за

Новите генерации на Mini на струја и од Кина

Mini Cooper и Mini Countryman стартуваат во нова генерација. Премиерата е на салонот ИАА во Минхен, производството е во Кина.

Mini ги лансира двата нови модели со целосно електричен погон, додека напредува по патот да прерасне во марка што по 2030 година ќе произведува единствено автомобили со погон на струја.

Градскиот модел Mini Cooper E/SE и компактниот СУВ-модел Countryman беа прикажани првпат во петокот, на настан за медиуми. Јавноста ќе може да ги види двата нови модели во живо на салонот ИАА Мобилити, што се одржува во Минхен, од 5-ти до 10-ти септември.

Mini Cooper веќе во втора генерација е достапен во електрична верзија, додека Mini Countryman првпат се нуди во изведба со погон само на струја. Во досегашната генерација, градскиот СУВ-модел беше достапен и во изведба со приклучен хибриден погон, со техниката од BMW X1.

Комбилимузинскиот модел со три врати ќе се произведува во Кина. Тековниот Mini Electric, претходно под ознаката Cooper SE, се произведува во фабриката на Mini во Оксфорд, Англија. Изведбата на моделот со мотори со внатрешно согорување ќе продолжи да се произведува во Оксфорд, до следната година, кога и таа ќе биде заменета со модел од новата генерација.

Новите Mini Cooper E и посилната и поскапа изведба SE, конструирани се врз платформа за возила со електричен погон, што е развиена од Spotlight Automotive. Тоа е заедничка компанија на BMW и на кинескиот Great Wall Motor, производител поознат по марките Haval, Ora и Poer.

Моделот со три врати отсега ќе се продава под ознаката Mini Cоoper на целиот светски пазар, за разлика од претходните генерации, кога додавката Cooper ја носеа моделските изведби со посилни мотори.

Батеријата во Cooper E располага со капацитет од 41 киловатчасови, што е доволно за досег до 305 километри. Cooper SE е поскапата изведба, со батерија од 54 kWh, со што се постигнува досег до 402 километри.

Моќноста на електромоторот во Cooper E достигнува 184 КС, додека во SE стојат на располагање максимални 218 КС. Посилната изведба спринтува до темпо 100 за 6,7 секунди.

Разлики има и во брзината на полнење. Техниката во Cooper E дозволува на брз полнач со еднонасочна струја да се полни со моќност до 75 kW. Наспроти тоа, Cooper SE може да полни со 95 kW, што значи дека соодветно и батеријaта ќе се наполни побрзо.

Countryman исто така се нуди во две изведби. Основната изведба се води како Countryman E, поскапата изведба ја носи ознаката SE ALL4, што значи дека располага со втор електромотор и погон на сите тркала.

Моделот е поголем во споредба со тековниот Countryman со мотори со внатрешно согоруивање. Од урбан СУВ-модел, Countryman во новата генерација преоѓа во класата на компактни СУВ-модели. Каросеријата на новиот модел е долга 4.433 метри, наспроти 4.299 метри на претходникот.

Новиот електричен Countryman ја дели платформата со компактниот модел BMW iX1, a со него ќе ја дели и производствената лента во фабриката на BMW во Лајпцих, Германија.

Mini претходно најави дека Countryman во новата генерација ќе биде достапен и во изведби со мотори со внатрешно согорување.

Основната изведба Countryman E располага со електромотор со моќност од 204 КС и постигнува досег до 462 километри. Посилната изведба SE ALL4 користи уште еден електромотор на задната оска, што дава системска моќност од 313 КС.

Со толку моќ, кросоверот спринтува до темпо сто за 5,6 секунди, во споредба со послабиот модел, на којшто му се потребни 8,6 секунди. Досегот на SE се смалува на 433 километри, поради двата електромотори.

Од британската марка не ја соопштуваат големината на батеријата, но за споредба, сестринската BMW iX1 располага со батерија од 64,7 kWh.

Mini ја вози првата електрична тура низ Македонија (Дел 1)

Со користење брз полнач со еднонасочна струја, Countryman може да полни со моќност до 130 kW.

Двата модели, Cooper и Countryman, го прикажуваат новиот дизајнерски јазик на Mini, којшто се води како „харизматична едноставност“ (Charismatic Simplicity). Според дизајнерите на марката, на тој начин се прикажува почист изглед што помалку го одвлекува вниманието.

Рачките на вратите се впуштени во каросеријата, за да се постигне каросеријата да изгледа мазно. Кусите каросериски превиси, што се својствени за Mini, задржани се и кај новите модели.

Верно на традицијата, двата нови модели располагаат со тркалезен дисплеј што е поставен средишно, со пречник од 24 сантиметри. При менување на режимот на возење се менува и изгледот на содржината во дисплејот, заедно со бојата на амбиенталното осветлување.

Mini применил различни материјали во кабината, вклучувајќи и платно, за на тој начин да се внесе помодерен изглед и да се направи замена за кожата и хромот. Сите платна за седиштата се изработени од рециклиран материјал. Како замена за кожата се користи вештачки материјал Vescin.

Mini Cooper SE ја вози првата електрична тура низ Македонија (Дел 2)

Mini лани продаде 98.788 примероци од моделот со три врати на европскиот пазар. Од нив, повеќе од една третина, односно 34.863 примероци беа од елеткричниот модел.

Продажбата на Countryman достигна 43.910 примероци, од кои 14.265 беа во изведбата со приклучен хибриден погон. Таква изведба нема да се нуди во новата генерација на моделот.

Mini Aceman пристига в година

Понудата од модели на Mini ќе се зголеми на три модели со воведувањето на малиот електричен СУВ со името Aceman. Британците го најавуваат дебито на моделот за април.

Преоѓањето на електрични возила било одговор на барањата на клиентите, кажува шефицата на марката Mini, Стефани Вурст. „Новото семејство е скроено за урбаните целни групи ширум светот“, открива шефицата.

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

BMW Neue Klasse е најголемата инвестиција во историјата на марката

Mercedes има нов CLA: Електричен досег 750 километри, дизел нема