Шкода Елрок, електрична и со цена споредлива со бензинец

Предниот дел на Елрок има впечатлива црна маска по цела ширина на возилото. Тоа е прв модел на Шкода каде што на местото на логото на хаубата сега е испишано името на марката.

Шкода ги постави цените на електричниот СУВ од компактната класа Елрок на слично ниво со ривалите со обичен погон, на повеќе пазари низ Европа, кажа извршниот директор на марката, Клаус Целмер.

Елрок ќе биде еден од најдостапните модели во сегментот на компактни СУВ што бележи брз раст, изјави Целмер за време на премиерата на моделот на 1-ви октомври.

Елрок ќе почнува од 33.000 евра на главните европски пазари за електрични возила, без вклучени субвенции. Првите возила ќе бидат испорачани во првото тромесечје од 2025 година.

Ниската цена ќе овозможи Шкода да ги освои купувачите што се откажаа од електричните возила поради високите продажни цени, откако неколку големи пазари ги укинаа субвенциите. Таа воедно ќе помогне и Шкода да им се спротивстави на кинеските производители, што масовно доаѓаат на европскиот пазар со своите електрични автомобили.

Елрок ќе биде достапен со три различни големини на батерија и со три различни погонски изведби. Досегот во најдобар случај изнесува 560 километри.

Најдостапна изведба е Елрок 50 со батерија од 55 кВч и досег до 370 километри. Моделот со батерија од 63 кВч постигнува досег од 402 километри, додека врвниот модел Елрок 85, со батерија од 82 кВч може да мине до 579 километри со едно полнење.

Уште едно својство на Елрок што може да ги убеди купувачите е можноста за брзо полнење, како предност пред соперниците. Доколку се приклучи на брз полнач од 175 киловати, батеријата ќе достигне наполнетост од 80 проценти за 28 минути. Од конкурентите, Рено Сеник Е-Тек може да полни со максимално 150 кВ, додека Ц10 СУВ, модел на Липмотор, кинеската марка во концернот Стелантис, полни со само 84 кВ.

Елрок е долг 4.488 милиметри, широк 1.884 милиметри и висок 1.625 милиметри, што со големината го поставува под електричниот СУВ од средна класа Ениак, како електрична алтернатива за Карок.

Главна конкуренција за Елрок во сегментот на компактни СУВ со електричен погон се Рено Сеник Е-Тек, Пежо Е-3008, Опел Грандленд Електрик.

Елрок е прв модел на Шкода што го прикажува новиот дизајнерски јазик нарачен Модерно Солидно. Досегашната маска се заменува со нова верзија со намалена висина, наречена Тек Дек, како црна плоча со висок сјај што ги соединува тенките дневни светла.

Главните светла се поставени подолу, со функција за соборено и долго светло. Попрестижните модели располагаат со матрични диодни светла, што се приспособуваат според условите и применуваат пет различни стратегии на работа, вклучувајќи возење во град и по спореден пат.

Елрок располага со средишен дисплеј од 13 инчи, за којшто Шкода вели дека има јасна структура на ракување, подобрена навигација и контроли за клима уредот што се користат полесно.

Шкода напоменува дека Елрок е „исклучително аеродинамичен“ со коефициент на отпор 0,26 Цд. За аеродинамичноста меѓу другото се грижи и активна ролетна напред, што се отвора само кога е потребно ладење на батеријата.

Елрок е конструиран врз платформата МЕВ на концернот Фолксваген, истата што ја користат Фолксваген ИД.4 и Ауди Ку4 Е-трон.

На брз полнач, батеријата на Елрок може да се наполни до 80 проценти за 28 минути.

Моќноста се движи од 170 КС за моделот Елрок 50, до 204 КС за моделот Елрок 60 и 286 КС за моделот 85 со најголемата батерија. Шкода првично ги најави моделите со еден електромотор што е вграден на задната оска.

Во средината на кокпитот се наоѓа дисплеј од 13 инчи, додека возачот добива дополнителни информации на дисплеј од 5,3 инчи зад воланот. Шкода напоменува дека инфо-забавниот систем нуди појасна структура на менито, подобрена навигација и команди за клима уредот што се полесни за користење.

Електричниот СУВ може да се нарача со проекциски дисплеј со унапредена реалност, што насоките за возење ги прикажува како да се на самиот пат.

Достапна е цела низа системи за асистенција, коишто се собрани во пакет Травел Асист, со систем за следење лента, приспособлив темпомат и помош при возење во метеж. Интелигентниот темпомат автоматски ја применува брзината што ќе се отчита на сообраќајните знаци.

Шкода вели дека надворешноста на Елрок се одликува со чисти линии.

Со доплата за далечинско паркитање, возачот може да го паркира возилото од далечина до 4 метри, со користење на мобилна апликација.

Елрок нуди багажник од 470 литри, односно 1.580 литри со соборена клупа. Дополнителни 48 литри простор се достапни во целото возило, вклучувајќи ги двете прегради од обете страни на багажникот.

Меѓу опциите е соевиден џеб за чување на кабелот за полнење и приспособлива полица врз багажникот.

Елрок е прв од 4-те нови батериски електрични автомобили што Шкода ги планира за следните неколку години.

Шкода во моментов нуди само еден електричен модел, Ениак, заедно со неговата купе изведба, но марката брзо ја проширува својата понуда, пред ЕУ да ги стави на сила новите и построги норми за емисија на ЦО2, а од 2035 година да воведе и целосно запирање на продажбата на нови возила со мотор со внатрешно согорување.

По Елрок следи малечок СУВ-модел Епик, долг 4,1 метри, којшто е најавен за 2025 година, и ќе почнува од 25.000 евра. Третиот модел е електричен комби од средна класа, за 2026 година, како алтернатива на Октавија Комби, најпродаван комби во Европа и за Суперб. Последен модел е сериската верзија на Вижн 7С, СУВ со седум седишта и должина од 4,9 метри.

Видеото од тестот на Шкода Ениак Купе

Претходна објаваРено откри детали од електричната 4-ка пред дебито во Париз
Следна објаваПорше уште еднаш го дотера автомобилскот часовник со домашната премиера на електричниот Макан

ОСТАВИ КОМЕНТАР

Please enter your comment!
Please enter your name here