за

Volkswagen ID.4: Од Скопје до Гевгелија и назад со струја колку за едно печено

Volkswagen ID.4 ни го приреди најкомотното возење електричен автомобил досега, без грижа дали батеријата ќе истрае.

Фолксваген ИД.4 на тестот на Аутомедиа, со возење до вториот брз полнач во цела држава, во Богородица, Гевгелиско.

Многу нешта околу електричниот погон се сменија. Досегот веќе е споредлив со автомобил со обичен мотор, со брз полнач се доволни 30 минути, и сето тоа се добива во удобен семеен СУВ од близу пет метри, точно каков што е Volkswagen ID.4. Техниката буи, законите се тие што имаат краток спој. Патешествие со електричниот СУВ од Скопје до Гевгелија и назад, со многу нови откритија за погонот што го менува светот.

Електричниот погон досега требаше да ни има здодеано во Аутомедиа. Пред две зими, Mini Cooper SE на нашата тура стана првиот електричен автомобил што направил целосна обиколка низ Македонија, во должина од преку 700 километри.

Со тие првични искуства, во следниот потфат се впуштивме уште посмело. Peugeot e-208, целосно електрична изведба на најпродаваниот автомобил во Европа лани, извозе чисто на батерија, до крајот во којшто не може да се стигне, ако со обичен автомобил со гориво на резерва се пропушти да се дополни на последната станица за гориво патем. Тоа беше возење до божествената Градешница, во битолско Мариово.

Третиот пат за среќа беше возењето целосно електричен Seres 3, долж течението на Треска, од кичевски Извор, преку Поречието и националниот парк Јасен, до Скопје. Целата оваа трилогија беше доволна за „новиот“ погон на струја да се провери и докаже во најразлични сценарија на возење. Без разлика дали во моментот се возеше по серпентините низ Јасен или беше стрмно качување од Скочивирската Клисура, електричниот погон ниту еднаш не остави на цедило и не приреди неочекувана ситуација.

Што сега му останува да докаже на Volkswagen ID.4, нацрпен до врв со зелена струја од фотоволтаичките панели на покривот на увозникот Порше Македонија? Многу нешта, почнувајќи од најсуштинското. Овој крупен СУВ од 4,6 метри е првиот електричен автомобил, што носи сигурно до одредиштето, било каде да е тоа во Македонија, но и враќа сигурно до поаѓалиштето, без притоа да треба да се дополнува батеријата. За разлика од сега, во сите претходни потфати, батеријата на Cooper, на e-208 и Seres, мораше да се полни.

Во функција на преодно скалило меѓу тест возењата на електрични автомобили во коишто секогаш беше предвидено полнење на батеријата по пат, и ова возење на ID.4 во коешто беше сосем непотребно за автомобилот да се приклучи на полнач, повторно се најде модел на Volkswagen, пионерскиот ID.3. И неговото поглавје беше историско, со него меѓу другото извозевме до соларниот парк на ЕВН во неготинско – и назад.

Како одредиште за најголемиот, најлуксузен, најскап, па и најмоќен целосно електричен автомобил што досега ни пристигнал на тест возење во Аутомедиа, го одбравме единствениот брз полнач што постои во Македонија, не сметајќи ги сопствените турбо-полначи на Порше, што им се појавуваат на сите светски патници што ќе се намерат да минат оттука.

Тој величествен полнач со 100 киловати моќност е поставен на паркиралиштето во кругот на првата станица за гориво на Макпетрол, што пречекува веднаш по влегувањето во Македонија, кај преминот Богородица. Мисијата со Volkswagen ID.4 ќе ни биде да се поклониме пред полначот, во чест на тој единствен вид во Македонија – којшто е останат уникат, не поради тоа што нашите компании не реагирале навреме да ја поздрават електромобилноста уште пред долги години, туку главно затоа што за електромобилноста уште немаат слушнато во „бивша це-ка“ на булевар Илинден.

ID.4 е најпродаван електричен автомобил во целиот концерн Volkswagen и се произведува во пет фабрики на три континенти

Volkswagen ID.4 е во моделската изведба Performance Pro, едно скалило над основната изведба Pro, со 204 КС, со батерија од 77 kWh, со луксузна опременост уште од старт. Синхрониот електромотор со постојана магнетна понуда е поставен паралелно со задната оска. Целата погонска единица, вклучувајќи го 1-степениот преносен механизам, диференцијалот и енергетската електроника, тежи само 90 килограми.

Батеријата од 77 kWh е иста за сите четири моделски изведби на ID.4, вклучувајќи го топ-моделот GTX со 299 КС и со два електромотори. Тежината на целиот батериски склоп изнесува 486 килограми. Одделните батериски ќелии се собрани во модули, коишто ги има вкупно 12 на број. Сé заедно е поставено во цврста рамка што штити од оштетување. Целината е сместена во лесно алуминиумско куќиште. Врз подот на куќиштето, значи под батериските модули, изведени се канали за ладење и греење на батеријата, по потреба.

