Македонија е автомобилскиот Апсурдистан. За да купите евтин автомобил, треба да излезете од автоплац со луксузен автомобил од пет метри, што бил произведен рано во почетокот на милениумов, а тоа сепак се две и пол децении, и што реално има поминато милион километри, или веројатно уште малку над тоа. И уште никој не крева паника околу ова безумие. Едно од многуте такви, патем.
Кога ќе се подновите со тој дваесетгодишен луксузен и престижен автомобил, што во Германија, рано во 2000-те, го возел некој директор или лекар, архитектка или бизнисвуменка, потоа некој донер-кебапчија, за пет круга подоцна да заврши кај положувач на гипс, што дошол дома на одмор во бугарија и на кој конечно му станало прескапо да поседува таков автомобил, „животот“ допрво почнува.
Огласите се преполни со такви луксузни и престижни автомобили, што се продаваат за 2.000 евра, или ако продавачот е поубедлив, за 2.500 евра. Истите тие автомобили што претходно ќе ги видите како се редат први да чекаат на семафор, среде пешачки, автомобили што не запираат да пропуштат пешаци кога сите се запрени, автомобили што се оставени среде улица, пред семкарница или слаткарница, се автомобили што всушност се купени евтино, но се користат за глумење „скапо“. Такви се автомобилите, не е до возачите.
И, што е тука проблемот? Тие глумечки автомобили, во првата година до две, ќе минат со 2.000 до 2.500 евра за поправки. Колку што чини возилото, толку чини и поправката. И, кога ќе дојде третата година, со голема среќа, по десет посети на сервисни работилници со сомнителна стручност, некој честит мајстор ќе ви каже дека поправката понатаму чини 3.000 евра. Кога ќе се соберат 2.500 евра за купување, 2.500 евра за поправки, плус 1.000 евра за одржување, вклучувајќи скапо масло, скапи сопирачки облоги, плус 1.000 евра за нормални гуми, плус 3.000 евра за големата поправка, излегува сума од 10.000 евра.
Евтиниот автомобил за глумење лускуз, што навидум чини 2.000 евра, всушност чини 10.000 евра
Кога насамарениот сопственик на таков автомобил еднаш ќе се изгори, следниот избор сигурно ќе биде поразумен. Ако уште останале пари за автомобил, следно ќе се бара малечок и достапен автомобил, каков што отсекогаш се возел во Македонија. Но, таков автомобил никој не сака да продаде. Си ги чуваат луѓето, оти се повредни од цената што ја изгубиле, поради луксузните автомобили од бугарските плацеви. Апсурдистанот е тој!
Колку милијарди имаме изгубено Македонците во овие две децении, надевајќи се дека ќе возиме големи, силни и претставителни автомобили, со парите што реално ги имаме само за користен градски автомобил, и колку гадости и отрови се имаме изнадишано од отстранетите ДПФ-филтри од старите дизели од увоз, државната статистика сигурно нема да ни пресмета и објави. Единствено може да помогне целосно ресетирање и почнување со автомобилите од нула.
Како и за сé друго, така и за автомобилите, еден ден ќе се свестат на „Илинденска“ и на „11-ти Октомври“, и ќе се прашаат, дали можеше да биде поинаку?
Секако дека можеше. Во 2020 година, сé требаше да се смени и да биде поинаку. Многу нешта се случуваа, меѓутоа не беа препознаени како шанса да се поправи грешката од 2010 година, кога се дозволи секаков автомобил да се донесе во државата. И медиумите, оние со најдобрите евтини тв-новели во светот, имаат вина за пропуштеното. Тогаш новите власти, најмногу. Но, по ред.
Во средината на 2010-те, во Аутомедиа почнуваат да се појавуваат наслови, „Скопје е повеќе загадено од Париз, Мадрид и Берлин заедно“, „Франција дава по 10.000 евра за замена на дизел со електричен автомобил“, „Во потрага по мистериозниот загадувач на македонскиот воздух“, „Четири светски метрополи ќе ги забранат дизелите до 2025“, „Топ 10 Најголеми заблуди околу аерозагаденоста во Македонија“.
Во овие и бројни други објави, укажувавме дека главниот причинител за загаденоста, не само во Скопје, туку во секој македонски град, е токму масовното преоѓање на стари дизели со директно впрскување, како резултат од нерегулираниот увоз на користени автомобили, во поглед на заштитата од загадување.
Верувањето дека загадувањето зиме доаѓало од загревањето на домовите со дрва, или од палењето кабли по депонии, исто е како човек да отиде на лекар, и овој „од врата“ да му препише терапија, без да го прегледа, чисто од око
Колку влијаат депониите врз срамотната загаденост со ПМ-честички, коишто патем шират уште поопасни отрови, настрана од ПМ 2,5 и ПМ10 или од исто така опасните азотни оксиди, за коишто Македонија одвај дека е свесна, се гледа токму во палечките напади што се случуваат деновиве. Во сиот ужас, не стигнавме да се сетиме дека станиците не пријавуваат ПМ. Исто не пријавуваа и кога летоска масовно се палеа шуми. Толку за врската на депониите и горењето два со загадувањето.
Кон завршетокот на 2010-те години, во Канцеларијата на УНДП во Скопје, работи една прекрасна госпоѓа, чиешто име нема да го спомнувам, но сите ќе се сетат. До редакцијата на Аутомедиа доаѓа писмо, во коешто сум поканет да присуствувам на трибина посветена на темите за заштитата на животната средина во Македонија. На трибината, човек речиси да не поверува, што сé се одвива надвор од интересот на медиумите – а со тоа и спречено е да допре до народот.
