Електричниот Мерцедес Вижн мина над 1.000 километри низ Арaбиската пустина

Сé друго е изгустирано, една од главните занимации на инженерите на Мерцедес во моментов е да се постигне најниска можна потрошувачка на енергија кај електричен погон. Наспроти 20-на киловатчасови на сто километри, колку што троши електричен СУВ од средна класа, електричната техно-носителка Вижн И-Кју-Екс-Екс минува сто километри со само 7,4 кВч.

Арапската пустина им е меѓу омилените одредишта на автомобилските инженери. Ако некоја техника се докаже таму, ќе се докаже секаде. И народот ќе верува повеќе во способностите на некоја нова технологија. Така и со електричниот погон, и со Мерцедес-Бенц.

Подвижната лабораторија Мерцедес Вижн И-Кју-Екс-Екс третпат возеше тура од преку 1.000 километри без да се дополнува батеријата. На тура што содржеше и возење во густ градски сообраќај и возење низ пустина, електро-Вижн потроши 7,4 кВч/100 км. Тоа соодветствува на автомобил што троши 0,9 литар бензин на сто километри. При температура до 34 степени Целзиусови, Вижн И-Кју-Екс-Екс потроши помалку од кога било досега.

Маркус Шефер, прв технолог во Мерцедес-Бенц Груп АГ, упатува дека експерименталното возило „ќе даде нови вредн податоци за тековниот развој на напредни технологии за ефикасност на електричниот погон.“ Швабите сакаат меѓу другото да ги убедат шеиците, дека електричниот погон одговара и за кај нив.

Поаѓалиште беше центарот на марката во Риад, Саудиска Арабија. За одредиште беше избран центарот во Дубаи, ОАЕ. Патот долг 1.010 километри беше извозен за 14 часови и 42 минути. Во Дубаи, во батеријата имаше енергија за уште 309 километри.

Ова е третпат, електро-шампионот на Мерцедес да вози над 1.000 километри со полна батерија. Првпат се возеше од домашниот Зинделфинген до Касис, и потоа од Унтертиркхајм до Силверстоун.

Во екстремна жега беше најважно да се докаже системот за управување со температурата на батеријата и на погонот. Клима уредот цело време бил вклучен и тоа одземало само малку енергија, затоа што се користи топлинска пумпа. Тоа е усовршен вид на топлинска пумпа, што Мерцедес ја вгради во Концепт ЦЛА Класа од салонот ИАА во Минхен лани.

Техниката што работи во Вижн И-Кју-Екс-Екс ќе се користи во идната генерација е-модели, односно тоа е новата платформа ММА.

Во пустините се докажа и соларниот покрив. Тој се состои од 117 ќелии, што снабдуваат споредни потрошувачи. На возењето до Дубаи, ќелиите произведоа 1,8 кВч, односно тоа е енергија со којашто експерименталниот Вижн може да мине 24 километри. Намерата е оваа технологија да се вклучи во сериското производство.

Ова лабораториско возило што вреди веројатно десетици милиони евра, користеше и интелигентни системи што на возачите им помагаа да заштедат повеќе. Така, на пример, при возење во услови на силен страничен ветер, Вижн советуваше со која брзина е најдобро да се вози.

Вижн И-Кју-Екс-Екс досега има совладано 23.340 километри во тестирање. Мерцедес кажува дека возилото привлекло голем интерес, меѓу другото и со формата, којашто се одликува со коефициент на отпор на воздух 0,17.

Уште еден ексклузивен Мерцедес во Мак Аутостар од посебен вид

Претходна објаваМалечкиот електричен СУВ на Шкода се вика Епик, ценовникот ќе почнува од 25.000 евра
Следна објаваПоследниот Пасат од Емден, на негово место електрични автомобили

ОСТАВИ КОМЕНТАР

Please enter your comment!
Please enter your name here