Осумгодишната гаранција за батеријата, повеќе е осигурување дека таа по осум години ќе располага со најмалку 70% од првичниот капацитет, отколку што е наменета како осигурување дека таа нема да се расипе. Тоа е најголемата електро-заблуда на сцената и од незнаење е создадено убедување дека батеријата, божем по истекот на гаранцијата ќе се расипела. По осум години батеријата можеби ќе задржи и 85% од капацитетот, а доколку и бидне некаква неисправност, односно „пукне“ ќелија, ќе се смени само таа ќелија.

Батеријата тежи многу, но затоа електромоторот е далеку полесен од дизел со иста моќност, а исто и бројни помошни агрегати се непотребни

Во поглед на убедувањето дека ID.4 тежел „три тона“, и тоа е уште една заблуда. Со масивната батерија во подот, но и без сите дополнителни агрегати и уреди, почнувајќи од издувниот систем и завршувајќи со резервоарот, електричниот СУВ со своите 2,1 тони тежи точно 400 килограми повеќе од VW Tiguan Allspace 2.0 TDI DSG со преден погон и 150 КС. Луксузниот Touareg со трилитарски дизел тежи исто колку електричниот ID.4.

Уште една посебност на електричниот погон е сопирањето. Исто како што
вештината на сопирање им е важна на тркачите за да постигнат подобро време, така и на инженерите им е важно за секое забавување и сопирање да го искористат, за залетот на возилото да се претвори во електрична енергија и таа да се складира во батеријата.

Најголемото изненадување: Кога во секојдневни услови на возење ќе се притисне врз педалот за сопирање, забавувањето не доаѓа од сопирачките, туку точно од електромоторот. Единствено при нагло сопирање се активираат хидрауличните сопирачки, за да обезбедат максимална сила. Електромоторот ја покрива секоја потреба за сопирање, кога се бара забавување со вредност до 0,3 g, значи околу една третина од силата на гравитација. За пример, во секојдневно возење, не се надминува потреба да се сопира со повеќе од 0,25 g. Огледен пример од светот на падобранството: Електромоторот во ID.4 забавува со една четвртина од брзината на слободен пад, пред да се отвори падобранот.

Барабан сопирачки назад се подобро решение отколку дискови?

Тоа што назад се вградуваат барабан сопирачки, не е со цел за Volkswagen да заштеди, туку токму има за цел да обезбеди сопирачките да дејствуваат. Кога назад би имало диск сопирачки, на нивната површина би се појавила корозија – поради некористење. Толку ретко има потреба од задните сопирачки, и општо од хидрауличните сопирачки кај ID.4.

Кога системите во електричниот СУВ ќе регистрираат наредба за посилно сопирање, тогаш електричниот засилувач на силата на сопирање ги активира хидрауличните сопирачки. Возачката или возачот не чувствува промена и може со години и децении да го вози ID.4, без да знае како точно дејствува сопирањето во својот автомобил.

 

View this post on Instagram

 

A post shared by Automedia.mk (@automedia.mk)

Volkswagen применува различен пристап во поглед на рекуперацијата, односно повратокот на енергијата при сопирање, и општо, секогаш кога не се притиска врз педалот за забрзување. Додека некои марки намерно одат на принципот на „возење со еден педал“ и нивните електрични автомобили забавуваат толку силно при отпуштањето на педалот, што речиси нема потреба да се притиска врз сопирачките, Volkswagen ги пушта своите ID-модели да „едрат“ кога ќе се отпушти педалот за возење.

При спуштање по надолнина можело да биде посилно дејството на „моторно сопирање“, меѓутоа инженерите намерно го наведуваат возачот да притиска постојано врз педалот, затоа што така се полни батеријата – и најдоброто, притоа сопирачките воопшто и не се активираат, туку сопира електромоторот

Намерата е на возачот да не му се менува премногу навиката што ја има стекнато при возење со обичен погон. Избор на возачот е да го префрли преклопникот во B (Brake), за тогаш да се добие поосетно забавување кога ќе се отпушти „гасот“. Силата на забавувањето во тој режим изнесува до 0,15 g.

Целата убавина е тоа што командувањето со возилото во основа е исто како во автомобил со бензински или дизел мотор. А, тоа што е различно во ID.4 како електричен автомобил, многу е подобро во споредба со автомобил со обичен погон. Ако се воопштува грубо, возењето е исто како да се вози автомобил со автоматски менувач. Но, не каков било, туку автомобил со некој моќен и смирен V8 под хаубата.

Токму посебното чувство и уживањето во возењето електричен погон прави светот да се одушевува од електричниот погон и да му се приклонува. Лани во светот се продадени близу осум милиони автомобили со целосно електричен погон. Тоа се веќе десет проценти од продукцијата во сите фабрики за автомобили на целата Земја.

