BMW Neue Klasse е најголемата инвестиција во историјата на марката

За дизајнот на првиот батериски електричен автомобил од Neue Klasse, од новата класа на BMW, главниот стилист на баварскиот производител, Адријан ван Хојдонк, вели дека изгледот е доволно футуристички за да „изгледа како да сме прекокнале една генерација модели“.

BMW го најавува идниот електричен автомобил преку концептот Vision Neue Klasse, што ќе биде прикажан на салонот ИАА Мобилити во Минхен, од 5-ти до 10-ти септември.

Концептниот автомобил располага со дизајн што е „сведен на најосновното“, порачува BMW во соопштението со коешто ги објави првите фотографии од Vision Neue Klasse.

Класичните обележја на BMW, како што се „хофмајстеркник“ – заоблената линија во завршетокот на задните прозорци, бубрезите во предната маска и таканаречениот нос на ајкула, со предниот раб на хаубата што ја надвиснува маската, задржани се во новиот модел, меѓутоа се приспособени, за на возилото да му дадат попрогресивен изглед.

Големите прозорци, кутиестата форма на каросеријата и надуваните крила „создаваат нова естетика“, порачуваат од BMW.

Концептот е „блиску до автомобил од сериско производство“. Лимузината со големина на Серија 3 се планира да стартува со производство во 2025 година. Извршниот директор на BMW, Оливер Ципсе, им го сооошти тоа на аналитичарите за време на претставувањето на резултатите од деловното работење во јули.

Првите модели на BMW што ќе ја користат платформата Neue Klasse, што на германски јазик значи нова класа, ќе бидат лимузина и СУВ од средна класа. Двата автомобили ќе го користат електричниот погон eDrive од шестата генерација. Баварците ветуваат дека со новата технологија се постигнува ефикасност што е зголемена до 25 проценти.

Моделите конструирани врз платформата Neue Klasse ќе користат нови батерии со ќелии во форма на цилиндар. Со нив се постигнува за 20 проценти поголема енергетска густина во споредба со сегашните батериски ќелии, што имаат форма на призма. На тој начин, досегот што може да се помине со полна батерија се зголемува до 30 проценти.

Во внатрешноста нема да се користат хром или кожа, со цел да се подобри еколошкиот отпечаток.

Првите модели врз платформата Neue Klasse ќе се произведуват во новата фабрика на BMW во Дебрецин, Унгарија. Во тамошното производство нема да се користат фосилни горива.

Следните модели од Neue Klasse ќе се произведуваат во матичната фабрика на BMW во Минхен, почнувајќи во 2026 година. Истата година ќе почне и производството на модели во Кина.

Во 2027 година, следниот чекор ќе биде отпочнување на производството на автомобили врз новата платформа во фабриката на BMW во Сан Луис Потоси, Мексико

Главниот инженер на BMW, Франк Вебер, во соопштението наведува дека платформата Neue Klasse е „најголема инвестиција во историјата на компанијата“.

„Ние не пишуваме само ново поглавје на BMW, пишуваме сосем нова книга“, порача првиот човек во развојот.

Внатрешноста на Vision Neue Klasse ги сведува на најмала мера прекинувачите за ракување со функциите на возилото. Пристапот до нив се врши преку средишниот контролен дипслеј, преку прекинувачите на воланот и со гласовни команди.

Информациите ќе се прикажуваат на тенкиот дисплеј што BMW го нарекува Panoramic Vision и којшто се протега долж ветробранот. Таа го надополнува проекцискиот дисплеј и прикажува информации и за совозачот. Во возењето може да се смени бојата на дисплејот.

Предните седишта се потпираат врз подот со само еден држач. Со тоа се ослободува повеќе простор за стопалата на патниците на задната клупа. Таму се добиваат две засебни седишта.

 

View this post on Instagram

 

A post shared by BMW (@bmw)

BMW на салонот ќе ги прикаже и новите изведби со приклучен хибриден погон од Серија 5. Важна премиера има и сестринската марка Mini, којашто во Минхен ќе ги прикаже новите генерации на Mini Cooper и Countryman. Двата модели имаат електричен погон и се произведуваат во Кина.

BMW X1 на тест во Аутомедиа

Претходна објаваКоја уште би одолеала на парфем AMG
Следна објаваНовите генерации на Mini на струја и од Кина

ОСТАВИ КОМЕНТАР

Please enter your comment!
Please enter your name here