Топ 10 Најголеми заблуди околу аерозагаденоста во Македонија
На таа моја прва, од бројните трибини што следат, се зборува за животната средина, но и се работи на проекти. Тоа се издржани проекти, од стручни и повикани лица. Готови проекти, што само чекаат „некој“ да ги реализира. Тој некој, секогаш е државата. Европа и светот плаќаат наши стручни и предани лица, за локално да се движи науката во насока на заштита на животната средина. Реализацијата од државата? Веројатно нула, и тоа негативна.
Нештата се движат. Во меѓувреме, повеќе години пред тоа, активно е едно македонско здружение што се води под Електромобилност. Се организираат настани, посетени и поздравени, со бројни увозници на автомобили, коишто редовно учествуваат на настаните. Колона возила со висока еколошка прифатливост прави кругови низ Скопје. Тојота изложува возила, секако хибриди, Мак Аутостар уште рано се активни и го донесуваат Мицубиши Аутлендер во изведба со приклучен хибриден погон. Мицубиши со чудната ознака „ај-мјау“, односно и-МиЕВ, уште долги години пред тоа е пуштен како тест возило. Тоа е прво електрично возило регистрирано во Македонија.
Сцената се гради, се гради фронтот, што требаше да нé заштити од сегашниот автомобилски Апсурдистан
Темата за заштитата на животната средина и свеста околу штетноста од нерегулираниот увоз на стари автомобили е актуелна, тогаш не е „смешно“ да се зборува на тие теми.
Во таа средина, со трибини и активности што во голем обем се насочувани од госпоѓата од УНДП со историска улога, и во средина во којашто се активни „Електромобилност“, темата созрева и за МАНУ. Научници расправаат за иднината на автомобизмот во Македонија!
Дотогаш не постоела таква сериозност во пристапот, таква елоквентност и компетентност, на тема автомобили и животна средина. Кој може да биде повеќе повикан од МАНУ да го планира возниот парк во Македонија!
Изработена е програма, најдетална што е можно, со план за следните децении. Гордост е човек да почувствува дека нешто во државата уште функционира. Да се зборува за автомобили во Македонија, со истата стручност, како што претходно имам читано и сведочено, како тоа го прави Европа и светот, низ мојата триесетгодишна работа, тоа се историски моменти. Но!
Таа програма на МАНУ понатаму служи како основа за донесување на новиот Закон за возила. Тогаш се воведува еколошката компонента. Првпат во Македонија се прави разлика меѓу еколошки автомобили и меѓу автомобили што не сакаме да бидат околу нас, но и не сакаме да го прифатиме тоа. Датумот е 1-ви јануари 2020 година.
Но, додека се случи тој несреќен 1-ви јануари, многу ликови што не се повикани и немаат никаква надлежност над автомобилите и влијанието врз животната средина, во меѓувреме вршат измени во програмата што е разработена и потпишана од МАНУ, за тие да си ги донесат законите како што ним им одговара.
Шарените со својот дилентантизам, во 2020 го уништија движењето што имаше добиено залет во претходните пет години
Во меѓувреме се менуваат политиките. Шарените! Што можеше да се очекува друго од Заеб и сличните. Додека претходно сé беше препуштено да се одвива по нормален тек, во моментот кога требаше да се донесе новиот закон за возила, сé беше уништено.
Меѓу жртвите од дилентатите, се најдоа и хибридните возила. Подолго од една деценија, хибридите беа ослободени од акциза. Народот купуваше хибридни возила. Илјадници се продадоа. Меѓутоа, во заебистичката политика, некој увиде дека во Македонија се продаваат хибридни автомобили, па нормално за тој ум, реши да им стави данок, односно и за нив да се плаќа акциза. И тој некој има име, што се поврзува со тогашна групер-министерка за економија.
Шарените не знаеја што да прават со програмата којашто созреваше најмалку половина деценија. Гледа теле во шарена врата. Ја уништија програмата со нивните зафати, и со тоа го уништија сиот залет, целото движење, што до денес ќе нé донесеше да бидеме поблиску до чистата Европа.
Место да ја поздрави мерката како спас од загадувањето, една тв-куќа ширеше паника дека сега народот ќе се казнувал со 500 евра
Најголемото разочарување се медумите, оние што допираат до најширока публика, или барем тогаш допираа. Кога тогашниот министер за животна средина, кој дури и веруваше во програмата и навистина се заложи, го најави новото автомобилско поглавје на Македонија, еден тв-канал (со најдобрите „евтини“ серии во светот, така се рекламираа), место на народот да му соопшти дека со новите мерки ќе се заштитиме од убиственото загадување, тие со сета своја некомпетентност и неодговорност протолкуваа дека „сега државата ќе нé казнува со 500 евра за нашите евтини автомобили“. Веднаш видовме што значи евтино.
Денес повеќе никој не верува дека со нерегулираниот увоз на користени автомобили се овозможува македонскиот народ да дојде до подостапни автомобили. Пазарот на автомобили во една држава, е толку силен, колку што е силен пазарот на користени автомобили. Купувач на нов автомобил е спречен во намерата, ако својот сегашен автомобил не може да го продаде по реална вредност како користено возило – затоа што некој за истите пари нуди бемве или мерцедес „од увоз“, вистина со милион километри и рок на траење уште две години, но многумина забораваат на второво.
И пред бемвињата и аудињата од бугарските плацеви, македонскиот народ имаше на располагање користени автомобили. Тоа не беа големи и тешки лимузини пред испуштање душа, за 2.000 евра, туку беа нормални градски автомобили, во најдобар случај компакти, што вистина чинеа двојно повеќе, но пак беа поевтини. Погледнете колку од тие малечки и достапни за одржување автомобили, уште возат по македонските улици, исправни и со уште многу километри пред нив. Апсурдистан!
Ве поздравува вашиот автор на Аутомедиа,
Дарко Јаконов
















