Mercedes уште годинава ќе ги најави наследничките на A- и B-Class

Во текот на годинава може да се очекува Mercedes-Benz да ја прикаже новата генерација модели од компактната класа, коишто ќе се засноваат врз новата платформа MMA, најави извршниот директор Ола Калениус.

Штутгартскиот производител на автомобили ќе продолжи со продажбата на автомобили од компакт класата, иако става сé посилен нагласок на моделите од највисокиот ценовен сегмент. Просечната цена на сите нови автомобили Mercedes-Benz, што биле продадени во минатата година, изнесува околу 73.000 евра. Тоа се 43 проценти повеќе во споредба со просечната цена во 2019 година. Mercedes-Benz Cars со новата стратегија притиска повеќе на своите најскапи автомобили, вклучувајќи ги моделите од луксузната марка Maybach, ексклузивците со високи перформанси на AMG, како и теренскиот G-Class.

Стратегијата со којашто Mercedes-Benz им се посветува на моделите од врвот на својата понуда, поттикна прашања околу тоа дали марката ќе продолжи со продажба на модели од компакт класата. Тоа го изјави шефот Келениус, при објавувањето на финансиските резултати за 2022 година.

На прашањето, дали во иднина ќе се вложува во помалите автомобили, Калениус одговори: „Кусиот одговор е, да.“

Тој додаде: „Вниманието сепак ќе биде насочено кон моделите за коишто веруваме дека ќе бидат најуспешни во светски рамки. Подоцна во текот на годинава би можеле дури и да прикажеме како ќе изгледа таа иднина.“

Mercedes-Benz моментно има седум различни моделски изведби во компакт класата, коишто се конструирани врз платформата MFA2: Комбилимузината со пет врати A-Class, ванот B-Class, лимузинската A-Class, купе-лимузината CLA, купе-комбито CLA, СУВ-моделот GLA (исто и во електрична изведба EQA) и СУВ-моделот со седум седишта GLB (вклучувајќи електрична изведба EQB). Во Кина дополниелно се нуди и продолжена изведба на A-Class Sedan.

Во следните години понудата ќе се сведе од седум на четири различни моделски изведби

За разлика од идната платформа MB.EA којашто е развиена исклучиво за целосно електрични возила, MMA ќе биде основа и за модели со мотор со внатрешно согорување – иако и таа е развиена првенствено за модели со целосно електричен погон. Првиот модел од новата генерација се очекува да почне со продажба веќе в година.

Mercedes-Benz EQA Concept од 2017 година, со дизајн на Славче Таневски; Огромна е веројатноста дека оваа форма ќе ја одликува новата генерација на компакт-моделите на Штутгарт

Сегментот на модели од „основната понуда“, каде што влегуваат и околу 20.000 возила од марката март, лани учествуваше со 595.916 возила во вкупната продажба на патнички автомобили на Mercedes-Benz од 2,04 милиони примероци. Тоа се околу 29 проценти.

Уделот на компактните модели е намален за 2 проценти во споредба со 2021 година, додека вкупната продажба на марката порасна за 5 проценти. Продажбата во „врвниот“ сегмент се зголеми за 9 проценти, а напредуваше и „матичната“ понуда за 8 проценти.

„Основен луксуз“

Калениус ја опишува новата стратегија на Mercedes-Benz со компактните модели како „влезен луксуз“. Шефот планира да ја зголеми цената за компактните модели, како дел од стратегијата, за вкупната маржа на марката да се приближи до целните 14 проценти.

Mercedes во март 2022 година им најави на аналитичарите дека моделите од основната понуда ќе имаат значително смален удел во вкупната продажба на марката по 2026 година.

Претходна објаваVolkswagen ID.4: Од Скопје до Гевгелија и назад со струја колку за едно печено
Следна објаваВака изгледаше далечниот предок на Peugeot Inception пред 35 години

ОСТАВИ КОМЕНТАР

Please enter your comment!
Please enter your name here