Volkswagen ID.4 е неочекувано убава кола – тоа што се гледа на слика и тоа што се доживува, се два различни света; Да не беше ID.4 електрична кола, ќе беше „само“ убава

Првиот впечаток кога човек ќе се најде покрај Volkswagen ID.4 е дека тоа е многу поголем автомобил отколку што изгледало на сликите и видеата. Со убава силуета, заносна дури. Каросеријата е како извајана, и тоа не е „само“ со цел за таа да изгледа убаво, туку да биде аеродинамична.

Откако ќе убеди дека 400 километри (во зимски услови) се сосем доволен досег за комотно да се отпатува до која било точка во државата – а надвор е веќе друга ситуација со полначите – оваа „необична“ крстосувачка ќе почне да изгледа уште позанесно. Така ќе почнат да се откриваат детали, како што се задните столбови во боја на алуминиум, црниот покрив или џиновските тркала од 19 инчи, со гуми со ширина 235 напред и 255 назад. Сега веќе поранешниот дизајнер на VW, Клаус Цикиора, претходно Бишоф, нацрта силуета што уште толку го издолжува автомобилот.

Посебна драма има во светлата, и напред и назад. Овие се дел од списокот со дополнителна опрема и се водат како пакет за стил, вреден 2.079 евра. Светлата IQ.Light се најскапата ставка екстра опрема кај тестираниот автомобил, но со нив е исто како да се добива уште еден автомобил за возење ноќе. Светлечката лента по целата ширина на носот исто така е дел од пакетот, заедно со светилките во рачките на вратите, динамичните задни трепкачи и уште многу светлосни ефекти.

Основните технички податоци, главните ставки од опремата и цената на тестираниот Volkswagen ID.4 во нашиот онлајн-каталог за сите нови автомобили на македонскиот пазар АВТОСАЛОН.МК

Volkswagen ID.4 Pro Performance

Електричниот СУВ одушевува во сите подрачја, почнувајќи од комфорното подвозје, преку тивкото возење, до моќноста на самиот погон, па сé до веројатно најголемото изненадување во поглед на возливоста. Овој близу петметарски автомобил од два тона, вози изненадувачки динамично, управливоста е на ниво на компакт, предвидливоста на однесувањето на подвозјето е оптимална, ID.4 е несомнено автомобил што ќе им одговара и на возачите што повеќе се за динамика во возењето.

Патувањето го имаше за одредиште брзиот полнач на граница, меѓутоа решивме да не го приклучуваме ID.4, за да се добие пореална слика за ситуацијата со полначите во Македонија. За само пет минути на полначот со 100 kW, електричниот Volkswagen ќе нацрпеше енергија за 50 километри. Затоа го приклучивме класичниот полнач со 22 kW и за помалку од половина час, ID.4 постигна досег од точно 300 километри.

Голема благодарност за вработените во ЕВН и во Макпетрол, коишто покажаа брза и стручна поддршка. По телефонскиот контакт со ЕВН, надлежно лице за полначите ни го возврати повикот и упати да се обратиме до вработените во станицата на Макпетрол, затоа што брзиот полнач се користи само со посебно овластување, односно со интерна картичка, различна од редовната што ЕВН им ја обезбедува на возачите на електричен автомобил.

Секако дека овие својства не се случајност, затоа што електричната четворка е прв модел на Volkswagen, каде што управувачката летва е поставена пред геометриската оска на предните тркала. Тоа дополнително го подобрува возачкото чувство. Во целината се надоврзува и задната оска со пет водилки, вклучувајќи и примена на алуминиумска легура за дел од нив, потоа носечката рамка на задната оска, што преку еластична врска е споена со каросеријата, а не отсустува и системот што имаше премиера во марката, во Golf 8, ценетиот менаџмент на возната динамика, којшто главно ги контролира сопирачките напред, за да обезбеди функција на блокада на диференцијал.

Volkswagen ID.4 прво одушевува како автомобил, а потоа и како електричен автомобил

Многу изненадувања во електричниот Volkswagen ID.4, којшто требаше да биде „само“ СУВ-изведба на ID.3, модел што веќе беше на тест во Аутомедиа. Тоа се два наполно различни автомобили, со различен карактер и различна целна група, двата одлични и во електричниот погон. „Четворката“ лани беше најпродаван електричен модел во целиот концерн, со производство во пет фабрики на три континенти – две во Германија, две во Кина, една во САД. Вкупно 170.000 продадени примероци од ID.4, вкупно електрични автомобили на Volkswagen досега, 680.000 примероци.

Цената на ID.4 во основната изведба со 174 КС изнесува 56.408 евра, додека ID.4 во верзијата со 204 КС, како на тестот, чини 58.139 евра. Електромобилноста веќе функционира секаде во светот. Автомобилската политика е таа што треба да им даде вредност на електричните автомобили, а тоа кај нас постои само во форма на ослободување од акциза – вистинска субвенција, што реално ја смалува цената на автомобилите и ја донесува до ниво на модел со обичен погон, уште не постои.

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Електричниот Volkswagen Tiguan ќе има различен дизајн од ID-моделите

Mercedes уште годинава ќе ги најави наследничките на A- и B-Class