за

Малечкиот електричен СУВ на Шкода се вика Епик, ценовникот ќе почнува од 25.000 евра

Епик е еден од четирите ЕВ со достапна цена, што ги планира концернот Фолксваген во борбата против евтините електрични автомобили од кинеските марки и од европските соперници.

Епик има исправена става на СУВ и хауба со впечатливи контури. Во маската се вградени електронски уреди, како радар за растојание и камера.

Основниот батериски електричен автомобил на Шкода е именуван Епик и ќе почне со продажба в година, најавија од чешката марка.

Епик е еден од четирите елеткрични модели со достапна цена, што Фолксваген, Шкода и Купра, марки на концернот од Волфсбург, ги планираат како одговор на евтините ЕВ што пристигаат на европскиот пазар од кинеските марки, како БИД и МГ Мотор, но и од европските соперници, главно Ситроен и Фиат.

Малечкиот СУВ ќе се произведува во фабриката на концернот Фолксваген во Памплона, Шпанија. Како основа за возилото служи скусена платформа МЕБ, што концернот ја користи за своите електрични модели од компакт и од средната класа.

Цените ќе стартуваат од 25.000 евра, кажа извршниот директор Клаус Фолмер за време на годишната медиумска конференција на марката во петокот.

Во предниот дел на Епик се наоѓаат осум вертикални отвори во долниот дел од браникот.

Шкода го цени новиот модел како достапен семеен ЕВ со повеќе простор во кабината отколку што може да се цени по должината на возилото од 4,1 метри. Багажникот и сите прегради во кабината сочинуваат простор за одлагање со вкупна зафатнина од 490 литри, објаснуваат од Шкода.

Досегот ќе изнесува 400 километри.

Епик е дизајниран со новиот „современ солиден“ изглед на Шкода, што чешката марка го прикажа првпат со концептот на СУВ-модел од средна класа Вижн 7С.

Предниот дел од возилото се одликува со „Тек-Дек фејс“, со редица од осум вертикални отвори во долниот дел од браникот. Овој изглед се повторува и во задниот дел. Во двата крајни отвори се вградени портокалови прстени, а бојата се повторува и на кровните шини и на тркалата.

 

Внатре се наоѓа отворена преграда во средишната конзола што е издадена во просторот и во неа се наоѓа безжичен полнач за телефон. Од широкиот гребен долж кокпитот, што е обложен со платно, излегува широк дисплеј на допир. Слично како кај престижниот Ениак, пред возачот се наоѓа мал дисплеј.

Во Епик веројатно ќе се користи истиот дисплеј од 12,9 инчи што Фолксваген го прикажа лани во концептниот модел ИД2ол.

Фолмер вети „епско дигитално искуство“ за корисниците. Меѓу иновациите се вбројува дигитален клуч што е поврзан со апликацијата во мобилниот телефон, како и двонасочно полнење. Последново ќе им овозможи на корисниците да ја вратат енергијата од батеријата на возилото назад во дистрибутивната мрежа, во време кога истата е најоптоварена, за на тој начин да се смали трошокот за струја.

Епик ќе се натпреварува против докажани СУВ-модели од градската класа, меѓу кои се главни Опел Мока-е и Пежо Е-2008, но и идниот Рено 4 и новата Фиат Панда.

Автомобилот е осмислен како дел од големиот проект на ниво на концернот Фолксваген, за лансирање на четири ЕВ-модели со сродна техника, за да се постигне скалест ефект, односно пониска цена.

Сите четири модели ќе се произведуваат во Шпанија, со таа разлика што Шкода Епик и Фолксваген ИД.2 се планирани за производство во фабриката во Памплона, додека комбилимузинскиот ИД.2 и спортската Купра Равал ќе се произведуваат во фабриката на Сеат во Марторел, Барцелона.

Батериите за сите модели веројатно ќе се испорачуваат од новата фабрика за батерии на Фолксваген во Валенсија, Шпанија.

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Италијански град се вози во 38 електрични Ситроен Ами

Електричниот Мерцедес Вижн мина над 1.000 километри низ Арaбиската пустина