за

Народниот електричен автомобил на Volkswagen чини 25.000 евра

Концептот ID 2all се одликува со многу посовремен дизајн, во споредба со првиот концепт со којшто беше најавен достапниот електричен модел на Volkswagen.

Volkswagen ID 2all прикажува целосно сменет пристап во дизајнот на моделот, со којшто марката од Волфсбург ќе понуди достапен автомобил со електричен погон на пазарот.

Концептот ID 2all го доживеа своето прво појавување пред светот синоќа во Волфсбург. Претходниот концептен автомобил ID Life беше прикажан во 2021 година и следеше ретро пристап во изгледот, отстапувајќи од традиционалниот изглед на постоечките модели во гамата на германскиот производител.

Volkswagen цели да го понуди серискиот модел ID2 по цена под 25.000 евра, соопшти синоќа извршниот директор Томас Шефер.

Тој посочи дека придобивките од тоа што ID2 користи компоненти што се наменети за повеќе модели и марки во концернот, како и самото производство во Шпанија, каде што цената на работната рака е релативно пониска, овозможува да се постигне достапна цена на возилото.

Сериската изведба на Volkswagen ID 2 ќе има три варијанти – уште еден малечок модел од марката Volkswagen, нејзина изведба под знакот на Cupra, и секако, модел на Skoda.

Четирите електрични автомобили користат скусена изведба од електричната платформа MEB, којашто е основа за поголемите модели VW ID3 и ID4, како и за компактните електрични модели на Skoda и Audi.

Шефер откри дека Volkswagen планира да додаде уште еден електричен модел, што ќе чини под 20.000 евра. Шефот додаде и дека развојот на таков модел ќе биде „поголем предивик“, отколку пуштањето на ID2 на пазарот.

„ID2all не само што го најавува нашиот прв електричен автомобил под 25.000 евра, туку тој го прикажува и новиот дизајнерски јазик,“ кажа Шефер.

Концептниот автомобил е долг 4.050 милиметри, што е слично со градскиот модел Polo, но затоа располага со багажник од 490 литри, наспроти 351 литри кај традиционалниот модел што се нуди со мотори со внатрешно согорување.

Батеријата обезбедува досег до 450 километри. Volkswagen не наведува колку е точно капацитетот на истата

Според производителот, спринтот на ID 2all до темпо сто трае помалку од 7 секунди. Со можност за користење брз полнач со еднонасочна струја, батеријата може да се наполни од десет до 80 проценти за 20 минути.

Во внатрешноста се забележува дека се испочитувани забелешките на возачките и возачите, за ракувањето со функциите во ID3, коешто главно се темели на средишниот дисплеј. Во концептниот ID 2all постојат посебни, осветлени копчиња за клима уредот, како и копче за местење на силината на радиото, до коешто може да се посегне и од совозачкото седиште.

VW напомена и дека внатрешноста на автомобилот се одликува со „впечаток за висок квалитет.“

Стабилност, допадливост, возбуда

Изгледот на ID 2all е дело на новиот главен дизајнер на марката, Андреас Минт, кој е наследник на креаторот на ID Life, Јозеф Кабан.

Грубиот и ретро изглед на ID Life не му се допадна на Шефер, кој бараше дизајн што повеќе ќе се совпаѓа со традиционалните модели на Volkswagen.

ID2all се одликува со нагласени арки на крилата и со заден столб во стилот на Golf, којшто без прекин преоѓа во задното крило.

Новиот дизајнерски јазик на VW се потпира врз трите начела на стабилност, допадливост и ентузијазам, објаснува Минт.

Елементот на стабилност е застапен главно преку впечатливиот заден столб, за којшто Минт открива дека е инспириран од првиот VW Golf.

„Го пренесуваме генетскиот запис од нашите икони во иднината,“ вели Минт. „Препознатливиот заден столб на Golf е ‘рбетот на дизајнот на Volkswagen.“

Елементот на „допадливост“ го создаваат исправените делови во предната маска, коишто Минт ги опишува како „сигурна насмевка“.

Основната верзија на платформата MEB што ја користи ID 2all има погон напред, за разлика од платформата на ID3 и на останатите модели, коишто имаат погон на задната оска. Во концептот е вграден електромотор со 226 КС.

Опременоста на ID 2all е прилично богата за градски автомобил, со дисплеј од 12,9 инчи, дигитални инструменти, проекциски дисплеј и систем за полуавтономно возење Travel Assist.

„Скалестите ефекти на MEB ни овозможуваат без големи трошоци да ги интегрираме технологиите од повисоките класи“ во новиот концепт, открива Каи Груниц, прв човек за развој во Volkswagen.

Офанзива со електрични модели

VW ја најави сериската изведба на ID2 како еден од 10-те нови модели што ќе бидат пуштени во продажба до 2026 година. Во моделското семејство се опфатени идната верзија на миниванот ID Buzz со продолжено меѓускино растојание, лимузина од средната класа ID.7 и освежена изведба на ID.3.

Марката најави и нов компактен СУВ-модел со погон на струја, што ќе го носи моделското име ID Tiguan.

VW гради гигафабрика во Шпанија, во којашто ќе се произведуваат батериски ќелии за малите електрични автомобили. Фабриката во Сагунто, во предградитето на Валенсија ќе испорачува ќелии за фабриките на концернот Volkswagen во Марторел и Памплона.

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Кои летни гуми се вистинскиот избор: Голем тест на клубот АДАК

Уште 95 електрични автобуси Mercedes по улиците на Хамбург