Концептот Skoda Vision 7S го прикажува најголемите од трите нови електрични модели што чешката марка планира да ги пушти во продажба до 2026 година.
Кросоверот со седум седишта прикажува нов дизајн и нови препознатливи обележја на марката, со коишто Skoda сака да се издвојува подобро од конкурентите, како и од останатите модели што ги нуди концернот Volkswagen.
Претставувајќи го Vision 7S во Прага, Skoda најави дека во следните пет години ќе вложи дополнителни 5,6 милијарди евра во електромобилноста и 700 милиони евра во дигитализација. „Значително ја забрзуваме нашата е-кампања,“ изјави извршниот директор Клаус Целмер.
Vision 7S го прикажува целосно новиот модел на Skoda, со којшто ќе се заокружи врвот во понудата од модели на марката. Останатите два нови модели со електричен погон ќе бидат ќе бидат градски автомобили и компактен кросовер.
Покрај електричните модели, Skoda в година ќе претстави нова генерација на моделот од средната класа Superb и на СУВ-моделот врз истата платформа, Kodiaq.
Новиот „робусен“ дизајнерски јазик на Skoda ќе ги одликува и сите останати нови модели што чешката марка ќе ги претсави во следните години. Концептот воедно ја прикажува и намерата на Skoda да го поедностави ракувањето со современите семејни автомобили со електричен погон и да ги направи порелаксирачки. За тоа да се постигне, се користат сензорски полиња што даваат повратен одговор при допирање. Уште една новина е камерата во детското седиште, чијашто слика се прикажува на средишниот дисплеј. „Ги преработивме решенијата што се докажани низ времето и храбро зачекоривме по нов терен“, изјави главниот дизајнер Оливер Стефани.
Vision 7S е изработен врз платформата MEB на концернот Volkswagen, којашто меѓу останатите ја користат СУВ-моделите Skoda Enyaq IV и Volkswagen ID.4. Батерија од 89 киловатчасови овозможува досег од преку 600 километри.
Главнината од содржините што се прикажуваат на вртливиот средишен дисплеј доаѓа од телефонот на возачката или возачот. Концептиот автомобил покажува дека концернот Volkswagen, што честопати е критикуван поради софтверските пропусти во ракувањето, постигнува напредок во подрачјето на софтверот од сопствен развој. Телефонот е прицврстен на таблата со магнети и може да се користи за далечинска контрола на инфо-забавниот систем.
Под дисплејот се три големи ротирачки прекинувачи. Страничните се за климатизацијата, средишниот прекинувач е за содржината на дисплејот и за ракување со менито.
Светлечка лента над маската ги поврзува светлата и создава графика со изглед на Т. Оваа форма се повторува и кај задните светла. Новиот лик „Tech-Deck“ е поширок и понизок во споредба со постоечките модели. Браниците, арките на крилата и заштитата на каросеријата се изработени од рециклирани гуми. Подот во кабината е изработен од истиот материјал.
За внатрешноста може да се избира меѓу две поставки: Едната е за возење, другата за релаксирање
Кога е избрано „возење“, дисплејот се исправува за командите да му бидат подостапни на возачот. Информациите може да се преместуваат по екранот за полесно да се пристапи до нив. При „релаксација“, односно во моментите кога автомобилот мирува, на пример при полнење, двете предни седишта се соборуваат и се свртуваат кон дисплејот. Така и патниците назад добиваат подобра прегледност на дисплејот, на којшто може, на пример, да се гледа филм пуштен преку телефонот.