изведува дрифтови.

New photo by Automedia MK / Google Photos

Дебелиот волан со кожна опшивка и црвени штепови, плус лого GR на средишниот крак, сигурно не е за украс. Gazoo Racing Yaris е најлутиот автомобил што моментно се сервира во оваа класа. Разликата во изгледот со стандардната изведба на Yaris, што е моќна во ниската потрошувачка и чистата емисија, не се сведува само на браниците, туку и целата појава е монструозна. Ширината на каросеријата е зголемена за 6 сантиметри. Тоа секако не е заради стил, туку е заради драстично проширената трага на оските. Висината на возилото исто се разликува драстично, GR Yaris со 1,46 метар е за 45 mm понизок од стандардниот Yaris.

Гигантски се разликите во техниката. Платформата GA-B од стандардниот Yaris е преработена со тоа што задната оска е преземена од платформата GA-C, врз којашто се базираат Corolla und C-HR. За ефектот на моќниот мотор да биде уште поубедлив, вградени се бројни делови од алуминиум или карбон. Покрив изработен од егзотичниот карбон е својствен само за суперспортските автомобили. Кај GR, тој е стандард.

Моторот е 1,6-литарски трицилиндарец со турбо натполнење, со моќност од 261 КС и вртежен момент од 360 њутнметри над 3.000 вртежи. Во кабината работи и генератор на звук, со задача музиката на моторот да ја направи уште погласна.

Додека лаиците ќе коментираат дека моторот имал само три цилиндри, технички пообразуваните ќе побараат технички детали. Тие имаат на што да се одушевуваат. Турбополначот користи тркалачки лежишта, издувните вентили имаат поголем пречник, во дното на клиповите се прска масло заради нивно ладење, а применети се врвни вештини за брзината на согорувањето да биде побрза од „молскавична“.

Вентилите во вшмукувачките канали се поставени под поголем агол, има и ексцентрични седишта на вентилите со зголемен пречник, исто како што се применува во мотоспортот.

Тркачот за асфалт и за надвор од асфалтот користи мануелен менувач, што дополнително ја подгрева возачката возбуда. Тоа што го разликува GR Yaris е мајсторски дотераното спортско подвозје, заедно со погонот на сите тркала со торсен-спојка. Зависно од избраниот режим на возење и од подлогата, вртежниот момент се распределува варијабилно меѓу двете оски.

New photo by Automedia MK / Google Photos

Спринтот од место до темпо сто на Toyota GR Yaris трае 5,5 секунди, а крајната брзина е ограничена на 230 километри на час. Toyota овојпат по малку „попушти“ во поглед на потрошувачката, различно од тоа што го прави со децении наназад, па фабричката потрошувачка за болидот изнесува 8,3 литри на сто километри.

Во режимот Track што се избира со прекинувачот во средишниот тунел, вртежниот моментсе распределува меѓу двете оски во сооднос 50:50. Тоа е совршено за сува патека. Во спортската програма, 70 проценти одат на задната оска, со што четириметарскиот болид добива карактер на заден погон. Во нормален режим, вртежниот момент се распределува во сооднос 60:40.

Gazoo Racing Yaris е за 38 килограми полесен од претходникот

Успешноста на концептот се потврдува со тоа што и покрај поголемиот мотор, потешката задна оска и преносот до задната оска, Јапонецот е дури полесен од претходникот. Карбонскиот покрив заштедува 3,5 килограми, но заштедата таму „високо“ вреди колку петпати да се одземе тежина во подот. Хаубата, задниот поклопец и вратите се од алуминиум, тоа заштедува уште 24 килограми. Со тоа, тежината во споредба во претходникот е за 38 килограми пониска.

За гумите може да се избере дали Toyota GR Yaris ќе се вози со Dunlop SP Sport со димензија 225/40 R18 или ќе се доплати за перформанс-пакет, што носи придобивки на тркачка патека. Во тој случај, спортистот вози со гуми Michelin Pilot Sport, на исклучително лесни ковани тркала. Во пакетот спаѓа и соодветно дотерување на подвозјето, со приспособени амортизери, покруги пружини и подебели стабилизатори, како и со различно мапирање на електричното сервоуправување.

New photo by Automedia MK / Google Photos
New photo by Automedia MK / Google Photos
New photo by Automedia MK / Google Photos

 

GR YARIS · ТЕХНИЧКИ ПОДАТОЦИ
МОТОР 1.6 Turbo
Код на мотор G16E-GTS
Тип 3 цилиндри
Вентилски механизам DOHC 12-вентили со Dual VVT-i
Напојување со гориво Директно и & индиректно впрскување,
D-4ST под висок притисок (20 Mpa)
Турбонатполнење Единечнo турбо, тркалачки лежишта
Зафатнина (cm3) 1618
Пречник х Од (mm) 87.5 x 89.7
Компресија (:1) 10.5 : 1
Моќност (DIN hp/ kW @ rpm) 261/192 @ 6,500
Вртежен момент (Nm @ rpm) 360 @ 3,000 до 4,600
Ниво на емисија Euro 6d
ПОГОН И ПРЕНОС
Тип на систем 4WD GR Four електронски контролирана спојка со повеќе ламели
– Распределба напред / назад варијабилно, 3 режими од 60/40 до 30/70
– Блокада на диференцијал опција Torsen напред и назад
Тип Мануелен
Преносни односи (:1)
– I 3.538
– II 2.238
– III 1.535
– IV 1.162
– V 1.081
– VI 0.902
– R 3.831
Пренос во диференцијал (:1) 3.941 (I до IV) – 3.350 (V-VI)
ПЕРФОРМАНСИ
Сооднос тежина/моќност (kg/hp) 4.9
Крајна брзина (km/h) 230 (ограничено)
0 – 100 km/h (s) 5.5
ПОТРОШУВАЧКА
WLTP (l/100) 8.2
Резервоар (l) 50
CO2 (g/km)
WLTP (l/100) 186
NEDC 205
ПОДВОЗЈЕ
Водење на предна оска MacPherson со зајакнати долни водилки
– пречник на стабилизатор (mm) Стандард
23.2
Водење на задна оска Две триаголни водилки
– пречник на стабилизатор (mm) 21
Управување Запчеста летва, електрично серво
Преносен однос (:1) 13.6
Вртежи 2.36
Круг на вртење гуми/каросерија (m) 10.6/11.2
Сопирачки
Напред (пречник x дебелина mm) Вентилирани (356 x 28)
4-клипни алу-клешти
Назад (пречник x дебелина mm) Вентилирани (297 x 18)
2-клипни алу-клешти
Гуми 225/40 ZR18 92Y
– Стандардно Dunlop SP Sport MAXX050
– Патека Michelin Pilot Sport 4S
ДИМЕНЗИИ (mm)
Должина 3995
Ширина 1805
Висина 1455
Меѓуоскино растојание 2560
Ширина на трага напред 1536
Ширина на трага назад 1572
Растојание од подлога 124
Cd 0.352
БАГАЖНИК (dm3)
Со исправени седишта (VDA) 174
ВНАТРЕШНИ ДИМЕНЗИИ (mm)
Должина 1880
Ширина 1430
Висина 1175
ТЕЖИНА (kg)
Празно возило min/max 1,280/1,310
Дозволена вкупна тежина 1645

>>> Yaris GR доаѓа од фабриката на Lexus LFA

Дарко Јаконов

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Avatar

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

maybach mercedes s-class

Само за лакирањето на Maybach е потребна една недела

Mitsubishi Space Star тест

Дали автомобилите во Македонија навистина се поскапи од соседството?