
По викендот којшто мина во национално прославување на слободата на мобилноста и со безгрижно трошење тони дизели и бензини, што од утре стануваат многу повредни, во ова понеделничко попладне веќе следува болното трезнење. Панично се создаваат колони за полнење гориво, што блокираат улици на сите страни, оти нели е вонредна состојба.
Со денови се најавуваше дека ќе се случи поскапување на горивата, коешто е сосем јасно дека ќе биде само почетокот. Денес, разни порталчиња и бот-гласила што чекаат банери за следни избори, јавуваат за шокови, турканици, можеби по пат ќе се слика и некое кошкање во тие редици. Но, што кога ќе се наполни тој еден резервоар со „евтино“ гориво? Ќе се извозат 500 километри и ќе се заштедат 500 денари, од илјадниците денари што ќе се преплатат понатаму за скапото гориво?
По нафтената криза во 1970-те години, многу нешта се сменија во светот, и останаа. Дали ова е почеток на следната нафтена криза, или можеби е уште повеќе? Аналитичарите ќе кажат. Но, тоа што во историјата се нема покажано во поочигледна форма досега: Војни се водат поради нафтата. Државни политики се само инструмент што му помага на бизнисот со нафта. Се активираат моќни војски, за да се влијае врз бизнисот со нафта.
„САД се многу среќни, затоа што кога и да тргнат да ги бранат човечките права, наоѓаат нафта“
Толку е едноставно и толку е јасно деновиве. Едно вирално видео на италијански јазик што кружи на друштвените мрежи деновиве, објаснува зачудувачки просто: „САД се многу среќни, затоа што кога и да тргнат да ги бранат човечките права, наоѓаат нафта“.
Толку е едноставно. Македонија навистина имаше шанса уште рано да фати чекор и досега да напредува далеку во електромобилноста. Тоа се возилата што во коментари обично ги нарекуваат дека биле микробранови печки или правосмукалки, односно генерално се предмет за исмевање. Не е вината кај тие што се затрчале да ги оцрнат електричните автомобили, затоа што некој пред нив ги навел на тоа.
На кого му пречат електричните автомобили? На производителите на нафта, на политиките што го штитат бизнисот со нафта, па и на самите производители на автомобили и какви било возила со погон на фосилни горива, што сакаат да продолжат да заработуваат со постоечката технологија и воопшто да не мораат да вложуваат во новата погонска технологија и во светот на електромобилноста.
Македонија ниту произведува возила, ниту црпи нафта, и може сама да произведува енергија од сонце, ветер, вода
И, точно тоа беше најголемата шанса за земјава, што овие политичарчиња немаат капацитет да ја разберат. Земјава, чиешто име многумина прескокнуваат да го спомнуваат од патриотски пориви, ниту произведува автомобили што користат фосилни горива, односно бензин, дизел, и секако автогас, ниту какви било автомобили, а уште помалку црпи нафта или учествува во светскиот бизнис со нафта. Апсолутен аутсајдер, што имаше одлични шанси токму како таков.
Уште пред една деценија, во земјава беа поставени повеќе десетици полначи. ЕВН, како компанија од „светот“, ја послужи електромобилноста на тацна, и беше сосем јасно дека оттаму се подготвени да продолжат да вложуваат. Макпетрол, како уште еден клучен чинител во веригата на електромобилноста – и покрај тоа што лаиците останаа збунети, како може еден домашен гигант во снабдувањето со горива да се реши за таков чекор – исто така рано увиде можност да се вклучи, имајќи ги најдобрите локации на своите станици, каде што луѓето ќе си ги оставаа автомобилите да си наполнат батерија, плаќајќи соодветно за услугата.
Соларни паркови низ цела држава, со електричен автомобил до Мариово и цел круг од 800 километри чисто со погон на струја, сето тоа во локални услови
Во 2021 година, со Фолксваген ИД.3, редакцијата на Аутомедиа ја посети фотоволтаичката централа во Војшанци, неготинско, со тогаш инсталирана моќност од 1,5 мегават. „За споредба, ‘Матка’ располага со моќност од 9,6 мегавати. Шест вакви ‘паркови’ од сончеви панели имаат капацитет колку скопската хидроелектрана. Во текот на една година, соларниот парк во неготинско може да произведе 2,1 гигаватчасови електрична енергија,“ пишува во објавата од пред пет години.
