Својствено за најголемите на автомобилската сцена, Mercedes еден ден пред официјално да биде отворен салонот ИАА во Минхен ја претстави идната генерација на CLA.
Моделот уште се води како концептен автомобил, меѓутоа станува збор за возило што е блиску до сериско производство. CLA се појавува како прв модел од новата генерација модели од компакт класата на Mercedes.
Според шефот за развој Маркус Шефер, автомобилот со батериски електричен погон постигнува завиден досег од 750 километри, што главно се должи на усовршената ефикасност во бројни подрачја. CLA ќе стартува со продажба во почетокот на 2025 година.
Како основа за новата генерација модели од компакт класата на Mercedes служи платформата MMA. Таа е развивана првенствено за електричен погон, меѓутоа е предвидено да се изведат и варијанти со приклучен хибриден погон, значи со мотор со внатрешно согорување.
Четирицилиндарските мотори за платформата MMA се развиени во соработка со Geely и ќе се произведуваат во фабриката во Јавор, Полска, како и во Кина. Дизелот веќе од оваа генерација на компакти заминува во минатото, откри директорот за развој Маркус Шефер, на прашање на новинарите.

Аеродинамичноста е оптимирана, погонската единица, заедно со батеријата, зналително е смалена, додека во исто време е зголемена моќноста. Првпат во сите модели на оваа платформа ќе се користи оперативниот систем од сопствен развој MB.OS. Софтверот ќе може да се обновува постојано и го подигнува постоечкиот инфо-забавен систем MBUX на ново рамниште.
За 15 минути на брз полнач се обезбедува енергија за следните 400 километри
Шефот за развој, Маркус Шефер, зборува за пресвртница во развојот: „Првпат во нашата историја имаме целосно владеење над податоците, електронската архитектура, пратечкиот софтвер, и секако, над хардверот“. Срцето на електронската архитектура е суперкомпјутер со водено ладење.
Автомобилот ќе може на соодветен полнач да наполни енергија за 400 километри пат за само 15 минути. Идниот електричен Mercedes CLA ќе може и да ја оддава енергијата од батеријата, за напојување надворешни потрошувачи, за поврзување со домот, па дури и со дистрибутивната мрежа. „Со тоа ќе може куќата да се напојува неколку денови“, најавува Шефер.

Батеријата има модуларна конструкција. Доколку купувачот не бара долг досег, може да се реши за LFP-батерија, којашто сепак нуди 500 километри досег. Погонската спрега доаѓа од сопствен развој и ќе се произведува во матичната фабрика во Унтертиркхајм, Штутгарт.
Со степен на ефикасност од 93 проценти во сериската изведба, идниот CLA постигнува речиси исти вредности со технолошкиот автомобил EQXX, којшто лани постигна рекорден досег од преку 1.000 километри.

CLA и натаму ќе биде достапен во комби-купе изведбата Shooting Brake. Бројот на модели во семејството компакти сепак ќе биде скусен значително. Од некогашните седум модели, во иднина остануваат само четири. Сосем е извесно дека комбилимузината A- и ванот B-Class повеќе нема да бидат дел од понудата. Во гамата се планира СУВ и нему сродна кросовер-изведба.
Електричните модели EQA и EQB ќе останат уште неколку години во понудата. Тие доживеаја моделско освежување и исто така може да се видат на салонот ИАА.
Производството на CLA ќе се одвива во Раштат. Подоцна моделот ќе почне да се произведува и во Кина. Во моментов се подготвуваат фабриките. Шефот за производство Јерг Бурцер ќе може со новата платформа да постигне фабриката да работи исто толку флексибилно како престижната фабрика Factory 56 во Штутгарт.

На иста линија ќе се произведуваат моделски изведби со електричен погон и со хибриден погон. „Ја зголемивме ефикасноста за 20 проценти“, најавува Бурцер. Тоа е прва фабрика на Mercedes што е проектирана виртуелно, со користење дигитален близнак. На тој начин се избегнуваат скапи преправки и модификации.
Новите модели од компакт класата ќе бидат позиционирани многу повисоко од досега
Повисокото позиционирање на новата генерација модели ќе се одрази и врз цената. Шефот на Mercedes, Ола Келениус, во разговорите по официјалниот дел кажа дека мора и натаму да постои влезен модел во Mercedes и дека тој сегмент нема да се запостави. Растот на марката во иднина сепак ќе биде префрлен на моделите од најскапите сегменти, каде што и маржата е повисока. Тоа значи дека во иднина ќе има помалку A-Class, а повеќе S-Class и G-Class.
















