за ,

Кои летни гуми се вистинскиот избор: Голем тест на клубот АДАК

АДАК половина век тестира автомобилски гуми. За овој јубилеј, беа тестирани дури 50 модели на гуми. Само десет од нив заслужуваат препорака.

Од десет модели на автомобилски гуми со оцена многу добро, до дури седум модели на гуми што се небезбедни за возење. Тоа се двете крајности меѓу коишто се одвиваше големиот тест на летни гуми на клубот АДАК. Димензија на гуми на тестот 205/55 R16 V.

Колку значи добриот избор на летни гуми, и воопшто колкаво е значењето на гумите за безбедноста на возењето, повеќе од доволно кажува податокот дека измерената разлика во патот на сопирање, меѓу гумите со најкус пат и гумите со надолг пат на сопирање, на тестот на АДАК изнесува цели 25 метри. Секако дека советите на експертите на германскиот клуб, најбројно здружение на возачи во Европа, важни се и за паричникот. Најскапите гуми, не мора да значи дека се и најдобри.

Гуми од сите ценовни категории што се застапени на германскиот пазар, што може да се купат во продавница или да се нарачаат онлајн, вклучени се во големиот тест на 50 модели на летни гуми, за 50-те години што ги одбележува клубот АДАК, тестирајќи летни гуми за доброто на возачите и на средината.

Како и при сите тестирања досега, екпертите укажуваат дека најдобра гума не е таа што трае најдолго или држи најдобро во свијоци, кога патот е сув, туку најдобри се гумите што постигнуваат високи резултати во сите подрачја на тестот.

Најважен критериум за оценувањето на гумите останува безбедносста. Својствата што одредуваат колку одреден модел на гума е безбеден при возење на сув, но и на влажен пат, учествуваат со 70 проценти во конечната оцена.

Абењето, влијанието врз потрошувачката на гориво и бучноста се оценуваат во збирната категорија што се води како биланс за животната средина. Оваа категорија учествува со 30 проценти во конечната оцена.

Гумите на тестот се поделени во четири групи, според оцената со којашто го минаа тестирањето. Во првата група се моделите што се покажаа најдобри на тестот годинава, со оцена многу добро.

Одмерени во секој поглед: Десетте модели со оцена многу добро

–Појаснувањата за германските поими во табелите се во завршетокот на тестот, до целосниот приказ на табелите се пристапува преку галеријата на завршетокот на тестот–

Релативно скапите премиум модели од Goodyear, Continental, Michelin и Bridgestone, и во големиот јубилеен тест се на врвот – дури, Conti има два модели, вклучувајќи ја новата гума UltraContact со намален отпор при тркалање. Покрај Nokian Tyres од Финска и Falken од Јапонија, врвната група ја дополнуваат корејските производители Kumho, Hankook и Nexen.

Првото место, со оцена 2,0, им припаѓа на исклучително хармоничните Goodyear EfficientGripPerformance 2, како и на Continental PremiumContact 6, којашто е мерило во поглед на безбедноста. Од зимоска е пуштен во продажба и новиот модел Premium Contact 7 во најзастапените димензии.

Големата група гуми со просечна оцена

Тестирани на VW Golf 8, оцена добро заслужија 21 модел на летни гуми во димензијата 205/55 R16 V. Во оваа група се наоѓаат и бројни модели од вторите марки на премиум производителите. Овие гуми имаат намалена оцена, затоа што покажале слабост во некој од клучните критериуми. Тоа обично се слабости во подрачје што не влијае премногу врз безбедноста, и поради тоа овие гуми може да претставуваат евтина замена за премиум гумите, доколку нивната слабост не им значи многу на возачите, во начинот и во условите во коишто тие ги користат своите автомобили.

Тука обично станува збор за мала слабост на влажна подлога, но оцената може да биде намалена и поради фактори што влијаат врз животната средина, на пример, ако гумата се троши повеќе од останатите.

Пример за гума од оваа група: Apollo Alnac во целина е мошне квалитетна гума, но поради поголемото абење, таа во овој критериум заслужи само оцена 3,5. Оваа гума доаѓа до дозволената граница на истрошеност од 1,6 милиметар по само 30.000 километри. За споредба: Мошне издржливата Michelin e.Primacy (вкупна оцена: доволно) минува пат од близу 72.000 километри.

Гуми што освоија само оцена доволно: Недостига баланс

Michelin e.Primacy се оценети со доволно и со тоа докажуваат дека старите целни конфликти во конструирањето на гумите, уште не може да бидат надминати. Оваа гума, што Michelin ја препорачува и за електрични автомобили, постигнува одлични резултати во поглед на абењето и ниската потрошувачка на гоприво. Но, проблем е кога мора да се вози по влажен пат: е.Primacy паѓа на тестот на сопирање. На влажен асфалт, од брзина од 80 km/h, француската гума запира по дури 43,7 метри – за споредба, Conti PremiumContact 6 запира по само 34,4 метри!

Иако има бројни предности во поглед на животната средина, оваа гума на крајот го завршува тестот со оцена доволно: Единствената протектирана гума на тестот, King Meiler Sport1.

Гумите што покажуваат недостатоци не се замена за добрите гуми

Гумите што не добија преодна оцена на тестот покажуваат недозволиво однесување на влажна подлога. Некои од нив дури имаат и одлични резултати во останатите критериуми. Најверодостоен пример за тоа: Кинеските гуми DoubleCoin DC99 се одликуваат со исклучително слабо абење и со нив може да се минат близу 65.000 километри. Но, за таа километража да се постигне, услов е со нив никогаш да не се вози по влажен пат и да не се наиде на опасна ситуација во такви услови. Со пат на сопирање од 59,3 метри од 80 km/h, овие гуми од Кина се опасност по животот, и за патниците во возилото, и за сите останати учесници во сообраќајот.

За примерот да биде уште поочигледен: На местото, на коешто тест-возилото со монтирани гуми Continental PremiumContact 6 веќе е запрено, со DoubleCoin DC99 се пројурува со брзина од 52 km/h. Судир со таа брзина веќе може да има сериозни последици. Затоа единствениот совет е, подалеку од овие гуми и сличните на нив.

Сите резултати за гумите на тестот, поделени во четири групи според оцените

–Појаснувања за германските поими во табелите–

Mittlerer Preis in Euro

Просечна цена во евра

Reifenlabel

Спецификација на гумата

Nachhaltigkeit

Одржливост за животната средина

Geräusch

Бучност

Effiizienz

Ефикасност (влијание врз потрошувачка на гориво)

Reifenabrieb

Трошење на гумата

Laufleistung

Километража

Umweltbilanz

Биланс за животната средина

Trockene Fahrbahn

Сува подлога

Nasse Fahrbahn

Влажна подлога

Fahrsicherheit

Безбедност во возење

Gesamturteil

Заклучна оцена

Gewichtung

Удел во оцената во %

 

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Единственото i-нешто што е поголемо од i-Phone: Десет години на Peugeot i-Cockpit

Народниот електричен автомобил на Volkswagen чини 25.000 евра