Една година пред тоа, со електрично Мини ја минавме цела земја, докажувајќи колку е реална електромобилноста во наши услови. Во пролетта 2021, со електрично Пежо 208 се упативме во Мариово, до Градешница, далеку од секаков полнач и од секаков „штекер“, повторно докажувајќи колку е предвидлив досегот кога се патува со електричен автомобил.
Во меѓувреме, Порше Македонија постави турбо-електрични полначи, нареди и соларни панели по покривите, на коишто на најодржлив начин се произведува елеткрична енергија за снабдување на објектите.
Но, и покрај овие поттикнувања од сите страни, ниту еднаш досега не се јави страната што е најодговорна и што е должна, да работи на стратегија, што ќе ги поштеди граѓаните од „ненадејното“ поскапување на нафтата. А, тоа се оние ликови што се зафатиле да ја водат земјата. Сите гарнитури што се смениле досега, меѓуи бројните витални подрачја, ја прокоцкале и електромобилноста.
3000 километри со електрична Toyota bZ4X низ Македонија: Големата тура
Како држава што имаше можност да постигне степен на електрификација на возниот парк споредлив со светските шампиони во тој поглед, токму како Норвешка, и сега, Данска, земјава место тоа се одлучи да го собира отпадот од земјите коишто досега напредуваа далеку со електричните автомобили.
Дури Германија, еден од најголемите производители на автомобили во светот, денес има регистрирано преку 2 милиони патнички автомобили со чисто електричен погон, а на тоа следат уште 100.000 лесни и тешки товарни возила со чисто електричен погон.
Две децении во земјава масовно се увезуваат стари големи автомобили, за покажување на улица, што потоа завршуваат во отпад, а во меѓувреме шират загадување насекаде
Во земјава, одвај дека во изминативе две децении се случуваше нешто повеќе од фанатично прибирање на автомобилите со висока емисија на штетни материи, од автоплацевите со користени возила низ Европа, коишто се оставени за некој да ги најде евтино и да ги донесе токму во вакви заостанати средини, каде што политичарчињата уште немаат слушнато за животна средина, и евтиниот увоз си го наоѓаат како одлична можност за народот да го подлажат дека живее добро, со тоа што ќе ги остави луѓето да возат големи и силни автомобили, што некогаш пред дваесет години им припаѓале на директори и високостручен кадар по Западот.
Место да го субвенционира електричниот погон и да овозможи достапна категорија на електрични возила, да понуди привилегии, од ослободување од патарина, до резервирани места за паркирање, да вложува во поставување полначи, да им помогне на возачките и возачите да си постават сопствен полнач во кругот на домот, зградата, блокот, населбата, и уште поважно, место да вложува во производство на одржлива енергија, земјава само го промовираше масовното и френетично возење стари автомобили што единствено служат за глумење божем аристокрација по правливи и калливи улички.
Од секој купен литар гориво, половина од парите собира државата. Секако, најголемиот дел од тоа е акциза, а неа мора да ја има, за производ што се увезува масовно и се одлеваат милијарди од земјата.
Зарем уште не е станато јасно, зошто земјава молчи сиве години, за вистинскиот извор на загадувањето на воздухот, покрај фактот што трипати е зголемена потрошувачката на нафта, и уште пострашно, покрај фактот што стотици илјади увезени стари дизел автомобили во земјава, се пуштаат по улица без функционален филтер за честички чад, а тоа се ПМ.
„Народните лидери“ си собираат акцизи молчешкум, додека народот се вози. По можност, со бугарски регистерски ознаки, затоа што на тој начин се избегнува плаќање акциза за стари увезени луксузни возила со висока емисија на штетни материи, што и фактички постои во земјава, но веројатно и самите „лидери“ не се свесни за тоа.
Еден резервоар ќе се наполни. Но, што ќе биде утре со лебот?















